За да ја разбереш мисијата и постоењето на Црквата, најпрвин треба да го разбереш сопственото постоење и како од небитие си станал битие.

Зошто е ваков светот мрачен и злобен и што е тоа што ја гризе нашата внатрешна хармонија на целата наша личност?

Денес многумина се соблазнуваат и не пронаоѓајќи ја суштината на сопственото постоење, тие не ја разбираат ни суштината на постоењето на Црквата, бидејќи тие две работи нераскинливо се поврзани.

И така, додека човек скита барајќи се себеси во егото, тој, колку што се оддалечува од спознавањето на себеси во суштината, тој толку се оддалечува и од Црквата.

Многумина мислат дека Црквата е некоја хуманитарна заедница, која е тука само за да помага во материјални добра.

Други, пак, помислуваат дека Црквата е некоја традиционална верска заедница, која е создадена за одбележување и сочувување на национален идентитет.

Некои трети, пак, помислуваат дека Црквата е создадена за контрола на масата, за да остане потчинета.

И од овие три клучни моменти на самопрелажување генерално на самите себеси, човекот доаѓа до уште поскандалозни тврдења, а тие се:

Дека Црквата не помага, се соблазнуваат на џиповите од свештениците, роптаат и викаат при секоја изградба на Црковен Храм, тврдејќи дека подобро е сиромашните да се нахранат со тие пари, па се соблазнуваат и за свеќите, за наплатата на крштевките или погребите и доколку продолжам да набројувам, ќе ми требаат два дена непрестајно да пишувам и испишувам.

Не ги осудувам, туку ги жалам, бидејќи непознавањето на Црквата означува непознавање на себеси.

Црквата не е тука создадена за да биде хуманитарна организација, која и покрај се`, помага, но не како духот на светот со фалба, туку тивко, без никој да знае.

Црквата не е создадена за одбележување на националниот идентитет, иако таа ти Воскреснатиот.

Црквата не е тука за да контролира маса луѓе да бидат потчинети, туку таа е тука за да ја вкусиме слободата на нашата личност преку слободната волја, која ни ја подарил како и се` останато, Бог.

Дали гледате колку му е тешко и колку се измачува оној човек кој не ја спознал Црквата, а со тоа се лишил да се спознае себеси.

Тој, кутриот, постојано ќе се измачува и соблазнува, а тоа е бидејќи скита во длабока темнина и притоа постојано ја покрива светлината (Црквата), која му нуди да прогледа во оваа отпадната состојба.

Таа го повикува, а тој ја оттурнува.

Таа му нуди исцеление, а тој обожува да шета лепрозен.

Таа му нуди слобода, а тој се плаши од неа и останува во ропство.

Таа му нуди Воскресение, а тој избира смрт.

Не ги обвинувајте, туку сострадувајте со личностите кои живеат во бунило и мрак, бидејќи тие кутри и страдални души се` уште не го спознале Христа.

Зарем има поголема болка и мачнина кога не го познаваш Христос?

Нема!!!

Од каде знам? Бидејќи и јас сум бил од таа страна на ѕидот и јас сум викал и сум се соблазнувал, меѓутоа, нема поголема љубов од Христовата, нема поголем мир од Христовиот и нема поголема утеха од Христовата.

А Христос единствено е можно да се спознае и да се живее преку Неговата Црква, преку Ефхаристијата, преку која Тој нас постојано и непресушно ни се дава и ни се предава, за да не` исцели пак и пак и пак, се` до крајот на векот.

Црквата не се луѓето кои и` служат нејзе, не се ни свеќите, не се ни џиповите кои постојано ви го замаглуваат погледот.

Црквата е Светиот Дух, таа е Неговиот пулс, Неговиот глас и Неговото разбирање за нашата отпадната слобода.

Христос ни ја даде Црквата, а не луѓето. И да не заборавиме, мои браќа и сестри, Тој за Неа Го положи животот, за ние во неа преку Светиот Дух да го примаме Него, за да се спознаеме и исцелиме себеси.

Со љубов, ваш брат во Христа

Извор

&

&

Originalen post ...