СПОМЕН НА СВЕТАТА И БЛАЖЕНА КСЕНИЈА,
БЕЗДОМНАТА ТУЃИНКА НА ПЕТРОГРАД

ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА

Пеемеː Блажен е оној човек, првиот антифон.
На Господи, повикавː стихири на 8, глас 8.

О Ксение блажена, откако ја возљуби небесната татковина, на земјата си поживеала како туѓинка, како да преминуваш во странска земја. А сега, живеејќи во домот на небесниот Отец, и насладувајќи се во горните одаи од странствувањето на Господа, не заборавај нѐ нас, кои твојот спомен го славиме верно, и од најразновидни маки избавувај нѐ, спомнувајќи нѐ пред престолот на Господа на славата.

О, Ксение славна, како мудра девојка, во полноќта на твојот живот си излегла во пресрет на твојот Младоженец Христос, носејќи го запалениот светилник на љубовта Божја, од светот именувана како јуродива (луда за Христа), но исполнета со мудроста надсветска. Затоа од милоста на елејот, што си го стекнала изобилно, дај ни и нам, кои верно го славиме твојот спомен, излевајќи капки од него врз нашите рани.

О Ксение, со мудрост машка, кој ќе ја искаже крепкоста на твојата душа, зашто излегувајќи на борба со кнезот на мракот и на овој свет, Андреј си се нарекла, бидејќи ништо не те исплаши или не те вознемири, трпејќи ги гладот и студот и голотијата, и си извикувала заедно со апостолотː Сѐ можам во Христа Кој ми дава сила. Затоа и те овенча Христос, основоположникот на подвизите.

Други стихири, глас 2.

Ти си го подражавала Андреја, јуродивиот заради Христа, откако си ја избрала доброволната сиромаштија, и сите богатства на овој свет си ги презрела, блажена, а кога си ги нашла небесните богатства, бадијала им разделуваш дарови на оние што имаат потреба, и го бараат твоето застапништво.

Ти си заедничарка со пророците, о Ксение, зашто преку Духот си предвидувала идни настани, а се покажуваш и како сожителка на преподобните, следејќи го нивното житие, и покажуваш ревност како бесплатните лекари, давајќи им и до сега бесплатно исцеленија на болните.

Како да те наречеме, о Ксение блажена, и кои песни да ти ги принесеме? Зашто, откако во земниот живот ги избегна светските почести, ти си ја наследила небесната слава. Затоа сега, од сите прославувана, не презирај ги нашите срдечни пофалби.

Од топлината на Светиот Дух загревана, со благодатта Негова, во боготкаена одежда облечена, голотијата и студот машки и мудро си ги поднесувала, а духовниот глад заситувајќи го со словото Божјо, за телесната храна не си се грижела, искачувајќи се преку Духот од сила во сила. Затоа и блаженството на праведните си го наследила.

Откако се најде како чесна вдовица уште од младоста, си го следела примерот на ќерката Фануилова, приклучувајќи се на храмот Божји, и служејќи Му на Бога деноноќно со пост и молитва. Затоа се удостои да Го гледаш Спасителот Христа, носен не на рацете Симеонови, туку во вечната слава, како седи на престолот, превознесен на небесата.

Слава, глас 3ː

Ете сега, блажена Ксенија, на својот празник нѐ собира, извикувајќи со гласот на Цркватаː О чеда и пријатели, зошто ја љубите суетата и ја барате лагата? Зошто напразно се буните?

Видете ме мене, која за ѓубре го сметам сѐ што е околу мене, и се ослободив од секаква штета. Следете ме мене, како и јас Христа, и за богатството, ако тече, не врзувајте си ги срцата, та, кога ќе дојде времето, со мене да се вселите во одаите на радоста бесконечна.

И сега, богородичен догматик, истиот гласː

Како да не ѝ се восхитуваме на твојата богочовечка Рожба, Пречиста! Зашто, иако не си примила машко искушение, Сенепорочна, ти си Го родила по тело, без татко, Синот Кој пред вековите е роден од Отецот, без мајка, Кој никако не претрпе промена, или мешање, или делење, туку својствата и на двете природи ги запази цели. Затоа, Мајко Дево Владичице, Него моли Го да се спасат душите на оние што православно те исповедаат тебе како Богородица.

Литиски стихири на храмот. Потоа на блажената, глас 8ː

Туѓинко блажена, која сѐ што е суетно си го сметала за нечистотија, за да Го најдеш Бисерот – Христа; те гледаме како ги преминуваш раскрсниците на Петроград, која си ги осветила со болките во стапалата, не плашејќи се од мразот, криејќи се ноќе надвор од градот. Преклонувајќи ги таму колената на душата и на телото, колку ли топли молитви на Бога си Му кажала, и пак радосно самата си посакала срамотења, која трпеше страдања како јуродива заради Христа, која се удостои тајно за дарот на предвидувањето, чудотворна добротворко на луѓето. Ксение света, биди молитвеница за нас постојано.

Слава, глас 4.

Според твоето име, Ксение, е и твоето живеењеː ти си била за овој свет како странкиња, за овој век како туѓинка, а за Црквата света – како домашна. На земјата си поживеала како привремена гостинка, а на небото живееш како вечна жителка. Таму си како Божја избраница, а ние на земјата те славиме како наша молитвеница.

И сега, богородичен, истиот глас.

Богородице, Посреднице на грешните, не оставај нѐ нас кои гинеме, но покриј нѐ со ризата на твоето застапништво, та, откако ќе го допреме крајот од твојата риза, да бидеме изведени од бездната на паѓањата, славејќи го твоето милосрдие.

Стиховни стихири, глас 1.

Брзај да нѝ помогнеш, о Ксение праведна, бидејќи сите сме во неволји, откако не ја стекнавме верата несомнена, а немајќи ни смелост во молитвите. Затоа кон тебе, блажена, прибегнувамеː дополни ја ти немоќта наша, молејќи Го за нас Христа Бога.

Стихː Господ ги пази придојдените, ги поддржува сираците и вдовиците.

Твоите претскажувања, блажена, ја навестуваа скриената тајна. Затоа, оние кои со вера ги следат твоите наредби, примаа радост и избавување од неволји. А оние што им се противеа, стануваа учесници во жалоста горчлива, не ползувајќи се од ништо.

СтихːГоспод ги исправа подгрбавени, Господ ги сака праведните.

Навистина, Ксение, според твоето име беше и твоето живеење, оти, живеејќи со духот на небото, на земјата се покажа како туѓинка, немајќи овде постојан град, но барајќи го оној што доаѓа, во којшто се населуваш сега.

Сега, глас 7ː

Ти се покажуваш како нов Андреј, кој го зеде на себе доброволно подвигот на јуродството, о Ксение, која се нарече Андреј. Затоа, удостојувајќи се за небесни виденија како него, им ги отвораш очите на оние што се помрачени од суетата и се застапуваш за сите оние кои, заради тебе, просат милост од Спасителот Христа. Него моли Го, блажена, да се спасат душите нашич

И сега, богородиченː Сите ние родени на земјата барајќи засолниште кај тебе, Владичице, ти пеемеː Богородице, надеж наша, избави нѐ од безмерните прегрешенија, и душите наши спаси ги.

Тропар, глас 4ː

Кога се одрече од суетата на земниот свет, Крстот на бездомното живеење си го примила како странствување; од маките, од немаштијата, од човечкото потсмевање не си се исплашила, но си ја познала љубовта Христова, со којашто се насладуваш сега на небесата; боомудра и блажена Ксение, моли се за спасение на душите наши.

УТРЕНА

Кондак, глас 3ː

Откако на земјата поживеа како туѓинка, воздивнувајќи за небесната татковина, за безумните и неверните си била јуродива (луда), а за верните премудра и света, и од Бога се овенчуваш со чест и слава, Ксение мажеумна и богоумна. Поради тоа ти викамеː Радувај се, оти, по земното странствување, живееш во домот на Отецот.

Икосː Која е таа што тропа на вратата од Царството Небесно, чијашто облека е бела, а лицето ѝ свети повеќе од сонцето? Од каде доаѓа, и што ѝ треба? – Таа е ќерка на небесниот Отец, верна слугинка на Синот Божји, и избран сад на Светиот Дух, која на земјата дошла како туѓинка, а сега се преселува во небесната татковина. Затоа, со брзање отворете ѝ ги вратите, и пресретнете ја, весело извикувајќиː Радувај се, Ксение, оти, по земното странствување, се населуваш во домот на Отецот.

Светиленː

Доме на Отецот, отвори ми ја вратата мене, којашто се преселив од туѓа земја, извикува блажената Ксенија, тропајќи на вратата од Царството Небесно.

Originalen post ...