За љубовта 

Господ на Своите свети ученици им има кажано:

„Деца, имате ли нешто за јадење?” (Јован 21,5). Колкава љубов се крие во тие нежни зборови: Господ нè нарекува деца. Што има порадосно од тоа? Треба да размислуваме многу длабоко за тие зборови, и за страданијата Господови на Крстот заради нас.

О, колку Господ го љуби Своето создание. И ете, Господ нè удостои да зборуваме за тоа и нашиот дух се радува бидејќи Господ е со нас.

Смирено ве молам, молете се за мене, и Господ ќе ве награди.

Брат Р. ми раскажа дека кога тој бил тешко болен, неговата мајка му кажала на татко му: „Колку страда нашето дете!

Јас со радост ќе се дадев себеси да ме исечат на парчиња, да можев со тоа да му помогнам, и да ги олеснам неговите страдања”.

Таква е љубовта Господова спрема луѓето.

Он рече: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели” (Јован 15,13).

Господ толку многу се сожали на луѓето, што посака са пострада за нив, како родена мајка, дури и повеќе. Но, таа голема љубов не може да ја разбере никој без благодатта на Светиот Дух. Писмото зборува за неа. Но, и Писмото не може да се разбере со умот, бидејќи истиот тој Свет Дух зборува и во Писмото.

Љубовта Господова е таква, што Он сака сите луѓе да се спасат, и вечно да бидат со Него на небесата и да ја гледаат славата Негова. Таа слава не ја знаеме во нејзината полнота, но делумно ја разбираме преку Светиот Дух.

А оној што не Го познал Светиот Дух, не може да ја разбере таа слава, туку само верува во ветувањето Господово, и ги пази Неговите заповеди. Но, и тие се блажени, како што му кажа Господ на Апостолот Тома (Јован 20, 29). И тие ќе бидат еднакви со оние што уште тука ја гледаат славата Божја.

Ако сакаш да Го познаеш Господа, тогаш смири се себеси до крај, биди послушен и воздржлив во сè, љуби ја вистината и Господ неизоставно ќе ти даде да Го познаеш преку Светиот Дух.

И тогаш преку опит ќе познаеш ШТО е тоа љубов спрема Бога и ШТО е тоа љубов спрема човекот. И колку е посовршена љубовта, толку е посовршено и познанието. Постои мала љубов, постои средна, и постои голема љубов.

Кој се плаши од гревот, тој Го љуби Бога. Кој го има умилението, тој Го љуби повеќе. Кој во душата има светлина и радост, тој Го љуби уште повеќе. А кој ја има благодатта и во душата и во телото, тој има совршена љубов. Таквата благодат Светиот Дух им ја даваше на мачениците, и таа им помагаше мажествено да ги истрпат сите страдања.

Може ли некој да каже како ќе биде во рајот?

За рајот може да зборува само оној кој во Светиот Дух Го познал Господа и Неговата љубов спрема нас.

Господ е толку мил и љубовен, што од Неговата љубов душата не може да се сеќава на ништо друго. Благодатта на Светиот Дух е толку слатка, и толку го менува целиот човек, што тој ги заборава дури и своите родители.

Душата што во полнотата Го познала Господа и се наслади од Него, повеќе ништо друго не посакува, и не се врзува за ништо на земјата. И да ѝ понудат царство, таа нема да го посака, бидејќи љубовта Христова е толку слатка, и толку ја радува и ја весели душата, што повеќе и царскиот живот не може да ја заслади.

Сакам да кажам неколку збора, колку што ме вразумува благодатта Божјма, за мерата на љубовта Божја.

Кога човекот се плаши да Го нажали Бога, со каков и да било грев, тоа е првата љубов. Оној чијшто ум е чист од помисли, тоа е втората љубов, поголема од првата.

Третата, уште поголема е кога некој ја чувствува благодатта во душата. А оној кој ја има благодатта на Светиот Дух и во душата и во телото, тоа е совршената љубов. И од телото на оној што ќе ја сочува таа благодат, ќе останат мошти, како кај светите маченици, или кај пророците, или кај преподобните и другите големи светии.

Оној кој пребива во таа мера, нема да го примами љубовта на девојка, од којашто се насладува целиот свет, затоа што од сладоста на љубовта Божја, душата заборава сè што е земно. Благодатта на Светиот Дух ја гони душата да Го љуби Господа во полнотата, и во таа полнота на љубовта Господова, душата не се допира до светот, иако и живее на земјата.

Ние сме горделиви со умот, и затоа не можеме да стоиме во таа благодат. И таа се оддалечува од душата, и душата тогаш тагува по неа и повторно ја бара со солзи, и плаче, и рида, и повикува кон Господа:

„Милостив Боже, Ти гледаш колку е нажалена мојата душа и колку тагувам по Тебе”.

На земјата не постои толку кроток и љубовен човек како нашиот Господ Исус Христос. Во Него е нашата радост и веселие. Да Го возљубиме и Он ќе нè воведе во Своето Царство, каде што ќе ја гледаме Неговата слава.

Откако Господ ми даде да ја познаам љубовта Божја преку Светиот Дух, јас ете веќе четириесет години тагувам по народот Божји.

О, браќа, нема ништо подобро од љубовта Божја, кога Господ ја стоплува душата со љубовта спрема Бога и ближниот.

Голема е милоста Господова: мојата душа Го позна Бога – својот Небесен Отец, и плаче и тагува. Зошто толку многу Го нажалував Бога?

А Господ ми дава простување на гревовите и радост и веселие, да Го љубам мојот Создател, и да го љубам ближниот, и да плачам за него, за милостивиот Господ секоја душа да ја земе при Себе, каде што ни приготви место преку Своите страдања на Крстот.

Оној кој ја познал сладоста на Божјата љубов, кога душата стоплена од благодатта Го љуби Бога и ближниот, делумно знае што значат зборовите „Царството Божјо е внатре во нас” (Лука 17, 21).

Милостив Господи, колку е голема Твојата љубов спрема мене грешниот! Ти ми даде да те познаам. Ти ми даде да ја вкусам твојата благодат. „Вкусете и видете колку е благ Господ” (Пс. 33, 9).

Ти ми даде да ја вкусам Твојата благост и милосрдие, и мојата душа копнее по Тебе дење и ноќе ненаситно. И не може да го заборави својот возљубен Создател. Оти Духот Божји ѝ дава сила да Го љуби Љубениот, и душата не знае за ситост, туку копнее по својот Отец Небесен.

Блажена е душата што го возљуби смирението и солзите, и што ги намрази злите помисли.

Блажена е душата што го љуби својот брат, бидејќи нашиот брат е нашиот живот.

Блажена е душата што го љуби братот: во неа живее Духот Господов, и ѝ дава мир и радост, и таа плаче за сиот свет.

Мојата душа се сети на љубовта Господова, и моето срце се разгоре, и мојата душа му се предаде на длабокиот плач, бидејќи толку многу Го нажалив Господа, мојот Возљубен Создател.

Он не си спомна за моите гревови. И тогаш мојата душа му се предаде на најдлабокиот и најжален плач, за Господ да ја помилува секоја душа и да ја земе во Своето Небесно Царство.

И мојата душа плаче за целиот свет.

Не можам а да не зборувам за луѓето што ги љубам до солзи. Не можам да молчам, затоа што мојата душа секогаш тагува по народот Божји, и со солзи се молам за него. Не можам а да не ви зборувам, браќа, за милоста Божја и за лукавството на непријателот.

Поминаа четириесет години од времето кога благодатта на Светиот Дух ме научи да го љубам човекот и сета твар, и откако таа ми го откри лукавството на непријателот, кој своето зло во светот го спроведува преку лагата.

Верувајте ми, браќа. Пишувам пред Лицето на Бога, Кого Го позна мојата душа преку Светиот Дух, заради Неговата голема милост. Ако душата не Го вкуси Светиот Дух, не може да Го знае Господа, ниту Неговата љубов.

Господ е благ и милостив, но ние не ќе можевме ништо да кажеме за Неговата љубов, освен од Писмото, ако не нè научеше Светиот Дух.

Но ти, брате, не се возмутувај, ако не ја чувствуваш љубовта Божја во себеси, туку размислувај дека Господ е милостив и воздржувај се од грев, и благодатта Божја ќе те научи.

Свети Силуан Атонски

Originalen post ...