МУ СЕ ПОТЧИНИВ НА ГРЕВОТ…

„…Го мразам гревот, но живеам во страстите; се откажувам од беззаконијата; но без да сакам му се покорувам на задоволството.

Јас му ја потчинив мојата природа на гревот и тој, откако ја поткупил мојата слободна волја, прави насилство над мене.

Како река ме заплискуваат страстите, затоа што умот мој го соединив со телото и не можам да ги разделам.

Брзам да ја изменам мојата слободна волја, но претходната моја состојба ми се противставува во ова.

Се обидувам да ја ослободам мојата душа, но ми попречува мноштвото на моите долгови.

Ѓаволот е лош заемодавач; никогаш не напомнува долгот да му биде вратен. Тој дава штедро, а не напомнува за враќање на долгот.

Сака само да нѐ зароби, а долгот не го бара; ни позајмува затоа што сака да  се богатиме во страстите, па затоа она што ни го дал, не дава да му го вратиме.

Јас сакам долгот да му го вратам, а тој кон стариот долг и нов ми додава. А кога го принудувам да го земе, тој и нешто друго ми дава, за да се види дека му давам од она што ми позајмил.

Со нови долгови ме натоварува, зашто дотогашните страсти ги уништува со други, кои дотогаш не биле.

Се чини дека стариот долг е платен, а ме вовлекува во нови страсни обврски, воведува во мене нови пожелби.

Ме тера да молчам за моите страсти и да не се исповедувам, убедувајќи ме да се стремам кон нови страсти, кои како да не се вредни.

Свикнувам со страстите што дотогаш сум ги немал и, расејуван од нив, доаѓам во состојба: претходните страсти да ги заборавам.

Склучувам договор со оние што дошле однадвор и одново станувам должник. Се приврзувам кон нив како кон пријатели и оние шо ми дале заем – пак стануваат мои господари.

Јас сакам да се ослободам, а тие одново роб за продажба ме прават. Брзам врските да ги разврзам, а со нив се врзувам.

Се трудам да се избавам од војувањето под знамињата на страстите; но поради нивното засилување и нивните дарови, станувам управител на нивниот дом…“

&

Originalen post ...