Title : ОБРЕЗАНИЕ НА ИСУС ХРИСТОС! Дојдете луѓе, да Му пееме песна на Христа Бога…

ОБРЕЗАНИЕ НА ИСУС ХРИСТОС! Дојдете луѓе, да Му пееме песна на Христа Бога…

Example User · 6 months ago

Обрезание по тело на Господ наш Исус Христос

УТРЕНА

Тропар, глас 1.

Ти, Кој седиш на огнозрачен престол на висините, со Твојот беспочетен Отец и со Божествениот Дух, си благоволил да се родиш на земјата од неискусомажна девојка – Твојата Мајка, Исусе! Поради тоа си бил и обрезан како човек осмодневен. Слава на Твојот себлаг совет; слава на Твоето снисходење, единствен Човекољупче!

Канон. Творба Стефанова. Глас 2.

Песна 1.

Ирмосː Дојдете луѓе, да Му пееме песна на Христа Бога, Кој го раздели морето и ги преведе луѓето, што ги изведе од ропството египетско, зашто се прослави.

Осмиот ден, кој е слика на идниот век, се просветлува и осветува со Твоето доброволно осиромашување, Христе, зашто во него, според законот, се обреза телесно.

Христос прима обрезание во осмиот ден од Своето раѓање, и денес ја отстранува неговата слика, зарејќи ја светлината на новата благодат.

Богородиченː Кој може достојно да го искаже твоето надумно зачнување на Словото, Сечиста, зашто Го роди Бога по тело, Кој ни се јави како Спасител и Господ!

Катавасија, првиот хор го пее ирмосː Крепкиот Господ во борбите, го откри дното на бездната и Својот народ го преведе по суво, а во неа ги потопи непријателите, зашто се прослави.

Вториот хор, ирмосотː Израил тргнува да ја мине брануваната морска бура, и веднаш им се покажува суво дно (на морето), но Црвеното море, како воден гроб, ги покри египетските војводи, со крепката сила на Господовата десница.

Песна 3.

Ирмосː Утврди нѐ во Тебе, Господи, Кој со дрвото (крсно) гревот го умртви, и стравот Твој всади го во срцата на нас коишто Ти пееме.

Предвечното Слово се воплотуваше, и заради престанување на законот се обреза, а почеток на божествената благодат и нераспадлив живот ни подаде.

Христос, Кој се воплоти, се покажа исполнител, а не противник на законот Божји, и во осмиот ден доброволно се обреза.

Богородиченː Бессемено во утробата си Го зачнала, и воплотен неискажливо Го роди Бога, Кого не смеат да Го гледаат ни силите небесни, Чиста Приснодево.

Катавасија, првиот хорː

Господ Кој на царевите наши им дава сила, и Кој достоинството на Своите помазаници им го издигнува, се раѓа од Дева и оди на крштевање. Нему, верни, да Му повикамеː Никој не е свет како нашиот Бог.

Вториот хорː

Ние кои се ослободивме од древните замки, бидејќи се скршени забите на дивите ѕверови, да ги отвориме устите и да се радуваме, плетејќи слово (пофално) од слаткопојни зборови, за да Го прославиме Словото, Кое нѐ насладува со Своите дарови.

Кондак, глас 3.

Господарот на вселената трпи обрезание и, како добар, ги отстранува човечките прегрешенија; денес на светот му дава спасение, а во висините се радува и Создателовиот светлоносен јерарх и божествен Христов тајник Василиј.

Седален, глас 4.

Господи, Кој си бездна на човекољубие, Ти прими изглед на слуга и телесно се обреза, дарувајќи им ја на сите луѓе Твојата милост голема.

Песна 4.

Ирмосː Го слушнав, Господи, гласот на Твојата промисла, и Те прославив, единствен Човекољупче.

Обрезанието престана, откако Христос доброволно се обреза, спасувајќи мноштво народи со благодатта.

Осмиот ден во којшто се обреза Господ, го изобразува вечниот живот во идниот век.

Богородиченː

Те молиме, Чиста, која Го зачна Бога бессемено, секогаш да се молиш за твоите слуги.

Катавасијаː

Твојот глас, Господи, го слушна оној што го нарече Гласот на оној што вика во пустината, кога загрме над многуте води, сведочејќи за Твојот Син; целиот проникнат од Духот што слезе, тој извикаː Ти си Христос, Божјата Мудрост и сила.

Вториот (хор)ː

Пророкот, откако се очисти со огнот на тајното созерцавање, пеејќи ја обновата на луѓето, со гласот што му трепери од Духот, го навестува неискажливото воплотување на Словото, Кое ја скрши моќта на силните.

Песна 5.

Ирмосː

Господи, Подателу на светлина и Создателу на вековите, упати нѐ во светлината на Твоите заповеди, бидејќи, освен Тебе, друг Бог не знаеме.

Откако неискажливо излезе од Мајка Дева, Господи, и воопшто не презре да се облечеш во изглед човечки, уште како дете законски го исполни Законот.

Таа што го роди Израила, може да се спореди со ноќта, сакајќи ја сенката на законот; од неа, пак, се јави Христос, Кој е Светлина на вселената.

Богородиченː

Тебе, која Го роди Христа – Создателот на сите, ти викамеː Радувај се, Чиста! Радувај се ти, од која ни огреа Светлината! Радувај се ти, која Го смести Бога несместливиот.

Катавасијаː

Исус, Изворот на животот, доаѓа да го ослободи првосоздадениот Адам од осудата; иако како Бог немаше потреба од очистување, во Јордан го очистува паднатиот (Адама). Откако во него го уништи непријателството, Он дарува мир кој секаков ум надминува.

Вториот (хор)ː

Измиени од темниот и валкан отров на непријателот, преку духовното очистување, тргнавме по нова неизвалкана патека, која нѐ воведува во радоста непристапна, до која имаат пристап само оние што Бог ги измирува.

Песна 6.

Ирмосː Голема гревовна бездна ме окружува; но, како пророкот (Јона) Ти викамː Господи, изведи ме од распадливоста.

Дојде крајот на Законот, зашто Христос како дете прима обрезание исполнувајќи го Законот, и законската клетва ја разреши.

Саботите и обрезанието, кои беа гордост еврејска, престанаа по заповед на Христа Кој се јави, и благодатната пролет засветли.

Богородиченː Спаси ги од неволи слугите твои, Богородице, зашто сите ние, после Бога, кон тебе прибегнуваме, како неразрушлив бедем и застапница.

Катавасијаː

Гласот на Словото, светилникот на Светлината, ѕвездата Деница што му претходи на Сонцето – (Јован) Претеча во пустината им вика на сите луѓеː Покајте се, и очистете се, зашто, ете, доаѓа Христос Кој светот го избавува од распадливоста.

Другиот (хор)ː

Со Својот себлажен глас, Отецот го објави Оној што го изговори од Својата утроба, велејќиː Овој е Мојот возљубен едносуштен Син, Кој светлозарно изникна од родот човечкиː Моето живо Слово, а и човек по промисла.

Песна 7.

Ирмосː Твоите три млади момчиња ја отфрлија безбожната заповед да ѝ се поклонат на златната статуа, подигната во Деирската долина, но среде огнот фрлени, поросени пеејаː Боже на татковците наши, благословен си.

Светло и пресветло е раѓањето Христово, кое денес ни ја покажува тајната на идното обновување, зашто Спасителот е обрезан според законот, не како Бог, ами како човек, исполнувајќи го законот.

Исполнувајќи го законот, Творецот на законот денес доброволно се обрезува, отстранувајќи ја на тој начин гревовната зима, и овозможувајќи ни да пеемеː

Боже на татковците наши, благословен си.

Бгородиченː

Тебе Пречиста, Мојсеј те предвиде на Синајската Гора во огнената капина, која несогорливо го прими неподносливиот зрак на неискажливото Суштество, Кое се соедини со дебелината на телото, останувајќи Еден во Светите Ипостаси.

Катавасијаː

Набожните момчиња, фрлени во огнената печка, ги запази неповредени дувањето на еден росоносен ветар и слегувањето на ангел Божји. Затоа, поросени во пламенот, благодарствано пеејаː Највоспеан Господи и Боже на татковците, благословен си.

Вториот (хор)ː

Оној што го скроти високиот пламен во печката, во којашто се наоѓаа младите момчиња, ја изгоре и главата на змијата во реката. А со росата на Духот, Он ја чисти сета магла на гревот неподнослива.

Песна 8ː

Ирмосː Бога Словото, Кој со неискажлива мудрост создаде сѐ и приведе од небитие во битие – благословете Го, дела, како Господа, и превозносете Го во сите векови.

Господ како младенец во осмиот ден се обрезува и го добива името Исус, зашто е Спасител и Господар на вселената.

На осмиот ден од Христовото раѓање, достојно му се придружи и сеславниот спомен на светителот (Василија). Почитувајќи го неговиот спомен со вера, ние Го воспеваме Господа и Го превозносиме во вековите.

Богородиченː

Дела Господови, благословете Го Господа – Бога Словото, Кој пред вековите произлезе од Отецот и во последно време засветли од Дева.

Катавасијаː

Вавилонската печка која испушти роса, покажа преславна тајна; но Јордан, во своите води требаше да Го прими духовниот Оган, и да Го покрие крштаваниот Создател по тело, Кого луѓето Го благословуваат и Го превозносат во сите векови.

Вториот (хор)ː

Созданието ја знае слободата, а помрачените стануваат синови на Светлината; плаче само првакот на темнината. Наследството на народите, сега далеку од бедата, нека Го благословува својот Создател.

Песна 9.

Припевː Величј Го, душо моја, според законот, обрезаниот по тело Господа.

Ирмосː Светилникот Бог, Кој засветли пред сонцето и Кој плотски дојде при нас од утробата на Дева, која неизречено Го воплотиː благословена, сечиста, Тебе, Богородице, Те величаме.

Величај Го, душо моја, Оној што во осмиот ден прима обрезание.

Денес Господарот се обрезува по тело како дете, исполнувајќи го законот.

Денес Господарот по тело се обреза, и Исус се нарече.

Надминувајќи ги границите на целата човечка природа, Христос натприродно од Дева се раѓа и, како што словото на законот заповеда, по тело се обрезува, и исполнител на законот се покажува.

Дојдете, со светост да го прославиме славното Христово именување, зашто Он денес божествено се нарече Исус; со тоа, пак, и споменот на светителот го величаме.

Величј Го, душо моја, според законот, обрезаниот по тело Господа.

Ирмосː

Не умее секој јазик да те слави според достоинството и збунет е секој ум, па и небесниот, за да те воспее, Богородице; но, бидејќи си вистински добра, прими ја верата, зашто ти ја знаеш нашата љубов божествена. Бидејќи ти си застапница на христијаните, ние Те величаме.

Величај ја, душо моја, почесната од небесните воинства – Дева Пречиста Богородица.

Ирмосː

О чудо, кое секаков ум надминува! Невесто Сечиста, Мајко благословена, преку која примивме сесовршено спасение, достојно Те фалиме како Добротворка, носејќи ти за дар песна благодарствена.

Светилен.

Создателот на вековите, Кој го исполни законот, како осмодневно дете се обрезува по тело, и како човек се повива во пелени; и со млеко се храни Оној што како Бог држи сѐ со својата неизмерна сила, и со заповед раководи.

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).
– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

Подготви: Светланка Трајчева

Source: https://pokajanie.mk/2020/01/12/14241/

Related Posts

Image Description
1 year ago

37 НЕДЕЛА ПО ПЕДЕСЕТНИЦА

На 10. 02. 2019 година, во 37. недела по Педесетница, со Свети Божествени Литургии во храмовите на Австралиско – сиднејската епархија, молитвено беше прославен споменот на преподобниот Ефрем Сирин, преподобниот Исак Сирин и преподобниот Паладиј. На Божествените Литургии верниот народ се причес...

Image Description
2 years ago

Дали да славиме празник во неосветена црква?

Здраво! Сакам да прашам дали е во ред да славиме празник (панаѓур), меѓутоа црквата не ни е осветена?? И второ ве молам ако може нешто подетално да ни кажете за славите и “гозбите” што ги правиме во денешно време. Дали се најважни? Како е најправилно да славиме? .Благодарам Одгвор на отец Горан:...

Image Description
3 weeks ago

Архимандрит Андреј Конанос: За секој проблем има решение – III дел

 Во врска со оние проблеми коишто се решаваат – треба да направиме нешто. На пример, жената чијшто маж е насилен и ја тепа, не може да рече дека решението е да го поднесува тоа. Решението не е да трпи ќотек, туку да седне со мажот и да разговараат, како што направија едни сопружници кои пред ск...