(Покајанието патот во Царството Божјо – Старец Филотеј Зервахос)

Со покајание се учиме во љубовта Божја.

Сите чесни и смирени луѓе кои што се послушни и воздржани и кои што се каат за своите гревови веќе се на Небото и го гледаат нашиот Господ Исус Христос во слава, ја слушаат Херувимската песна и забораваат на се` земно.

А ние скитаме по светот како прашина која ветерот ја носи и умот наш за земјата е врзан.

О, немоќен е мојот дух! Тој се гаси како пламенче од слабиот ветер; а духот на Светителите гореше силно, како несогорливата капина (2. Мојс. three,2).

Кој ќе ми даде таков жар, што ни ден ни ноќ спокојство да немам без Божјата љубов.

Голема е љубовта Божја.

Заради неа Светителите сите неволји ги истрпувале и со неа силата на чудотворставата ги достигнале.

Тие исцелувале болни, мртви воскреснувале, по вода оделе, за време на молитва во воздухот лебделе, со молитвата своја дожд од небото измолувале.

„Помилуј ме мене Боже, малото создание Твое!“

Пишувам за љубовта Божја, а самиот недоволно го сакам Бога и затоа сум жалостен и тагувам како Адам кога беше изгонет од Рајот и плачам во вапај:

„Помилуј ме мене Боже, малото создание Твое“.

Колку ли само пати ми ја даваше благодатта на Светиот Дух, а јас не ја сочував, зашто горда е мојата душа; но, сепак, таа Те познава Тебе, Творецот и Господ свој и затоа со солзи Те бара, како што Јосиф плачеше за татка си на мајчиниот гроб, кога го водеа на ропство во Египет.

Те ожалостив со своите гревови и Ти заминуваш од мене и тагува душата моја за Тебе.

О, Духу Свет, не оставај ме!

Кога Ти одиш од мене, зли мисли ме напаѓаат, тагува за Тебе душата моја со солзи горчливи.

О, Пресвета Владичице Богородице, Ти ја гледаш тагата моја; Го разжалостив Господа и Тој ме остави; но Твојата благост ја молам:

Спаси ме мене, паднатото создание Божјо; спаси го слугата Твој.

Ако простиш, значи дека и тебе Бог ти прости.

На милостивиот човек Господ веднаш му ги простува гревовите.

&

Милостивиот не памети зло.

Дури и кога ќе го навредат и имотот ќе му го одземат, тој останува рамнодушен, зашто знае за милоста Божја, која што никој од луѓето да ја одземе не може, зашто таа е Висока – таа е во Бога.

Превод: Мина Даниловска

Повеќе ...