Великиот канон на св. Андреј Критски
ПЕСНА 1

Ирмос: Помошник и покровител ми стана во спасението. Он е мојот Бог и ќе Го прославам – Бог на мојот татко, и Него ќе Го возвисам, оти славно се прослави.
[2Мојс. 15, 1-2: Тогаш, Мојсеј и синовите Израилеви ја запеаја оваа песна на Господа, велејќи:

“Да Го воспеам Господа, зашто славно се прослави: коњите и коњаниците ги фрли в море. Помошник и закрилник ми беше во спасението. Он е Бог мој, и ќе Го прославувам; Бог на таткото мој, и ќе Го превознесувам.]

Припев: Помилуј ме, Боже, помилуј ме.

Од каде да почнам да ги оплакувам делата на мојот беден живот? И што да ставам за почеток на моето сегашно редење, Христе? Но, како Милосрден, дај ми прошка на гревовите.

Оди, бедна душо, со телото твое, на Творецот на сите исповедај се, и од поранешното безумство натаму ослободи се; и, во покајание, на Бога солзи принеси Му.

Престапот на првосоздадениот Адам подражавајќи го, откажан се познав од Бога, и од Царството вечно и наслада, поради моите гревови.

[1Мојс. 3, 6-7: И жената, гледајќи дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав за гледање, и дека дрвото е пожелно поради знаењето, набра род од него и јаде, па му даде и на мажот свој, та и тој вкуси. Тогаш им се отворија очите на обајцата, и увидоа дека се голи; па исплетоа лисја од смокви и си направија опашала.]

Тешко мене, душо бедна! Зошто на првата Ева си се уподобила? Оти зло си видела и тешко си се ранила; дрвото си го допрела и од безумната храна слободно си вкусила.

Наместо телесната Ева, ми се јави духовна Ева – страсна помисла во плотта, која ми покажува наслади, и со горчлива напивка секогаш ме напојува.

Адам праведно беше истеран од рајот, оти не ја запази Твојата единствена заповед, Спасителу; а јас колку ќе пострадам, отфрлајќи ги постојано Твоите животворни зборови!

[1Мојс. 3, 23: Тогаш Господ Бог го изгони од градината Едем, за да ја обработува земјата, од која беше земен.]

Слава: троичен: Надсуштествена Троице, славена во Единица! Тешкото гревовно бреме земи го од мене и, како Милосрдна, дај ми солзи на смирение.

Богородичен: Богородице, надеж и застапнице за нас што ти пееме! Тешкото гревовно бреме, земи го од мене и, како Чиста Владичица, мене покајникот прими ме.

ПЕСНА 2

Ирмос: Чуј ме, небо, и ќе прозборам и Христа ќе Го воспеам, Кој во тело дојде од Дева.

Чуј ме, небо, и ќе прозборам! Земјо, слушни го гласот на оној што се кае пред Бога и Го воспева.

Чуј ме, Боже, мој Спасителу, со Твоето око милостиво, и прими го моето топло исповедање.

Згрешив повеќе од сите луѓе; Тебе единствениот Ти згрешив! Но, како Бог, Спасителу, смилувај се на Твоето создание.

[1Тим. 1, 15: Верни се и достојни за секакво примање зборовите, дека Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас.]

Откако ликот свој го нагрдив со страстите мои, убавината на умот ја загубив со желби сладострасни.

Бура од зла ме држи, Милостив Господи; но, како на Петар, и мене рака подај ми.

[Мт. 14, 31: Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: „Маловернику, зошто се посомнева?”]

Облеката на моето тело ја осквернив и го извалкав, Спасителу, она што е по образ (Божји) и подобие.

Душевната красота со сладострстие ја помрачив и сиот ум во кал целосно го претворив.

Ја искинав сега мојата прва облека, која на почетокот од Создателот ми беше исткаена, и затоа лежам необлечен.

Се облеков во риза искината, што ми ја истка змијата злонамерно, и ете ме сиот посрамен.

[1Мојс. 3, 21: А Господ Бог им направи на Адама и на жената негова облеки од кожа, и ги облече во нив.]

Како блудницата, и јас леам солзи пред Тебе, Штедре! Очисти ме, Спасителу, со Твоето милосрдие.

[Лк. 7, 38: Па, како застана при нозете Негови одзади, плачејќи, почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше и помазуваше со миро.]

Ја видов убавината на дрвото и со умот се измамив: затоа лежам необлечен и се срамам.

Врз плеќите мои работеа сите демонски началници, продолжувајќи го врз мене нивното беззаконие.

[Пс. 128, 3: На плешките мои грешниците дејствуваа, продолжувајќи со своето беззаконие.]

Слава: троичен: Единствениот Бог на сите, во три лица Го пеам: Отецот и Синот и Светиот Дух.

Богородичен: Пречиста Богородице Дево, единствена сепеана, прилежно моли се да бидеме спасени.

ПЕСНА 3

Ирмос: На неподвижниот камен на Твоите заповеди, Христе, утврди ја мојата помисла.

Кога во она време Господ пушти оган како дожд, ја изгоре земјата содомска.

[1Мојс. 19,24: Тогаш излеа Господ на Содом и на Гомор од небото дожд од сулфур и оган од Господа од небото.]

На гората спасувај се, душо, како оној Лот, и во Сигор засолни се.

[1Мојс. 19,22-23: „Бегај побрзо таму; оти не можам да направам ништо, додека не стигнеш онаму.” Заради ова оној град се нарече Сигор. И кога сонцето огреа по земјата, Лот пристигна во Сигор.]

Бегај од пламенот, душо моја, бегај од огнот содомски, бегај од гибелта на пламенот божествен.

Тебе единствениот Ти згрешив! Згрешив повеќе од сите, Христе Спасителу, да не ме презираш мене.

Ти си Добриот Пастир: мене јагнето побарај ме и заблудениот не презирај ме.

[Jн. 10,11-14: Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците; а наемникот, кој не е пастир, и кому овците не се негови, види ли волк да иде, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците.

Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците. Јас сум добриот Пастир: и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене.]

Ти си сладок, Исусе, Ти си мој, Создателу! Во Тебе се оправдувам, Спасителу.

Ти се исповедам Тебе, Спасителу, згрешив, Ти згрешив, но олесни, прости ми, како Милосрден.

Слава: троичен: О, Троице Единице, Боже, спаси не од прелест, искушенија и неволи.

Богородичен: Радувај се, утробо што Го прими Бога! Радувај се, престолу на Господа! Радувај се, Мајко на Животот наш.

ПЕСНА 4

Ирмос: Пророкот го слушна доаѓањето Твое, Господи, и се исплаши, дека сакаш од Дева да се родиш и на луѓето да им се покажеш, и говореше: го слушнав гласот Твој и се исплашив: слава и на силата Твоја, Господи.

Делата Твои не презирај ги, созданието Твое не оставај го, Судијо праведен, иако јас како човек Ти згрешив повеќе од секој човек, Човекољупче! Но, како Господ на сите, имаш власт да проштеваш гревови.

[Мт. 9,6; Мк. 2,10: „Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да проштава гревови.” Тогаш му рече на фатениот: „Стани, земи си ја постелата и оди си дома!”]

Се наближува крајот, душо, се наближува, а ти не се грижиш, ниту се подготвуваш; времето се скратува, стани, Судијата е близу до вратата. Како сон, како цвет, времето на животот тече. Зошто напразно се буниме!?

[Мт. 24, 33; Мк. 13, 29; Лк. 21, 31: „Па така и вие, кога ќе го видите сето тоа да станува, знајте дека е близу, пред врата!“]

Разбуди се, душо моја, размисли за делата твои што си ги сторила, и принеси ги пред лицето твое, и со капки од солзи облеј ги; слободно кажи Му ги на Христа делата и помислите и оправдај се.

Немаше во животот ни грев, ни дело, ниту зло со кое јас, Спасителу, не се осквернив: со ум, со збор, доброволно, со намера и мисла, и со дело згрешив, како никој друг и никогаш.

Оттука и осуден бев, затоа и прекорен бев од совеста своја, бедниот јас, од која ништо на светов понужно не е. Судијо и Избавителу мој, Кој ме познаваш, поштеди ме, и избави ме; и мене, Твојот слуга, спаси ме.

Скалата, што одамна големиот патријарх (Јаков) ја виде, укажува, душо моја, на делотворно искачување и духовно издигнување. Затоа, ако сакаш со дело, со разум и со созерцание да поживееш, обнови се.

[1Мојс. 28, 12: И виде сон: ете, скала стои на земјата, а со врвот допира до небото, и Ангели Божји се качуваа по неа и слегуваа.]

Патријархот, за да ги добие двете жени, дневната пот на сиромаштијата ја трпеше и ноќниот студ го поднесуваше; секојдневно заработуваше, стадата ги пасеше, се трудеше и служеше.

[1Мојс. 31, 7, 40: „А таткото ваш ме лажеше и десетпати ми ја мени платата, но Бог не му дозволи да ми направи зло. Дење ме изнуруваше горештината, а ноќе мрзнев; и сонот ми бегаше од очите.“ ]

Двете жени разбери ги како дејствувањето и созерцавањето: дејствувањето како Лија многудетната, а созерцавањето како Рахила многуработливата: оти без подвизи, душо, не се постигнува ни дејство, ни созерцавање.

Слава: троичен: Неразделно по суштина, неслеано по лица, Те богословам, троично и единствено Божество. Како едноцарствено и сопрестолно, Ти пеам голема песна, во висините тројно славена.

[Ис. 6, 1-3: Во годината кога умре цар Озија, јас го видов Господа, седнат на престолот висок и издигнат, а полите на одеждата Негова го исполнија целиот храм. Околу Него стоеја серафими; секој од нив имаше по шест крилја: со две секој го криеше лицето свое, со две други ги криеше нозете свои, а со две леташе. И викаа еден кон друг и велеа:

„Свет, свет, свет е Господ Саваот! Целата земја е полна со Неговата слава!”]

Богородичен: И раѓаш и девствуваш, и во двете по природа остануваш Дева. Оној што се роди, законите на природата ги обновува. Раѓа утроба, како да не раѓа. Каде што сака Бог го победува природниот поредок, оти се што сака Он тоа и го прави.

ПЕСНА 5

Ирмос: Мене, кој од ноќта поранувам, просвети ме Човекољупче, и се молам: Упати ме на заповедите Твои и научи ме, Спасителу, да ја творам волјата Твоја.

[Пс. 62,2; 118,35: И така се појавив во Светилиштето Твое, за да ја видам Твојата сила и Твојата слава. Постави ме на патеката на Твоите заповеди, зашто многу ја засакав.]

Во ноќ го минував секогаш мојот живот; оти за мене тоа беше ноќ на гревот, темнина и магла длабока. Но Ти, Спасителу, како син на денот покажи ме.

[Ефес. 5,8: Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господа: живеете како +деца на светлината!]

Рувим подражавајќи го, бедниот јас, совет законопрестапен против Бога Вишниот направив, кога ја осквернив постелата моја, како тој татковата.

[1Мојс. 35, 22; 49,3-4: И кога Израил живееше во таа земја, отиде Рувим, та легна со Вала, наложницата на неговиот татко Јаков. И тоа го дочу Израил и се огорчи. А Јаков имаше дванаесет синови; Рувиме, сине мој првороден, ти си крепост моја и +почеток на чедата мои; прв по достоинство и прв по сила. Ти бликаш како вода; нема да се издигнеш, зашто се качи на татковото легло, и ја оскверни постелата моја, на која се качи.]

Ти се исповедам, Христе Цару, згрешив и презгрешив, како некогаш браќата кои го продадоа Јосифа, кој беше плод на чистота и целомудрие.

[1Мојс. 37,28: Па кога трговците Мадијамски минуваа покрај нив, тие го извадија Јосифа од јамата и им го продадоа на Исмаилците за дваесет златници; а овие го одведоа Јосифа во Египет.]

Душата праведна од сродниците беше врзана и во ропство слаткиот беше продаден, како предобраз на Господа: ти, пак, цела душо, на твоите злодела си се продала.

Животот на праведниот Јосиф беше врзан од неговите браќа, и младото момче беше во ропство продадено, како предобраз на Господа; а ти, душо моја, на твоите гревови си се продала.

Ако некогаш Јосиф и во јама поживеа, Владико Господи, тоа беше праобраз на Твоето погребение и воскресение. А јас, кога такво нешто ќе Ти принесам?

Слава: троичен: Тебе, Троице, Те славиме – Бога единствениот: Свет, Свет, Свет си Оче, Сине и Духу, просто суштество, Единице секогаш славена.

Богородичен: Од тебе се облече во мојата природа, нетлена, безмажна Мајко Дево, Бог Кој ги создаде вековите, и во Себе ја соедини човечката природа.

ПЕСНА 6

Ирмос: Повикав од се срце кон Штедриот Бог, и ме слушна од најдолниот ад и го изведе од гибел животот мој.

Солзи од очите мои и воздишки од длабочината чисто Ти принесувам, Спасителу, а срцето вика: Боже, Ти згрешив, очисти ме!

Си се оддалечила, душо, од Твојот Господ, како Датан и Авирон. Но, повикај од најдолниот ад: Боже, поштеди ме, за да не те покрие земната бездна.

[4Мојс. 16,32: И земјата ја отвори устата своја и ги голтна нив и домовите нивни, и сите луѓе заедно со Кореја и добитокот нивни.]

Како јуница разбеснета, душо, на Ефрема си се уподобила; но, како срна од замка, пази го животот свој, откако умот ќе го окрилиш со дела и созерцание.

[Јеремија 31,18; Ос. 10,11: Го слушам Ефрема како плаче: „Ти ме казни, и јас сум казнет како нескротен јунец; сврти ме – и ќе се свртам, зашто ти си мој Господ Бог.“; Ефрем е обучена јуничка, свикната да врши, и Јас Самиот на нејзиниот убав врат ќе ѝ ставам јарем; па Ефрем ќе влече, Јуда ќе ора, а Јаков ќе брани.]

Раката Мојсеева, душо, нека не увери како Бог може еден живот лепрозен да го избели и очисти; и не очајувај за себе и кога си лепрозна.

[2Мојс. 4,6-7: И пак му рече Господ: “Стави ја сега раката свој во пазувата своја!” И тој ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади, а тоа раката му побелела од лепра, како снег. И пак му рече Господ:

“Стави ја пак раката своја во пазувата своја!” И пак ја стави раката своја во пазувата своја; а кога ја извади од пазувата, таа пак станала, како што му беше целото тело негово.]

Слава: троичен: Јас сум Троица проста, неразделна, но по лица разделена и Јас сум Единица, по природа соединета, вели Отецот и Синот и Духот Божествен.

Богородичен: Утробата твоја Бога ни Го роди, во нам сличен облик: Него, како Создател на сите, моли Го Богородице, по молитвите твои да се оправдаме.

Кондак, глас 6: Душо моја, душо моја, стани, зошто спиеш? Крајот се приближува, ќе се збуниш. Затоа разбуди се, за да те поштеди Христос Бог, Кој е насекаде и се исполнува.

ПЕСНА 7

Ирмос: Згрешивме, против законите живеевме, неправедни бевме пред Тебе. Ниту запазивме, ниту извршивме како што си ни заповедал. Но не отфрлај не до крај, Боже на татковците.

[Дан. 9,5-6: Згрешивме, постапивме беззаконо, дејствуваме нечесно, се противевме и отстапивме од Твоите заповеди и од Твоите наредби и не ги слушавме Твоите слуги, пророците, кои им зборуваа од Твое име на царевите наши и на достоинствениците наши, на татковците наши и на сиот народ од земјата.]

Згрешив, противзаконски живеев и Твојата заповед ја отфрлив, оти во гревови се родив и врз раните нови красти си додадов. Но, Самиот Ти помилуј ме, како Милосрден, Боже на татковците.

Тајните на моето срце Ти ги исповедав Тебе, на мојот Судија: види го моето смирение, види ја и тагата моја, и внимавај сега кога ми судиш и Самиот помилувај ме, како Милосрден, Боже на татковците.

[Пс. 37,19; 24,18; 34,23: А непријателите мои живеат и сè посилни стануваат од мене, и се намножија оние што неправедно ме мразат. Погледај ги моите непријатели, колку многу се намножија и колку многу ме мразат. Стани, разбуди се поради мојата правда, о Боже мој и Господи мој!]

Како што Саул некогаш ги загуби магариците на својот татко и ненадејно го најде своето царско достоинство, така и ти, душо, пази да не се заборавиш и твоите скотски похоти да не ги засакаш повеќе од Царството Христово.

[1Цар. 9,1-27; 10,1: Имаше еден виден човек од Венијаминовите синови, по име Кис, син Авилов, син Јаредов, син на Вахиров, син Афеков, син на некојси Венијаминец. Тој имаше син, по име Саул, млад и убав; и никој од Израилците не беше поубав од него; а и за глава тој беше повисок од сиот народ. И на Сауловиот татко Кис му се загубија ослиците, па му рече Кис на синот свој Саула:

„Земи со себе еден од слугите и стани, та оди и побарај ги ослиците.”

И тој ја мина Ефремовата гора, ја минаа и земјата Селха, но не ги најдоа; ја минаа и земјата Сегалимска, и таму ги немаше; потоа ја минаа и Венијаминовата земја, но не ги најдоа. А кога дојдоа во земјата Сифова, Саул му рече на слугата свој, што беше со него:

„Да се вратиме, за да не почне татко, заборавајќи ги ослиците, да се беспокои поради нас.” Но слугата му рече: „Еве, во овој град има еден човек Божји, чпвек почитуван; сè што тој ќе каже, се збиднува. Да отидеме сега таму; можеби, ќе ни го покаже нашиот пат, по кој да одиме.” И му рече Саул на слугата свој:

„Добро, да одиме, но што ќе му однесеме на тој човек? Зошто леб не остана во торбите наши, а и подароци нема, за да му однесеме на човекот Божји.

Што имаме?” Слугата, пак, му одговори на Саула и рече: „Ете, во раката моја има четврт сикла сребро; ќе му ја дадам на човекот Божји, и тој ќе ни го покаже патот наш.”

Порано кај Израилот, кога некој одел да Го праша Бога, велел вака: »да одиме кај јасновидецот. Зашто тој, кого денес го нарекуваат пророк, порано се викал јасновидец.« И му рече Саул на слугата свој:

„Добро велиш; да одиме!” И отидоа во градот, каде што беше човекот Божји. Кога влегуваа во градот, сретнаа девојки, кои беа излегле да си наполнат вода, и ги запрашаа:

„Има ли тука јасновидец?” Тие им одговорија и рекоа: „Име; ете, тој е пред вас; само побрзајте; тој денес дојде во градот, бидејќи народот денес принесува жртва на ридот; кога ќе дојдете во градот, ќе го затечете, пред да се искачи на ридон за да руча; зашто народот нема да почна да јаде, додека тој не дојде; бидејќи тој ќе ја благослови жртвата, и потоа поканетите ќе почнат да јадат; и така, одете, токму сега ќе го затечете.”

И отидоа во градот. А кога дојдоа среде град, ете, и Самуил им излегува во пресрет, за да отиде на ридот. А ден пред Сауловото доаѓање, Господ му откри на Самуила и рече:

„Утре во ова време ќе ти испратам еден човек од Венијаминовата земја, и то помажи го за цар на Мојот народ, Израилот; тој ќе го спаси народот Мој од филистејските раце; зашто Јас погледнав милостивно на Мојот народ, бидејќи повикот негов стигна до Мене.”

Кога Самуил го виде Саула, Господ му рече: „Ете го човекот, за кого ти говорев; тој ќе царува над Мојот народ.” Саул се приближи до Самуила при вратата и го запраша: „Кажи ми, каде е куќата на јасновидецот?”

Самуил му одговори на Саула и рече: „Јас сум јасновидецот, оди пред мене на ридон; и вие ќе ручате денес со мене; јас ќе те пуштам изутрина, и ќе ти кажам сè, што имаш на срцето; а за ослиците, што се загубија пред три дена, не се грижи, тие се најдени. Та за кого е сè она, што е најсакано кај Израилот?

Нели е за тебе и за целиот твој татков дом?” Саул одговори и рече:

„Не сум ли јас син од Венијаминовото колено, едно од најмалите Израилеви колена? И домот мој не ли е најмал меѓу домовите од Венијаминовото колено? Тогаш, зошто ми го говориш тоа?” Самуил го зеде Саула и слугата негов, ги воведе во собата, и им даде прво место меѓу поканетите, кои беа триесетина души. И му рече Самуил на готвачот:

„Донеси го оној дел, што ти го бев дал и за кој ти бев рекол: »зачувај го кај себеси.«“ И готвачот ја зеде плешката и сè, што беше на неа, и го стави тоа пред Саула. И рече Самуил:

„Ете, тоа е принесено, стави го пред себе и јади, бидејќи тоа е зачувано заради тебе кога го свикав народот.” И тој ден Саул ручаше со Самуила. Потоа тие слегоа од ридот во градот, и Самуил разговараше со Саула на покривот, а и послаа за Саула на покривот и тој спиеше. Утрината тие станаа токму кога зазори зората, Самуил го повика Саула на покривот и рече:

„Стани, јас ќе те испратам.” Саул стана, и обајцата, тој и Самуил, излегоа од куќата. Кога наближуваа кон крајот на градот, Самуил му рече на Саула: „Кажи му на слугата да оди пред нас,” – и тој отиде напред, – а ти сега застани,” и јас ќе ти откријам, што рече Бог.”

И зеде Самуил сад со елеј, го излеа врз главата негова, го бакна и рече: „Еве, Господ те помаза за цар на Своето наследство во Израилот и ти ќе царуваш над народот Господов и ќе ги избавиш од рацете на околните непријатели нивни, и ете ти знак, дека Господ те помазал за цар на Своето наследство.]

Ако богоотецот Давид некогаш згреши двојно, прободен од стрелата на прељубата, а потоа со смртоносното копје, со казна поради убиството, самата ти, душо моја, страдаш уште повеќе под товарот на твоите похоти.

[2Цар. 11,14-15: Изутрината Давид напиша писмо до Јоава и го испрати по Урија. Во писмото напиша вака: „Поставете го Урија таму, каде што ќе има најсилна војска, и отстапете од него, за да биде удрен и да умре.”]

Давид некогаш на едно беззаконие му додаде и друго беззаконие: откако на прељубата и додаде и убиство, веднаш потоа покажа и двојно покајание. Но самата ти, душо, направи уште полоши дела, кога пред Бога не се покаја.

Сликата за своето покајание Давид некогаш ја преточи во песна, со која делото што го направи го изобличи, викајќи: Смилувај се на мене, Боже, зашто Тебе единствениот Ти згрешив, Боже на сите, Самиот Ти очисти ме.

[Пс. 50,3-6: Зашто беззаконието мое го знам и мојот грев е секогаш пред мене. Пред Тебе Единствениот згрешив и пред Тебе зло извршив, за да бидеш праведен кога ќе пресудуваш и да победиш кога ќе судиш.

Ете, во беззаконие сум зачнат и во грев ме роди мајката моја. Но, Ти ја засака вистината во срцето, и внатре во мене ми ја објави непознатата и тајната премудрост Твоја.]

Слава: троичен: Троице проста, неразделна, едносушна и естетство едно; Светлини и Светлина; и Тројца Свети и Едно Свето, се пее Бог Троица; но запеј, прослави Го, душо, Животот и Животите, Бога на сите.

Богородичен: Ти пееме, те благословуваме, ти се поклонуваме, Богородице, зашто од неразделна Троица си Го родила единствениот Христос Бог, и нам кои сме на земјата, самата ни го отвори она што е небесно.

ПЕСНА 8

Ирмос: Оној што небеските војски Го слават, и од кого треперат херувимите и серафимите, се што дише и секоја твар, пејте Му, благословувајте Го и превозносете Го во сите векови.

Мене кој згрешив, Спасителу, помилуј ме; умот мој подигни го за обраќање; прими ме мене, кој се каам, смилувај се на мене, кој викам: Ти згрешив, спаси ме; против законите работев, помилуј ме.

Коларот Илија, со колата на добродетелите се искачи на небото, издигнувајќи се тогаш над се што е земно: за вакво издигнување размислувај, душо моја.

[4Цар. 2,11: Како што одеа и си разговараа по патот, наеднаш се појави огнена кола и огнени коњи, и ги раздвоија еден од друг, и Илија се понесе во виорот кон небото.]

Елисеј некогаш, кога ја прими наметката од Илија, прими двојна благодат од Бога: Ти, пак, душо моја, не ја прими оваа благодат, поради невоздржување.

[4Цар. 2,9,12-13: Кога минаа, Илија му рече на Јелисеја: „Барај, што сакаш да ти направам, пред да бидам земен од тебе.” Јелисеј одговори: „Духот, кој е во тебе, да биде двојно во мене.” А Јелисеј гледаше и извика:

„Оче мој, оче мој, кола на Израилот и негова коњица!” И веќе не го виде. Па ја фати облеката своја, и ја раскина на две парчиња. И го крена тој кожувот на Илија, што беше паднал од него, па се врати и се запре крај брегот на Јордан.]

Течението на Јордан застана и од едната и од другата страна, кога Елисеј го удри со наметката на Илија: ти, пак, душо моја, не прими од ова благодат, поради невоздржување.

[4Цар. 2,14: Го зеде кожувот на Илија, што беше паднал од него, удри со него по водата, и рече: „Каде е Господ, Бог Илиев? Он Самиот?” И удри по водата, а таа се раздели на две страни, и Јелисеј помина.]

Жената Сунамитка со добра нарав, некогаш угости праведник: а ти, душо моја, во својот дом не си вовела ни туѓинец, ниту патник: затоа со плачење ќе бидеш исфрлена од брачната палата.

[4Цар. 4,8: Еден ден Јелисеј отиде во Сонам. Таму една богата жена го покани во домот свој да јаде леб, и тој, секогаш кога ќе минеше, навратуваше таму да јаде леб.]

Бедна душо, секогаш си го подражавала осквернетиот разум Гиезиев: барем на старост, отфрли ја неговата алчност, бегај од огнот пеколен и отстапи од твоите лошотии.

[4Цар. 5,20-27: Тогаш Гиезиј, слугата на Божјиот човек Јелисеја рече: „Ете, мојот господар не сакаше да го земе од раката на тој сириец Нееман, она што го беше донел. Жив Господ! Ќе потрчам по него и ќе земам нешто од него.” И потрча Гиезиј по Неемана. Нееман виде, дека некој трча по него, слезе од колата да го пресретне и рече:

„Дали си со мир?” Тој одговори: „Со мир сум; мојот господар ме испрати да кажам: ете, сега дојдоа при мене од Ефремовата гора две момчиња од пророчките синови; дај ми еден талант сребро и две промени облека.”

И Нееман рече: „Земи, ако сакаш, два таланта.” И многу го молеше. Тогаш тој заврза два таланта сребро во две торби и две промени облека и им ги даде на двајцата слуги свои, та ги понесоа пред него.

Кога тој дојде до брегот, ги зеде од рацете нивни и ги сокри во домот свој. И ги отпушти луѓето, и тие си отидоа. Кога дојде и се јави пред господарот свој, Јелисеј го праша: „Од каде доаѓаш, Гиезиј?” Тој одговори: „Никаде не одел слугата твој.”

Тој му рече: „Зар срцето мое не те придружуваше, кога оној човек се врати од колата своја да те пресретне? Време ли е да се земе сребро и да се зема облека, или маслинови дрвја и лозја, ситен или крупен добиток, слуги или слугинки? Затоа, Неемановата лепра нека се залепи на тебе и на потомството твое засекогаш.” И тој излезе од него бел како снег од лепрата.]

Слава: троичен: Беспочетен Оче, Сину собеспочетен, и Утешителу Благи, Духу вистински: Родителу на Божјото Слово, Слово на беспочетниот Отец, Духу Кој живееш и твориш; Троице, Единице, помилуј не.

Богородичен: Како од тенко црвено платно, Пречиста – умна багренице Емануилова, во твојата утроба беше исткаено телото Негово. Затоа навистина те почитуваваме како Богородица.

ПЕСНА 9

Ирмос: Од бессеменото зачнување, раѓање неискажливо; од безмажна мајка, нетлен плод; оти Божјото раѓање ја обновува природата; затоа сите народи, како Богоневесна Мајка, православно те величаме.

Умот ми е крастосан, телото се разболе, духот боледува, зборот изнеможе, животот се умртви, крајот е пред вратите: затоа, душо моја бедна, што ќе направиш кога ќе дојде Судијата да испита се што е твое?

Ти го предочив, душо, создавањето на светот, според Мојсеја, и сето Старозаветно писмо од него, кое ти ја раскажува историјата на праведните и неправедните: но ти, душо, си ги подражавала вторите, а не првите, на Бога грешејќи Му.

Законот изнеможе, Евангелието не делува, небрежен беше кон целото Писмо, пророците повеќе немаат моќ, како и секој праведен збор: раните твои, душо, се намножија, оти немаш повеќе лекар да те излекува.

Ти приведувам примери од Новиот завет, кои те водат, душо, кон покајание: праведните подражавај ги, а од грешните одвраќај се, и умилостиви Го Христа со молитви и пост, во чистота и набожност.

Христос се вочовечи, и ги повика на покајание разбојниците и блудниците: душо моја, покај се, вратата на Царството веќе се отвори, и го преземаат фарисеите и митарите, и прељубодејците, кои се каат.

[Мт. 11, 12; 21, 31. Лк. 16, 16: А од деновите на Јована Крстител па досега, царството небесно насила се зема и силните го грабаат; Тогаш Исус им рече: „Вистина ви велам, дека митниците и блудниците ќе ве испреварат во царството Божјо.]

Христос се вочовечи, и со моето тело се соедини, и се што е од нашата природа, освен гревот, доброволно го прими, покажувајќи ти со тоа, о душо, пример и слика на Своето понижување.

Христос мудреците ги спаси, пастири повика, мноштво дечиња – маченици ги покажа, старци прослави и стари вдовици: а ти, душо, нив не си ги подражавала, ни со дела ни со живот: но тешко тебе, кога ќе бидеш судена.

[Мт. 2, 1-16. Лк. 2, 4-8, 25-26, 36-38: А кога се роди Исус во Витлеем Јудејски, во дните на цар Ирода, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од Исток и рекоа: Каде е новородениот Цар Јудејски? Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме.

Штом го чу тоа, цар Ирод се уплаши и целиот Ерусалим со него. И кога ги собра сите првосвештеници и книжници народни, ги праша: „Каде треба да се роди Христос?” А тие му одговорија:

„Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот: И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу војводствата Јудини; оти од тебе ќе излезе Водач што ќе го пасе мојот Мојот народ – Израилот.” Тогаш Ирод тајно ги повика мудреците и дозна од нив точно за времето, кога се појавила ѕвездата, па, испраќајќи ги во Витлеем, рече: „Отидете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да отидам и јас да Му се поклонам.”

Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на Исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре над местото, каде што беше Младенецот.

А кога ја видоа ѕвездата, тие се зарадуваа со многу голема радост. И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна.

И кога примија в сон вест, не се вратија веќе при Ирода, а си заминаа по друг пат за својата земја. А штом си отидоа тие, ете, ангел Господов му се јави на Јосифа в сон, велејќи:

„Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму дури не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби.” И тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му ноќно време, па отиде во Египет. И таму беше до смртта Иродова, за да се исполни реченото од Господа преку пророкот, кој вели: „Од Египет Го повикав Синот Свој.”

Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се разгневи многу и прати, та ги уби сите младенци во Витлеем и по целата негова околина од две години и помали, според времето што точно го беше узнал од мудреците.]

Откако испости четириесет дена во пустината, Господ најпосле огладне, покажувајќи го Своето човештво: душо, да не се обесхрабриш, ако непријателот те нападне, со молитва и пост од нозете твои ќе се одбие.

[2Mojс. 34, 28; Мт. 4, 2. Лк. 4, 2. Мк. 1, 13: И остана Мојсеј таму пред Господа четириесет дена и четириесет ноќи, на јадејќи леб и не пијќи вода; и ги напиша врз плочите зборовите на Заветот, Десетте заповеди;

„Напишано е – »Не само од леб ќе живее човекот, а од секој збор што излегува од устата на Бога.«“; Четириесет дена Го искушуваше ѓаволот, и ништо не јаде во тие дни; а кога изминаа тие, најпосле огладне.; И беше таму, во пустината, четириесет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите Му служеја.]

Слава: троичен: Отецот да Го прославиме, Синот да Го превознесеме, на Божествениот Дух верно да Му се поклониме – на Троица неразделна, по суштина Единица, како на Светлина и Светлини, Живот и Животи, животворен и Кој ги просветлува сите краишта.

Богородичен: Градот твој пази го, Богородице Пречиста, зашто со твоја помош тој верно царува, во тебе се утврдува, и со тебе победува секое искушение, и воини запленува и напредува во послушание.

Преподобен оче Андрее, моли Го Бога за нас.

Повеќе ...