Молитви кон Свети Нектариј Егински

Прва молитва

О, мироточива главо, светителу Нектариј, Божји архиереју!

Во времето на големото отстапништво и безбожништво, си засветлил со побожност и си му ја скршил главата на прегордиот ѓавол, кој нè рануваше.

Заради тоа, Христос ти дарува да лечиш неизлечиви болести, кои нè спопаднаа поради нашите беззаконија.

Веруваме дека те засака Бог бидејќи си праведен, па заради тебе да нè помилува нас грешните, да нè разреши од проклетството, да нè избави од болестите и во целата вселена да се слави Неговото страшно и преславно име, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови.

Амин.

Втора молитва

О, свет Нектариј, богомудар отче! Прими го, чувару на православната вера, исповедувањето на луѓето со Христовото име, кои денес се собраа во храмот до Божјата благодат која живее во тебе.

Веста се рашири низ целата земја дека ти, голем меѓу светиите, Божји угоднику, се јавуваш на сите страни на светот на оние кои го призиваат твоето име и дека на болните од рак им даруваш исцеление.

Слушнавме за свештеникот Нектариј, кој подигнува храм во твое име, со големи маки, бидејќи боледуваше од рак на градите и секој ден крв му истекуваше од раните и многу страдаше, но не го оставаше светото дело.

А ти, многумилостив светителу, одеднаш се симна од небото и пред него се појави во храмот. Тој, пак, за тебе мислејќи дека си собрат и еден од смртните, од тебе побара да се помолиш и рече:

„Многу сум болен, но сакам да подигнам свет храм, само еднаш во него да отслужам света литургија заедно со парохјаните, а потоа и да умрам, бидејќи не се плашам од смртта“.

А ти отче, иако беше бестелесен, своето лице со солзи го ороси!

И прегрнувајќи го страдалникот, го целиваше и му рече:

„Не тагувај, чедо мое, бидејќи бргу ќе оздравиш, зашто си искушан со болеста. И сите ќе дознаат за ова чудо“.

Овој, пак, исцелувајќи се, разбра со кого зборува, но ти тогаш стана невидлив.

О, голем Христов угоднику, Нектариј!

Тој храм денес е довршен и твоите чудеса се умножија како морето! Ние сфативме дека молитвите на праведникот треба да бидат поддржани од нашата усилба за Божјата служба и со решеност да умреме заради Христа, за да оздравиме.

Отче праведен, те молат твоите болни чеда: со нас да се исполни Божјата волја, добра, угодна и совршена, бидејќи Бог не ја сака смртта на грешникот, туку грешникот да се обрати и да биде жив.

Ти, пак, пророку на Божјата волја, исцели нè со своето благодатно јавување, да биде голем Бог на Небесата и на земјата во сите векови!

Амин.

Originalen post ...