Беседа за блудниот син (втор дел) (29.02.2008)

„А кога дојде на себеси, рече: колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас пак умирам од глад. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници. Па стана и отиде при татка си.“

Да дојдеш на себеси е да видиш дека без Бог си гол и бос, и дека без Бог си никој и ништо, и дека без Бог си ветер и магла, и дека без Бог вистински не ни постоиш и во духовна и во материјална смисла!

Тоа може да се случи на два начина:

или кога со неисполнување на Божјите заповеди, односно кога со неправилен духовен живот, човек сосема ќе се одголи од Божјата благодат;

или кога со правилен духовен подвиг човек го достигнува обожението. Првото е да се види себеси расчовечен, а второто е да се види себеси (колку што може) во споредба со Божјото совршенство.

Тоа првото му се случило на блудниот син.

Но што е тоа што во тие моменти може да го спаси човекот?

– Опитот од претходно воспоставениот однос со Бог и човековата слобода, која, според светите Отци, демонот никогаш до крај не може да ја оневозможи. Да се потсетиме што кажавме во првиот дел од беседата:

Бог само внимава да не ја наруши нашата слобода, а со тоа и нашиот взаемен однос Родител – дете. Деца, ние немаме ништо посвето од овој однос! Овој однос е единствената надеж на нашето спасение!

Токму на овој однос, Татко – дете, се присетува во тие безизлезни моменти блудниот син и токму тој однос, воопшто неповреден од Татковата страна, го спасува. Од каде го знаеме ова?

Од самото освестување на фактот дека токму тој однос е нарушен и дека тој самиот е виновен за нарушувањето на тој однос:

„татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!“

Секако на тој однос ‘малку го потсетил’ и празниот стомак, односно полнотата на животот што претходно ја чувствувал во радоста на првата благодат.

Наше е само да имаме добра намера, да го употребиме дарот на слободата за градење на заедница со Бог и да се подвизуваме во таа насока, а сè друго е дело на Божјата благодат, која ни содејствува.

Без Бог и без Божјата благодат ние ништо не можеме да направиме! Тоа значат зборовите:

„И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали над него, па потрча, го прегрна и го целива.“ (Само да напоменам, токму ова се случува при добивањето на дарот на умносрдечната молитва.)

„И синот му рече: татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум достоен да се наречам твој син.“

Помладиот син не ја завршува претходно замислената молба:

„но прими ме како еден од своите наемници!“ Зошто?

Затоа што е беспредметно тоа да го рече гледајќи го доследното родителско однесување на својот Татко, кое и самиот него го одредува и го удостојува со називот „син“.

Татко, значи, како да не се случила неверност и нарушување на односот, и при повторното среќавање се однесува како кон свој син: „И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали над него, па потрча, го прегрна и го целива.“

И како уште се однесува таткото?

„А таткото рече на слугите свои: изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме, оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде. И почнаа да се веселат.“

Се случува: обнова на благодатта, потврда на односот и просветление на умот, добивање на сила и свест за поголем подвиг кој води кон совршенство, учество во светата Евхаристија и причестување со Светите Тајни на Телото и Крвта Христови. Бог, како што вели свети Григориј Палама, ги дарува оние што живеат во вистинско покајание со такви дарови кои, кај оние што неправилно се подвизуваат, предизвикуваат завист.

„А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици. Па како повика еден од слугите го праша:

што е ова? А тој му рече: брат ти си дојде и татко ти го закла угоеното теле, оти го виде здрав. Тој се налути и нејќеше да влезе.“

Еве како реагираат оние што се од ‘Стариот Завет’, оние што се на првиот степен, а што не внимаваат на своите страсти (на страста на умот – гордоста), оние што имаат високо мислење за самите себе, оние што неправилно се подвизуваат, оние што ја злоупотребуваат првата благодат, односно плодовите од гледањето на првата светлина, оние што другите ги осудуваат, а самите себе се оправдуваат, оние што мразат и завидуваат. За жал, нешто многу ни е познато, нели?

„Тогаш излезе татко му и го молеше.“

Што гледаме? Непроменет и константен татковски однос и кон постариот син, односно кон сите Свои деца што ги создал без оглед на нивниот однос кон Него.

Еве ја најпрвин бедната слика на самооправдувањето:

„А тој одговори на татка си и му рече: еве, ти служам толку години и никогаш не прекршив твоја заповед.“

А еве ја и целата слика на демонската опседнатост откако ќе се доврши со осудувањето:

„и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите пријатели, а кога дојде овој твој син, кој го упропасти твојот имот со блудници, за него ти го закла угоеното теле.“

Да, најпрвин Бог Го осудуваме во самите себе, пред да го осудиме конкретниот човек! Односно, за да го осудиме конкретниот човек, најпрвин ги злоупотребуваме плодовите од гледањето на првата светлина.

И додека се самооправдуваме и сакаме да се прикажеме праведни – „никогаш не прекршив твоја заповед“ – веќе исто толку грешиме и ги прекршуваме сите „исполнети“ заповеди дотогаш.

Очигледно, постариот син само формално ги исполнувал Татковите заповеди, додека така одговарало на неговиот наемнички интерес и однос. Да ги исполнувал навистина сите негови заповеди, сигурно би се восовршил духовно во личниот однос со својот Татко.

Но, тука нема ни трага од личен однос. Ако забележувате, деца, постариот син ниту во едно обраќање не го ословува својот родител со зборот „Татко“. Како што и во ниту еден момент не го осудува својот помлад брат заради нарушување на односот „Татко – син“ туку заради упропастување на имотот.

„А тој му рече: синко, ти си секогаш со мене и сѐ мое е твое; но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде“ (Лука 15, 11-32).

Навистина, човек самиот себеси, со своето однесување, се осудува и се одделува од заедницата со Бог, грешејќи кон својот ближен. Наместо да се радуваме со својот ближен, ние му завидуваме и го мразиме заради неговите успеси.

Да не зборувам и за обидите да му попречиме и да му наштетиме. И тоа му го правиме на нашиот ближен со кого Богочовекот Христос се поистоветува. Како што читаме во Светото Евангелие:

„доколку не сте го направиле тоа на еден од овие (Мои) најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле!“ (Матеј 25, 45).

Забораваме дека на тој начин стануваме богоборци. А Бог, смирено и трпеливо, на сите ни вели: „синко… сѐ мое е твое…“

Навистина, деца, прекрасна и чудесна е оваа евангелска приказна, за чие толкување и запис се потребни можеби страници и страници. Само за ова „синко… сѐ мое е твое…“ – потребен е цел еден том од Догматика.

Но, еве, според моите сили се обидов да ви пренесам нешто од мојот, каков таков, опит и знаење и од преданието на светите Отци. Како што видовте, духовната возраст на двата сина ја пронаоѓам на првиот степен од духовниот раст, на степенот од очистување на срцето од страстите, при добивањето на првата благодат и при гледањето на првата светлина.

Оваа духовна возраст е посоодветна и поразбирлива за евангелска приказна заради тоа што на оваа возраст се наоѓаат најголемиот број од православните христијани.

И додека, од една страна, на помладиот син падот му помага да се освести, да види каде е, вистински да се покае (да го промени целиот дотогашен начин на живот, а не само теоретски да се кае) и да го добие дарот на просветлување, од друга страна, формалното исполнување на заповедите и градењето на наемнички (или правен) однос кон Бог својот Татко само ја храни суетата и високото мислење на постариот син за самиот себеси и го предизвикува неговото отпаѓање.

И уште нешто: духовниот отец никогаш не смее да го остави своето духовно чедо без благослов, па макар тој бил и изнуден – во случај кога тоа сака да си замине од него.

Тој благослов може да биде даден и усно и премолчно и на дело. Тој благослов може да биде даден и со опомена и без опомена. Но тој благослов мора да биде даден, ако духовниот отец е вистински татко.

Со тој благослов, духовниот отец ќе сострадува со своето духовно чедо и ќе го покрива и штити со својата љубов и молитва каде и да е тоа и колку и да греши. Со тој благослов никогаш нема да се прекине взаемната врска, за духовното чедо да има, ако му затреба еден ден, каде да се врати…

Значи, при непослушанието и предвременото заминување на духовното чедо од својот духовен отец, проблемот не се состои во убедување и одвраќање од намерата туку проблемот е да се овозможат услови за враќање.

Но, приказната сепак нема завршеток.

Затоа да внимаваме: зашто, ако нивното отпаѓање е спасение за светот што ли ќе биде нивното примање, ако не воскресение од мртвите (Рим. 11, 15)!?

Простете ми и молете се за мене…!

Митрополит Струмички Наум

(според записот на сестрите –  29.02.2008)

Повеќе ...