Затоа што, каква е ползата од создавањето ако не Го спознаат својот Создател?

Или како созданијата можат да бидат словесни ако не Го познаат Логосот, во Кој и се создадени?

А и зошто Бог би ги создал ако не сакал да Го спознаат?

За да не дојде до тоа, Предобриот им го пратил Својот образ, односно нашиот Господ Исус Христос, Оној според Чиј образ и подобие ги создал, за со тој благодатен дар, спознавајќи го образот, односно Логосот на Отецот, да можат да Го спознаат Самиот Отец, односно да живеат во вистински среќен и блажен живот.

Значи, што требало да направи Бог?

Или што друго требало да се случи, ако не да се обнови она што е според образот, за преку тоа луѓето повторно да бидат во состојба да Го спознаат Бог?

А како тоа можело да се исполни ако не со доаѓањето на Самата Божја Икона, односно доаѓањето на нашиот Спасител Исус Христос?

Бидејќи, преку луѓето тоа не можело да се исполни, затоа што и самите се создадени според образот; но ни преку ангелите, зашто тие не се Божји икони.

Затоа Божјиот Логос Самиот дошол… Го земал на Себе смртното тело за на тој начин смртта да исчезне преку Него, а луѓето, создадени според Божјиот образ, да можат повторно да бидат обновени.

* * *

Иако Самиот Бог е над сѐ, патот кон Него сепак не е далечен и не се наоаѓа надвор од нас:

„Царството е внатре во вас“, ни потврдил Спасителот.

Бидејќи, имајќи ги во себе верата и Божјото Царство, во состојба сме лесно да Го здогледаме и спознаеме Царот на сѐ, спасоносниот Логос на Отецот.

А ако некој праша кој е тој пат, ќе кажам дека тоа е душата (срцето) на секој човек, и умот кој е во неа. Затоа што, само на тој начин е можно да Го видиме и спознаеме Бог.

Свети Атанасиј Велики

Повеќе ...