ПРЕДРАСУДА(24.11.2013 )

(така се нарекувала и некоја шпанска серија)

Накратко, ако етимолошки го разложиме зборот предрасуда, ќе видиме дека се работи за некаков заклучок за некого, или за нешто, кој му претходи на расудувањето.

Додека, пак, правилното расудување за некого или за некое нешто може да происходи само од лична заедница, познание или опит со некого, или на (или со) нештото.

Со други зборови, ако за некого или за нешто донесуваме заклучок без да го познаваме од личен опит (за кое, да се потсетиме, треба и доволно време), тогаш ние сме заробени од прелеста наречена предрасуда.

Светите Отци велат дека расудувањето е еден од поважните дарови Божји, но и дека тоа е соодветно на просветленоста на умот, во срцето.

Оние кои ги карактеризира противприродниот начин на живот се најподложни на предрасуди.

Оној што тежнее да ги задоволи своите страсти вообичаено луѓето и нештата ги гледа од перспектива на своите страсти и согласно своите страсти постапува со нив.

Во ваков случај не можеме да говориме за личност и личносни односи, како и за вистинско познание, освен можеби за одреден опит во дејноста со која таквиот се занимава.

Оние кои правилно го чистат своето срце од страстите соодветно и континуирано се подослободуваат и од предрасудите.

Дури оние кои се просветлени можат лесно да се ослободат од предрасудите, иако не е возможно да останат сосема недопрени од искушението.

Да не трошиме време за нештата – да се задржиме на предрасудите во меѓучовечките односи.

Предрасуда е кога слушаме за некого нешто и без задршка го прифаќаме, а лично не го познаваме.

Предрасуда е кога говориме за некого нешто врз основа на само чуеното (честопати тогаш се додава и уште нешто од нас).

Предрасуда е кога за некого донесуваме заклучок, или во нас се формира негативно чувство кон него од само една средба или од само една негова постапка.

Предрасуда е кога не веруваме дека некој може да се покае или дека можеби се покајал за нешто што го сторил.

Предрасуда е кога мислиме дека некој воопшто не се бори во себе со гревот што јавно го прави.

Предрасуда е кога и покрај чуениот лош глас за некого, ние не му даваме соодветна можност (шанса) во личниот однос со нас (можеби некому згрешил, но досега не и на нас лично).

Предрасуда е кога воопшто судиме или, не дај Боже, осудиме некого – приграбуваќи ја улогата на Бог.

Предрасуда е кога во Црквата се делиме на групи и кога заклучокот за одреден човек го донесуваме врз основа на неговата припадност на одредена група (дали е Павлов, или Петров, или…).

Предрасуда е кога враќајќи му зло на оној кој ни направил зло, ние со нашата постапка на таквиот му ја одземаме можноста (шансата) и времето за покајание итн., итн.

Сето ова погоре напишано е опис на противприродниот начин на живот – не на животот на оној што го чисти своето срце од страстите.

Предрасудите можат да нè урнисаат од височините на нашиот христијански призив до самото демонско дно и можат да го претворат целиот наш живот во своевидна шпанска серија – и по неговата површност, и по неговата бесмисленост, и по неговата бесцелност.

Длабочината, смислата и целта на нашето постоење ги прави љубовната заедница со Бог, како и со секој човек, во Богочовекот Исус Христос.

Митрополит Струмички Наум

Originalen post ...