Молитвена песна кон Бог – Воскресителот на мртвите

Се израдував кога ми рекоа дека Господ ќе ни дојде и мртвите ќе ги воскресне, и дека ќе се исполни надежта на сите упокоени.

Благословен нека е Оној што смртта ја направи непоткуплива, оти таа подеднакво ги прима и добрите и злите!

Душата за која прибежиште бил Крстот Твој, нека ја види милоста Твоја и Денот на Доаѓањето Твое.

Не сум постоел, но Ти од прав си ме создал; сега кога се упокоив, воскресни ме за да Те прославам.

Ти, Христе, Цару наш, Кој од висините си слегнал, мртви воскреснуваш и тие што се во гробовите ги подигаш.

Воскресни ги, Сине Божји, сите наши упокоени и облечи ги во славата на Царството Твое!

На гласот на Синот ќе се отворат гробовите и мртвите ќе станат за да принесат пофалба.

Ново сонце ќе засветли над упокоените, и од гробовите свои на Христос пофалба ќе Му принесат.

Христос слегнал заради наше искупување, ќе дојде заради нашето воскресение.
Помилуј ме, оживотвори ме, прости ми ги долговите мои, да ја видам милоста Твоја во Денот на доаѓањето Твое.

Се изврши волјата Твоја; заповедта Твоја ме одведе одовде; по милоста Своја воскресни ме, за да станам и да Те славам!

Нека е благословен Христос, Кој ја воскреснал умртвеноста наша, и им ветил живот и надеж на упокоените.

Го прославувам и Му се поклонувам на Синот, Кој нѐ избавил од ропството на човекоубиецот – смртта.

Ти, Оче, Кој од почетокот од прав Си ме создал, помилуј ме и оживи ме, да ја славам благоста Твоја!

Слава Тебе, Исусе, Спасителу наш! Во Твоите раце е смртта, и во Твојата волја – животот.

Слава на Отецот, славословие на Синот и Духот Свети, Кој нѐ воскреснува!

Он ја уништува смртта, ветува воскресение, и сите праведници ќе станат во слава.
Верувам во Отецот, Го славословам Синот, Му се поклонувам на Светиот Дух, Воскресителот мој!

Преподобен Ефрем Сирин

Повеќе ...