СПОМЕН НА СВЕТИОТ ГАВРИЛ ЕПИСКОП
ВЕЛИЧКИ СВЕТОГОРЕЦ

УТРЕНА

На Бог Господ, тропар на празникотː Раѓањето Твоеː двапати.

Слава, тропар на светителот, глас 8ː

Голем украс на епископите; убавина на светителите; правило на монасите, слава на пустиниците; дарител на милост; светилник во расудувањето; откако дојдовме, верници да го прославиме учителот на красотата; љубителот на божественото; премудриот архиереј; великиот светилник и отец, Гаврил епископ Велички, новиот Лесновски чудотворец, ѕвездата којашто ги просветлува помрачените луѓе и ги осветлува сите верни.

Затоа, пристапувајќи кон гробот на неговите мошти, со љубов ги целиваме и викамеː Свети над светите, не престанувај да Го молиш Христа Бога, да се спасат душите наши.

По првото стихословие, седален, глас 1.

Големо сонце на целата македонска земја, од сјајот на твоите добродетели, и со светлостите на твоите чудеса ги просвети твоите верни чеда, и мракот на страстите си го уништил, светителу отче Гавриле, Христа Бога моли Го, да ни дарува милост голема.

Славаː

Од ликовите на богопознанието си засветлил, со зракот си го осветлил македонското достоинство, и чедата твои си ги упатил со твоите зборови; грижа за сиромасите и љубов си излеал, уподобувајќи се на Авраамовото гостољубие, отче Гавриле, Христа Бога моли Го, да ни дарува голема милост.

По второто стихословие, седален, глас 8ː

Ете, се појави светлиот спомен и торжеството на Христовиот светител Гаврил; поради тоа пријдете, откако дојдовме, да го празнуваме светло, и откако составивме хорови, да го пофалиме него, викајќиː Радувај се чесен светилнику на земјата македонска, убавино нејзина и славо; зашто точиш чудеса и излеваш исцеленија, молејќи се непрестајно за душите наши.

Славаː

Сакајќи небесно благородие, времената пристрасност си ја отфрлил, уподобувајќи се на Господовото гостопримство и смирение, си достигнал на планината Атос, отче преподобен, каде што со пост, послушание и смирение го умртви телесното мудрување; сад на Божествениот Дух си бил, откако своето срце го направи Неговата црква; Него моли Го да ги просвети и спаси душите наши.

Величаниеː

Те величаме, светителу отче Гавриле, и го почитуваме твојот свет спомен, зашто ти Го молиш за нас Христа нашиот Бог.

По полиелејот, седален глас 4.

Откако тргна по Христа, светот си го оставил, и штом телото го покори со воздржување јавно, преблажен Гавриле, оттаму помазание за свештенството си добил; сега, пак, си се претставил кај духовните хорови, молејќи се за сите нас коишто те прославуваме.

Славаː

Грижејќи се за постот и бдението, отче, украсувајќи се со безгневие и кротост, редовите на монасите си ги собрал, и образувајќи им правило; преку нив кон божественото расудување водејќи ги, преподобен Гавриле, моли Го Бога да даде прошка на гревовите, на оние кои со љубов го почитуваат твојот спомен.

Стихира самогласна, глас 6ː

Украс на светителите и убавина на отците, за земјата македонска голем молитвеник, денес, откако дојдовме, о празникољупци, со песнени пофалби да го воспееме, говорејќиː Навистина си освештен, цврст уму отче Гавриле, исполнет со благодатта на Пресветиот Дух, но бидејќи сега престојуваш пред престолот Христов, моли се за душите наши.

Седален, глас 4.

На Лесновскиот чудотворец Гаврил, истоимен на божествениот (Гаврил), кого навистина си го следел во подвигот, и од ревноста на верата побожно, тебе Преподобен, те познавме како соучесник, зашто добриот закон си го возљубил и неговите божествени повелби, отче, си ги засакал, и душата си ја украсил со добродетели, затоа те почитуваме и те величаме.

Славаː

На Гората Атонска си се вселил, богомудар Гавриле, како на Кармил некогаш Тесвитјанецот Илија, кој во безмолвие Бога Го бараше, Досточуден; и на неговото видение како преподобен си се удостоил.

Кондак, глас 8.

Како прекрасен учител на побожноста, и премудар првопрестолник на архиереите, наставник и правило на монасите, чеда црковни, откако дојдовме, со песни да го почитуваме неговиот спомен, говорејќиː Радувај се, отче Гавриле, совршен уму на дела и виденија.

Икосː Отче Гавриле, моли се на Сесилниот Бог во Троица, воспеван од небесните духовни сили, од водите на твојот благочестив јазик да ми даде поток на мојата расудливост, и да го просвети мојот ум од твоите многубројни подвизи за да ти принесам мала благодарност, и откако ќе си спомнам за твојот живот во тело, да речамː

Радувај се, бидејќи заради Христа си ја презрел родителската и роднинската љубов;

радувај се, учителу на чистотата и закону на целомудрието;

радувај се, правило и наставнику на испосниците; радувај се, вистински проповеднику и образецу на православието;

радувај се, бидејќи многумина си обратил кон непорочната вера;

радувај се, зашто архиерејскиот престол си го украсил со благочестиви учења;

радувај се, давателу на милостина на сиромасите и сираците; радувај се, топол застапнику и молитвенику за сите;

радувај се, свештени отче Гавриле, совршен уму на духовни виденија!

Светиленː

Славно се радува денес светлозарното македонско торжество, престојувајќи во светлината на Боожјата слава, светителу блажен Гавриле, спомни нѐ нас кои го славиме твојот спомен.

Славаː

Светиот Дух те помаза, светителу Гавриле блажен, Христовото стадо го пасеш на спасителни пасишта, затоа и си се грижел да ги упатуваш луѓето на прави патишта; заради тоа сега двојни венци од Венцедавателот си примил.

&

Изворː ЖИТИЕ И БОГОСЛУЖБА НА СВЕТИОТ ГАВРИЛ ЕПИСКОП ВЕЛИЧКИ СВЕТОГОРЕЦ, МакедонскаПравославна Црква- Охридска Архиепископија, Брегалничка Епархија, Манастир Св. Гаврил Лесновски

Подготви Светланка Трајчева

&

Originalen post ...