(прекрасен текст како лек против мамурлокот)

&

Каде ни отиде критериумот за автохтоните вредности на празнување?

&

&

&

ВЛАДИКА МЕТОДИЈ: РЕСТАВРАЦИЈА НА ТРАДИЦИИ ИЛИ РЕСТАВРАЦИЈА НА ПРИМИТИВИЗАМ

Немаме бургерски бек-граунд како Британците, а се обидуваме да бидеме поцинични од нив. Далеку помалку сме работливи од Јапонците, но во сарказмот ги шишнавме уште за време турско. Како културен ентитет сме метузалеми, а сè уште славиме Нова година пред Божик.

Вака би изгледала една хаику-анализа на нашето културно секојдневие на крајот од секоја календарска година, па и на оваа. И токму таа измешаност на лоши чувства и културна збунетост не ни оставаат можност, како што е природниот ред на нештата, да се израдуваме на празниците со кои завршува старата, а започнува новата година.

Празникот на Христовото раѓање го славиме според јулијанскиот календар, а новогодишните празници – според грегоријанскиот.

Бадник го славиме по пагански, а Божик, ако имаме сила да го славиме заради бадниковите теревенки, тоа го правиме по рисјански.

Празничната естетика малку ни е традиционалистичка или фолклорна, а малку западњачка. Зависи што сме успеале да прифатиме како украс.

Во таквата празнична рокада, како рецидив од комунизмот, за новогодишната ноќ (и две-три потоа) се испукуваме во секој поглед, па за Божик веќе немаме ни атом енергија.

И не може да нè утеши аргументот дека и еклектицизмот е некаков стил, бидејќи тоа првенствено подразбира имање онтолошки став. Каде ни отиде критериумот за автохтоните вредности на празнување?

Ако се обидеме да направиме споредба на сите семејни празнични собитија ќе забележиме дека тие според структурата и содржината се сосема истоветни, или поточно безлични.

Роденден, именден, слава, помен за упокоен, матурска или дипломска, прослава на Нова година или Божик, па дури и второмајските излети, скоро по ништо суштински не се разликуваат.

Се трошат сите пари што ни стојата на располагање за храна и пијалоци, се готви за една вечер храна која не може да се изеде ни за две седмици и во кругот на (тие што останале од) семејството вклучувајќи ги и малите екрани како суверен семеен ентитет всушност ништо не се прави.

Турбо-фолк диктатурата, што по дефиниција би значело внатрешно согорување на народот под висок притисок на кич, не само со псевдо-музичката порнографија од сите балкански мередијани, туку и со шпанските серии, со спортските коцкарници, телевизиките наградни игри и политичките дебатни емисии…, сето тоа ја прави нашата орбитала околу културата на празнувањето без малку права линија.

Оваа геометриска метафора и не би била толку сериозна и загрижувачка, доколку таа не би го подразбирала и автодеструктивното влијание на ваквиот начин на однесување за време на празниците.

Изгорени од петарди, ранети со малокалибарска муниција, никотински и алкохолни труења, предозирање со забранета хемија, прејадување до изнемоштеност и апатија итн.

Самите празници, пак, првенствено значат благодатно учество во една свечена содржина која ни овозможува радосно исчекорување од делничниот ред на живеење.

Како такви, празниците имаат функција на освежување на нашите духовни и телесни сили во допирот со она што е вечно, што е идеално и што ја разубавува монотонијата на секојдневието. Зошто тогаш толкава несообразност меѓу она што празникот според суштината е и она на кој начин ние го доживуваме и чувствуваме?

Празникот е време кога се прават добри дела.

Тоа е уште една важна поента.

Обичајот на празничниот леб со паричка имено се темели на неа. Свети Василиј Велики, сакајќи да им раздаде милостина на сиромасите, а за да не ги посрами пред народот, тајно, во парчињата од празничниот литургиски леб, кој се делел на сите верни по празничната богослужба, ставал по некоја пара и им ја давал на оние кои имале потреба.

На тој начин тој од скромност го сокривал своето доброчинство. Денес, наместо добриот обичај во овие празнични денови да си спомнеме на гладните и немоќните, иако не сме сосема без каритативни иницијативи, чест на исклучоците, како плод на нашето празнување само ги полниме контејнерите и кантите за ѓубре.

Уште еден антикултурен феномен е врзан за празнувањето на Бадник, кој во традиционално ориентираните кругови претендира да го надмине и новогодишното лумпување.

Како човек кој целиот свој живот го поминал во град, чудно ми е зошто наместо убавите народни песни и приказни, традиционалните селски јадења, целото фолклорно богатство од селата кои, патем речено, се во клиничка смрт и демографски, но и во својата обезличнувачка тенденција да глумат градови, со миграцијата село – град меѓу стамбените блокови и солитери се инсталираа бадниковите огнови околку кои, со трубална посветеност, се собираат соседите кои еден на друг дали едвам и добро утро си велат.

Но чепнати од паганското генче, таа вечер, ја растураат семејната трпеза и четириесетдневниот Божикен пост и се приклучуваат на она што го понесоа од своите села, огнови и неартикулирана бука до доцна во ноќта, токму кога е време за празнична Литургија.

&

&

&

Селската, или руралната естетика е нешто на што можеме да се восхитуваме и таа кај нас е доминантно христијанска. Наместо тоа, ни-градската-ни-селската турбо-фолк антикултура се обидува да ги реставрира паганските обичаи,
рецидивите на нашата овнодерска и огнопоклона предисторија, кои зачинети со хипотезите на реномираните етнолози добиваат парадоксални контексти.

Од перспектива на птиците и ангелите, во бадниковата ноќ нашиот град има апокалиптички изглед. Божикното утро, пак, украсено со пепелта и јагленот на згаснатите огнови во руинираните маалски паркчиња и чаири, празните шишиња и бледите лица на најистрајните во празнувањето на претпразненството, ја отвараат пред нас визијата за пеколот онака како што ја искусил Емануел Сведенборг.

Така ставаме почеток на новиот календарски циклус. Таков е темелот на кој треба да го градиме оптимизмот на среќната нова хххх година.

Посната бадникова вечера, како претпразненство на големиот празник на Христовото раѓање, која треба да го сплоти семејството, и полноќната Божествена Литургија се заменети со литаниите на маалските огнови и култот на греаната ракија.

&

&

&

На тој начин заборавиме на можноста и насушната потреба за евхаристиско единство со Богомладенецот, Кој се раѓа во витлеемската пештера за наше спасение.

На тој начин се уништува убавината и раскошното предание на нашата празнична култура, која постои за да не потсетува дека имаме царско и свештено достоинство.

&

епископ Велички Методиј

Originalen post ...