Почитувани

Често ве читам, особено одговорите на отец Горан, при што во вашите статии наоѓам многу одговори со кои чувствувам смиреност.

Сакам да помогнам на еден пријател но не знам како?

Му почина драга личност, другар, побратим се во едно, по цел ден беа заедно, млад почина. Човекот се скрши, премногу тагува.

Би ве замолила ако може да се објани како тој да ја прифати загубата!

&

&

Одговор на отец Горан:

Секако е тешко, болно и тажно, но ако зборуваме само со сочувство од човечки аспект можеме да кажеме: пренасочи го вниманието, заборави или времето ќе ја исцели загубата.

Но, како крстени православни христијани треба да знаеме како што вели и Апостолот дека во Христовата смрт се крштеваме за да умреме со Него, но со Него и да совоскреснеме и да одиме во обновен живот.

А, за тоа е потребна вера во темелот на на нашето крштевање, воскресението Христово, Неговата победа над смртта, со која таа станува не крај на животот и никако страшило од кое треба да се плашиме, туку премин кон вечниот живот.

Затоа како христијани нашиот живот треба да го вклучиме во литургискиот живот на Црквата, преку средствата што ни се дадени, светите тајни, крштевање, исповед, причест, пост и молитвено правило, спознавање на Евангелието преку редовно читање и мерење на нашите мисли, зборови и дела со Христовите.

Целта е нашиот живот да биде подобен на Христовиот според силите и талентот кој ни се дава преку благодатта која ја повикуваме со непрестајна молитва и често причестување, и ако така верно сме свесни за присуството Христово во нашиот живот, што можеме да кажеме освен како св. Ап. Павле, дека нема да жалиме за умрените како оние што немаат надеж, туку дека во Христа пак сите ќе бидеме заедно очекувајќи Го Негото Второ доаѓање и сеопштото воскресение, како што тоа го бараме на секоја Литургија.

Смртта доаѓа како крадец, одненадеж и во време скриено за нас, но ние со Христов живот да бидеме подготвени, и со Него да ја победиме.

Неговиот очај никого нема да врати, но неговиот живот може од тага да се претвори во радост, само преку она што погоре го споменавме, а неговиот пријател ќе биде секогаш во неговите молитви.

Поздрав и секое добро, не дозволувајте било што да наштети на вашето срце и ум, туку воздадете сѐ на Бога, па Негов сме род, и Он е човек кој претрпе смрт, но го победи со Воскресение, имајте вера,надеж и љубов кон Христа.

Повеќе ...