Свети Јован Златоуст
КАКО ДА ЈА ПРИМИМЕ СВЕТАТА ПРИЧЕСТ

“Знам дека многумина од вас наскоро ќе дојдат и ќе пристапат кон таа духовна трпеза.

За да не биде на наша штета и осуда, а да добиеме спасение на душите, јас уште отсега ве предупредувам и искрено ве молам да се очистиме самите себе од секакво зло и тогаш да пристапиме кон светите Тајни!

Никој да не вели: јас сум покриен со чад, совеста ми е полна со гревови, носам тешко бреме од пороци, не сум достоен за таа трпеза!

Пет дена се доволни за да се очистиш од множеството гревови: ако духовно се отрезниш, ако покајно се молиш, ако си бодар од се срце. Ти не гледај на тоа што времето е кратко, туку насочи се во друго:

дека Господ е милостив и човекољубив. Ниневитјаните и за три дена успеале да се ослободат од Божјиот гнев и ни најмалку не им попречила кратко-трајноста на времето да пројават усрдност, да покажат покајание, да постигнат се со помош на човекољубивиот Господ.

И блудницата кога пристапи кон Христа, за еден миг ја исчистила од себе сета нечистотија, и кога Јудејците негодувале против Христа, бидејќи и дозволил да дојде при Него и и дозволил толкава храброст, Он им ја затворил устата, а нејзе и простил и ја отпуштил.

Зошто, така?

Затоа што блудницата пристапила кон Христа со срдечно расположение, со огнена душа, со вера, и се дофатила до светите нозе на Господа, расплела коси, пролеала солзи и разлеала миро.

Со она што ги соблазнила Јудејците, со тоа и постигнала покајание; со она што ги возбудила погледите на страстливите, со истото пролеала обилни солзи; со тие коси, со коишто вовлекла многумина во грев, со истите таа ги истрила нозете на Господа.

Со она миро, со коешто ги примамувала душите, со него таа обилно Го помажала Господа Исуса Христа.

Така и ти, човеку, со она со коешто си Го прогневил Бога, со истото можеш и да Го умилостивиш.

Ти си Го прогневил со кражба на пари, умилостиви Го со враќање на украденото и со благотворение од тебе, како што сторил Закхеј.

Ти си Го прогневил Бога, тогаш кога си се обидел многумина да злословиш; ти пак умилостиви Го со чисти молитви, со благословување на оние кои си ги злословил и ќе им простиш на злоречивите и ќе им благодариш на тие што те сакаат.

За сето тоа не е потребно многу време. Спасението не се раѓа од големината на деновите, туку од квалитетот на покајанието.

Соединувањето со светите Тајни, всушност, е примање на Царот на Царевите во својата душа, а кајшто пристапува и влегува Царот, таму треба да има чистота, срдечна љубов, длабок мир, искрена вера и преданост како од син.

Тогаш и Царот е задоволен и слугата е радосен”.

Преподобен Гаврил Светогорец, епископ Велички

Originalen post ...