Поука за блудниот син

Слушајте ја, возљубени, божјата приказна! И да се навикнеме добро да ја вршиме неговата волја!

Каков човекољубец Бог имаме, Татко штедар кој создава сѐ и уредува заради нашето спасение. Како некој што имал два сина, праведник и грешник, и на обајцата им дал еднакво богатство, така и Тој нам ни дал крштение и покајание и евангелско учење.

Од нив ние се оттргнуваме, како помладиот син далеку настрана, да ја слушаме божјата црква и да го расточуваме доброто божје богатство.

Живеејќи блудно го примаме градот на божјите зборови и светата причесна во прељуба, живееме и ја растураме благодатта што ни е дадена од Бога со зли дела и со грешни желби.

Грев е кога некој од малку ќе се израдува, и вечно ќе се осуди; и за малку ако се израдува, вечно ќе се мачи.

Но Господ Бог со својата штедрост нема да ја презре својата творба, туку го очекува нашето спасение. Затоа што тој не сака никој да му се потчини на ѓаволот, но на сите им пожелува спасение, учејќи нѐ низ овие божествени приказни.

Никој да не се очајува заради своето спасение, ако има многу зла, но да брза кон спасението.

Овие посни денови со радост ни носат покајание, оти заради нас тој, Христос, самиот постејќи четириесет дена ни даде пример за очистување од гревови. Па затоа да се откинеме од тие лоши дела и да се свртиме кон дарежливиот и милостив Татко.

Тој на сите подеднакво им е татко и на сите еднакво им пружа милост. На сите што му притрчуваат и така, слушајќи, да го разбудиме срцето кон смиреност и душата кон каење.

Да пролееме солзи како некогашната блудница, да се биеме в гради како митарот, да извикаме како блудниот синː

„Татко, му згрешив на небото пред тебеː театрите не се слушаат, на игралиштата има викот, на собиралиштата лоши нешта се слушаат, блуд се разоткрива; не сум достоен да се наречам твој син, не смеам со нечисти очи да гледам во чисти, на светињата на светињите, не смеам, самиот бидувајќи нечист, да пристапам кон твојата неосквернета трпеза.

Но бидејќи ме гонат од твојот двор на пресветата црква, и така да чуеме што се зборуваː

Облечете ја првата облека, направена од огнен дух, во неа праведните сјаат! Второто крштевање и каењето се прстен на раката и печат на Светиот дух.

Со нив ангелите ги изгонија духовите; евангелското учење е обувки на нозете, со нив да се згази змиската глава. Заколете им теле гоено, пречисто меѓу пречистите, што го колат, но што не умира.

За да се повеселат со сите верни, оние што им зборуваат на слугите, на архиереите и на ереитеː

„О, голема милост и неискажана милосрдност!

Оној во кого не смеат да погледнат ангелските легиони, него ни го заколуваат!

Оној кого не смеат да го погледнат многуочните, него ни го принесуваат на жртва!

Жртва јадена и неизедена! Заради тоа, да ја оставиме зависта и непријателството и сите лоши дела и во љубов и во смиреност да ни поминат посните денови. И да ги поминеме чисти и непорочни.

И да пристапиме кон светата и непорочна трпеза на гоеното теле, на јагнето непорочно, Господ Исус Христос.

Тој се дал себеси да биде заклан заради сиот свет. Јадејќи го него, сите светители си починуваат во небеското царство.

Со нив нека учествуваме и ние, заради Исуса Христа, нашиот Господ. Нему да му е вечна слава, амин.

Изворː Похвали и поуки / Климент Охридски; предговор, избор, превод и коментар Радмила Угринова-Скаловска. – Скопјеː Табернакул, 1996.

Подготви С. Трајчева

Повеќе ...