БЛАГОДАТНО СРЕДСТВО ЗА ОЖИВУВАЊЕ НА НАШАТА МРТВА ДУША

Доколку искрено сакаме да го откриеме скриеното благодатно семе во нас, што поскоро да побрзаме и да се навикнеме на вежбањето на срцето, т.е. во срцето да ја имаме невидливата молитва (која ги исклучува сите помисли и фантазии), која ќе го загрее, разгори, и во него ќе предизвика неискажлива љубов кон Господ.

Оние што сѐ уште го немаат дејството на молитвата треба многу да се молат, дури и без мера, т.е. непрестајно да бидат во состојба на молитвословие за од преболниот молитвен труд да им се разгори срцето.

Потоа ќе започне дејството на молитвата во нив. Оној, пак, што на крајот ќе ја вкуси таа благодат, треба да живее во умната молитва, како што заповедале Отците.

Ете го благодатното средство за оживување на нашата мртва душа:

тоа е Божествено, едноставно, секому достапно и лесно за исполнување.

Тоа е голем и богат дар од Господ, даден на бедните и грешни човечки созданија, поробени од демоните.

&

Тоа е последниот, величествен и совршен дар, подарен од совршениот Бог во тајната на светото Боговоплотување, кој нѐ спасува од од тоа ропство.

Ете го благодатниот дар: да се спасуваме со непрестајното изговарање на Неговото име. Со други зборови, треба да се молиме со Исусовата молитва.

„Молењето со Исусовата молитва е дадено од Бога. Не преку пророците, ниту со посредство на апостолите или ангелите, туку од Самиот Божји Син и Бог“, вели Епископот Игнатиј.

Господ Исус Христос „по Тајната вечера“ (помеѓу останатите највозвишени, конечни заповеди и ветувања) укажа и на молењето со Неговото име.

Тој, на тој начин, молењето го даде како нов, необичен дар, како подарок со непроценлива вредност.

Апостолите веќе делумно ја знаеле силата на Исусовото име: тие со него лечеле од неизлечиви болести и покорувале, победувале, врзувале и прогонувале лоши духови.

Господ заповеда тоа најмоќно, чудесно име да се користи во молитвите, ветувајќи дека со него молитвата ќе добие особено дејство:

„И што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го направам, за да се прослави Отецот преку Синот.
Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе ви го направам“ (Јован 14, 13-14);

„Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот во Мое име ќе ви се даде. Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за вашата радост да биде полна“ (Јован 16 23-24).

О, каков дар!

Тој е гаранција за бесконечните и бесмртни богатства!

Тој истекол од устата на безграничниот Бог, Кој се облекол во ограниченото човештво и Кој е наречен со човеково име – Спасител.

Тоа име по својата надворешност е ограничено. Меѓутоа, ја претставува неограничената Ипостас – Бог, неограниченото Божјо дејство, Божјите својства и сила.

Старец Јован Рижиски

Originalen post ...