Преподобен Нил Синајски

1. Слово за молитвата

155. Молитвата нѐ расположува за разговор со Бога и преку долговременото молење се создава навика за другарување со Него, Кој ги прима ништожните луѓе со љубов и не се срамува да има пријателски однос со нив, кога љубовта што ја имаат кон Него им дава смелост да Му се приближуваат.

156. Молитвата го одрешува умот од секаква помисла за земното и го издигнува до Самиот Бог, Кој е над сѐ, за да разговара со Него и со смелост од Него да бара сѐ што му е потребно. На тој начин човекот го минува животот во чистота која доаѓа од другарувањето со Бога и кој се подготвува и понатаму да општи со Него.

157. Светиот апостол Павле нѐ учиː

„Бидете во молитвите постојани“ (Рим. 12, 12), така што со продолжителното молење да создадеме во себе постојана навика да се молиме ( сп. Кол. four, 2; Ефес. 6, 18).

Тој ни заповеда да се молиме на секое место ( сп. 1. Тим. 2, eight), за да не може ниеден од мрзливите да се извинува со тоа дека живее далеку од молитвениот дом.

Секое место е погодно за молитва. Бог ги прима оние што Го повикуваат со чисто срце и со праведни дела; Он ја гледа нивната расположба, ги ислушува нивните молитви, иако некогаш местото на кое Му се молиме на Бога со ништо особено и не се одликува.

161. Оној ум, од кој е одземена мислата за Бога и кој се оддалечил од спомнувањето за Него, – рамнодушно греши и со своите надворешни чувства; зашто ни на слухот, ни на јазикот може да им биде пастир – внатре во него нема веќе приврзаност кон подвижничкиот труд над себеси.

162. Има случаи кога се трудиме молитвата да ни биде чиста, но не успеваме во тоа. Но има случаи и кога не се принудуваме да го правиме тоа, а сепак душата наша ја има чистата молитва.

Првото произлегува од нашата немоќ, а последното – од благодатта одозгора, која преку тоа нѐ повикува да ја бараме духовната чистота, а со тоа нѐ поучува, ако се молиме чисто, заслугата да не си ја припишуваме на себеси, туку да знаеме дека е дар од Оној што ни го подарува тоа. Апостолот за ова вели вакаː

„Не знаеме за што да се помолиме, како што треба, туку Духот Сам посредува за нас со неискажано воздивнување“ (Рим. 6, 26).

Тогаш, кога се трудиме молитвата да ни биде чиста и не успеваме, не треба да очајуваме, туку треба да ги овлажниме образите наши со солзи и да Му се молиме на Господа – да ја одгони од нас моќта на духовната борба и да огрее светлина во нашата душа.

163. Спомнувањето за телесните похоти ја вознемирува душата, затоа што не само што не ѝ дава да говори со Бога, туку и умот, кој само навидум се моли, се осквернува од нечистите и гнасни претстави.

Убаво е непрестајно да бидеме во молитва и да се вежбаме да разговараме со Бога. Но како бива ова во нас? – Ние често се оддалечуваме од зборовите на молитвата, одиме по помислите што нѐ водат настрана, не се одрекуваме од нив и тие како да не нѐ огорчуваат, што покажува дека се согласуваме со нив.

Иако нашата надворешност покажува како да се молимеː коленичиме и оддаваме вид на човек што се моли, но со нашите мисли си замислуваме нешто пријатно, како разговараме со нашите пријатели, гневно говориме лошо за нашите непријатели, јадеме и пиеме со гости, и им градиме домови на роднините, садиме дрва, патуваме, се занимаваме со трговија, насилно нѐ тераат да примаме свештенослужителски чин, со голема загриженост вршиме некакви работи за Црквата, кои ги бара од нас.

Со сето ова се зафатени нашите мисли и се согласуваме со сѐ што ни предлагаат нашите помисли и како што им е угодно на страстите да го настројат нашето срце.

169. Молитвата бара нашиот ум да биде чист од секаква помисла и да не пушта во себе ништо што не е молитвано, макар и кога тоа не е лошо, туку, како вдахновени од Бога, да се оддалечиме од сѐ и да разговараме само со Него.

170. Онаа молитва, која бива прекинувана од ниски помисли и се соеднинува со телесните грижи, таа е далеку од тоа каква треба да биде духовната молитва. Оној што се моли така, тој не се слуша ни самиот што говори; него го носат мислите таму-ваму и не си спомнува што изговорил.

Ако оној што се моли е таков, ако не знае што говори, тогаш како Бог ќе го слуша внимателно, кога ни тој самиот од расејаност не внимава и не знае што говори во својата молитва?

Оние кои велат ː „Чуј го гласот на молбата моја“ (Псал. 16, 1) иː „ушите Твои нека го чујат гласот на молењето мое“ (Псал. 129, 2) треба со целиот свој ум да бидат усредсредени на тоа што го говорат и да не се разливаат, како што обично се разлива мислата на оние, кои се мрзливи и кои не владеат со својата мисла.

Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ, Том II.

Подготви С. Трајчева

Повеќе ...