Title : СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРАВЕДЕН ПРЕЗВИТЕР ЈОВАН КРОНШТАДСКИ ЧУДОТВОРЕЦ + 2 јан. четврток

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРАВЕДЕН ПРЕЗВИТЕР ЈОВАН КРОНШТАДСКИ ЧУДОТВОРЕЦ + 2 јан. четврток

Example User · 7 months ago

СПОМЕН НА СВЕТИОТ ПРАВЕДЕН ПРЕЗВИТЕР ЈОВАН КРОНШТАДСКИ ЧУДОТВОРЕЦ

ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА

На Господи, повикав, стихири, глас 6.

Ти си Го возљубил Единородниот Син Божји, и си пожелал само да Му служиш Нему, свети Јоване, и Му се довери, говорејќиː Мојот живот е во Христа. Поради тоа си побрзал да правиш сѐ, за да Му угодиш на Господаː и да мудруваш, и да твориш.

Ние те гледаме како топол молитвеник и благодатен пастир, отче Јоване, бидејќи на мнозина луѓе, кои прибегнуваат кон тебе, им даваш утеха и исцеление од разновидни болести, и постојана помош на оние што страдаат и се во неволји, и до сега изобилуваш со чудеса.

Качувајќи се по скалата на добродетелите, ти се покажа како ревносен работник во градината Господова, отче Јоване, и од утрото на животот дури до последниот час добро се потруди. Така и нас поткрепи нѐ , да Му служиме на Господа.

Праведен Јоване, благодатен лекару, со силата на твојата молитва си лекувал ближни и далечни. Прегрнувајќи ги со љубовта во Христа, си ги учел да Му се обраќаат на Господа, давајќи им на сите помош според верата.

Различен е примерот на милување, и оваа заповед е широка, рече Златоустиот Јован. А ти, милостив пастиру, кој во овие добродетели се подвизуваше разновидно, и создаде дом на трудољубие, научи нѐ да ѝ бидеме туѓи на мрзливоста.

Подражавајќи го осамениот пустиножител, преподобниот Јован Рилски, чиешто име си го добил при светото Крштение, праведен Јоване, ти се оддалечи од секаква приврзаност светска, и твојот живот го утврди само во Христа. Научи нѐ и нас на благочестивото живеење.

Слава, истиот гласː

Ти си ги наследил живеалиштата на светите, праведен отче Јоване, и во светлината на лицето Божјо ги гледаш потребите на оние што прибегнуваат кон тебе, давајќи го секому она што му е потребно за спасение. Поради тоа и ние, надевајќи се на твојата помош, се молимеː Моли Го Христа Бога, да се спасат душите наши.

Стиховни стихири, глас 5ː

&

Разгорен со ревност за славата Божја, си ја поучувал твојата паства да го пази своето срце од страстите, кои ја расипуваат душата, и ја одвојуваат од Бога. Моли се за нас, отче свети Јоване, да го насочиме нашиот живот кон славата на името Божјо, и кон спасението.

Стихː Светлината засветли над праведникот, а за правите по срце – радост.

Подражавајќи ги апостолските подвизи, чудесен отче Јоване, душата си ја полагал за спасение на ближните, барајќи го не она што е твое, туку да ги обземе нив љубовта Божја. И сега, стоејќи пред престолот на Света Троица, моли се, за оние што го почитуваат твојот спомен непрестајно.

Стихː Неговото срце е подготвено да се надева на Господа.

Ти ми го откри сето богатство на верата, Господи, благодарствено си извикувал кон Бога, Изворот на љубовта и на премудроста, праведен Јоване, од Когошто си ги дознал спасителните зборови. Со нив загреј ги нашите ладни срца, и упати ги кон спасение.

Слава, глас 8ː

Со љубов приврзувајќи се кон единствениот Бог, свети Јјоване, и имајќи постојана грижа за оние што страдаат и за отфрлените, како брз помошник им се покажа. Поради тоа, силата на благодатта Божја преку тебе прави големи чудеса, обраќајќи ги неверните кон верата во Христа, и кон животот во славата Божја.

Тропар, гласː

На православната вера – бранителу, на руската земја – старателу, на пастирите – правило, и на верните – образецу, на покајанието и на животот во Христа – проповеднику, на божествените тајни – набожен служителу, и за луѓето – смел молитвенику, праведен отче Јоване, исцелителу и прекрасен чудотворецу на градот Кронштад – пофалбо, и на црквата наша – украсу, моли Го Себлагиот Бог, да го смири светот и да ги спаси душите наши.

Друг тропар, глас 4ː

Богомудар отче Јоване, ти се покажа како добар пастир на руската земја, откако се здоби со живот во Христа, во презвитерското служење.

Ти си примил изобилна благодат од Господа Христа, да исцелуваш болести, да утешуваш малодушни, да ги соединуваш верните со Христа, во тајната на Неговото пречисто тело и крв. Поради тоа те фалиме, како молитвеник за душите наши.

Подготви Светланка Трајчева

Source: https://pokajanie.mk/2019/12/29/25590/

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
7 months ago

Благодарноста подразбира себепринесување, сега и овде!

Неблагодарност Благодарноста подразбира себепринесување, сега и овде. Таму каде што нема правилен подвиг, нема ни себепринесување. Каде што, пак, нема себепринесување односно благодарење на дело, нема ни co зборови, ни co мисли, ни co чувства. И да се спучи благодарење co збор, без дело позади себе,...

Image Description
2 years ago

Каков е тој оган? (Свети Исаија Отштелник)

Добродетелниот и смиреноумен монах ги сокрива своите добродетели како богатиот своето богатство. Тој не ја твори својата волја, туку секој миг се прекорува, подвизувајќи се во тајното дејствување според зборовите на Писмото: Се загреа срцето мое во мене, и во мислите мои се разгоре оган! (Псал. 38,...

Image Description
1 year ago

Да ги покриваме гревовите и слабостите на нашите браќа и сестри! (Архимандрит Дамаскин)

ВО НАШИОТ БЛИЖЕН СЕ И ЖИВОТОТ И СМРТТА! (3) – Архимандрит Дамаскин (Извадок од Беседата на Прочка – 2018 г.) …Христос ни велеше во Беседата на гората: Вие ги љубите само оние кои што вас ве љубат, вие им правите добро само на оние кои вам ви прават добро, и сте смирени и кротки само со оние ко...