mitropolit-metodij-1-3

Митрополит Американско-канадски, г. МЕТОДИЈ

Возљубени духовни чеда,

Денес го славиме Христовото воскресение од мртвите, денот на кој Изворот на животот ја победи смртта и на таинствен начин го обнови и спаси целото Негово создание. Обновата и спасението беа во центарот на божанскиот Домострој и основната причина за Христовата жртва на крстот. Тој дојде да го разреши првородениoт грев и да ја поништи клетвата на законот под која човештвото со генерации пребиваше во стегите на осуда и ропство. Христос дојде да го исправи “паднатиот Адам” и да ни ја покаже радоста и убавинатана новата творба (Откр. 21:5). Со Неговото дело на крстот, Христос, смртта ја победи, демоните ги порази и ширум ги отвори портите на спасението. Злите сили мислеа дека го убија Синот божји и “триеја раце” задоволни од тоа што Го доведоа до смрт на крст. Но Христос, токму преку смртта ја победи смртта; преку нивниот малициозен демонски план за Негово погубување и поробување на созданието, Тој го исполни божанскиот алтруистички план за вечна победа и спасение на сите. Токму затоа Христовото воскресение од мртвите е суштина на христијанската вера и центар на нашиот литургиски живот.

Чеда мои во Христа Воскреснатиот,

Откако Го осудија и распнаа на Крстот, Христовите ученици се разбегаа во страв и несигурност. Сè изгледаше безнадежно зашто им го погубија учителот. Но духовната реалност, драги мои, не е секогаш јасно видлива веднаш. Сè не е онака како што изгледа, зашто на третиот ден Христос воскресна од мртвите. Во првиот ден од седмицата Марија Магдалена и другата Марија (Матеј 28:1), отидоа до гробницата каде што Христос беше положен за да Го миросаат (Лука 24:1). Во отворениот и празен гроб, наместо телото Хростово, тие наидоа на ангел небесен кој им ја соопшти радосната вест (Матеј 28:7) и тие веднаш отрчаа да им навестат на апостолите. Овде, драги мои, не станува збор за просто телесно воскресение како она на Лазар кого Христос го воскресна од мртвите (Јован 11:38-44). Лазаревото воскресение беше не повеќе од пробудување и, на некој начин, продолжување на неговиот живот за одредено време, зашто тој повторно почина. Христовото воскресение пак, е онтолошка преобразба на човечкото битие. Тоа е трансформација која не подлежи на сегашните физички закони за време, простор и материја. Кога Христос се појави насреде собата која апостолите ја беа заклучиле од страв, Тој покажа кон нова димензија на постоење (Јован 20:19.26). Апостолите можеа да го допрат а сепак, ѕидовите не можеа да го задржат. Христос се покажа во својот богочовечки прославен лик, укажувајќи на нашиот иден статус: како што Тој воскресна така и ние ќе воскреснеме и ќе бидеме слични на Него (1 Јован 3:2). Тогаш ќе се исполни и заокружи процесот на создавање а ние ќе станеме Негов образ и подобие во целата смисла и полнота.

Возљубени во Господа,

Најголемата жртва која некој може да ја стори од љубов, е да го положи својот живот за своите пријатели (Јован 15:13). А Христос, го даде Својот живот за целото човештво (Јован 3:16). Христос, драги мои, немаше никаква потреба од распнување или воскресение. Тој е Логосот божји, вечното Слово и Мудрост божја. Тој е совечен со Отецот и Св. Дух. Преку Него сè е создадено и во Него сè се одржува (Колосјаните 1:15-17). Распетието и воскресението, пак, се дел од Неговото неизмерно човекољубие. Тие се дел од Неговиот план да ја исполни целата праведност, а нам да ни подари избавување од гревовите. Словото божјо стана вистински човек за во личноста на Исус Христос да може во сè да се поистовети со нас вклучувајќи ја и смртта. Како што Тој целосно се поистовети со нас во нашата слабост, така и ние целосно можеме да се поистоветиме со Него во Неговата победа. Станувајќи како нас, човек, нè удостои и ние да станеме како Него, обожени Негови созданија. После Неговата смрт на крстот, Христосисто така се симна и во адот каде што им ја навести Радосната Вест и на оние кои предходно починалеи со тоа покажа дека е Господар над живите и над мртвите подеднакво. После ова Негово дело на избавување, тој ја избриша поделбата на живи и мртви, зашто преку Неговата победа, сите живееме во слободата чекајќи го остварувањето на нашата надеж, воскресение од мртвите и живот вечен.

Мили мои духовни чеда,

Страдањата Христови не треба да се сведат единствено нa настаните од последните денови непосредно пред Неговото распнување. Целиот Христов живот, уште од Неговото раѓање во Витлеем, претставува Негова жртва кон Бога. Преку сите денови од својот земен живот, Христос на Бог Отецот му принесуваше совршена жртва на послушност и светост која кулуминираше со послушност до смрт на крстот. Првиот Адам се одлучи за непослушност и заради неговото своеволие, пострада тој и сите по него. Вториот Адам, пак, Христос, по своја волјадоброволно страдаше преку послушност до смрт на крстот и на тој начин ја исправи грешката на прародителите. Преку страдањата и послушноста, Христос го победи светот, ја победи и смртта. Во Неговата победа и ние победуваме. Од Неговите страдања ние се издигаме. И кога страдаме, знаеме дека прв Тој за нас страдаше. Нашите страдања се за наше спасение, а Тој страдаше за слободата на сите нас. Токму затоа воскресението треба да ни биде не само настан на кој се сеќаваме на ден Велигден, туку реалност која ја живееме секојдневно, зашто ни укажува на тоадека после страдањата следуваат победата и воскресението. Па така ако Христос, основачот на нашата вера е победник над смртта, тогаш и ние кои со Него страдаме подвизувајќи се во послушност, заедно со Него сме и победници (16:20-33).

Драги браќа и сестри,

Живееме во свет во кој заради масовните медиуми и социјалните мрежи со голема брзина дознаваме за настани насекаде во светот. Покрај оние добрите, до нас секојдневно допираат и извештаи за војни, убиства,терористички напади, злоупотреба на власт и сл. Безнадежност и очај насекаде по светот. Многу е лесно читајќи и слушајќи за ваквите нешта, да се разочараме и да го загубиме фокусот на нашиот подвиг. Токму затоа, потребно е константно да се потсетуваме дека ние припаѓаме на реално тело Христово кое е не апстрактно, распрскано насекаде по светот, туку реално опипливо – тоа е нашата локална заедница. Само во нашата заедница ние реално можеме да учествуваме во надежта и победата над неправдите во светот. На тоа не потсетува и Светата Евхаристија. Иако сме дел од глобално христијанско семејство, сепак, нашиот подвиг и нашето спасение конкретно се случуваат во помесната заедница каде практично црквуваме. Големиот литургиски богослов, св. Никола Кавасила нè поучува дека не може да постои живот во Христа доколку ние не учествуваме во Светата Тајна Евхаристија која ни се нуди на богослужбите токму во нашата заедница. Единствено тука, преку учество во Светата Причест, ние се единиме со Христа и заедно со Него го победуваме светот.

Возљубени во Христа Спасителот,

Вистинската радост почива врз верата во Христовата жртва на крстот. Вистинската надеж е во Светиот кој страдаше за човештвото. Вистинскиот мир призлегува од Христос кој го победи светот. Вистинскиот живот извира од Воскреснатиот и вечно Живиот Спасител. Затоа, радувајте се за совршената Пасха Христова! Радувајте за победата над победите! Радувајте се за воскресението од мртвите! Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на сите нас кои во Него веруваме, вечен живот ни подари!

&

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА – НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!

 

Повеќе ...