Вселенскиот Патријарх Вартоломеј: Европа не може без своите христијански корени (03.02.2020 20:22)

&

Извадоци од беседата во пленарната сала:

На 22 јануари оваа година, на 50-от Светски Економски Форум, кој се одржа во градот Давос, Швајцарија, учествуваше и Сесветиот Вселенски Патријарх Вартоломеј, кој на покана на организаторите зеде учество во разни комисии на Форумот, но и во паралелни настани што се одржаа по повод овогодинешните средби во Давос.

„Верата може да ја оствари својата мисија и да ја исполни улогата на кохерентност и соживот преку дијалог и сведоштво во светот“, забележа Вселенскиот Патријарх во беседата што ја произнесе на англиски јазик, и додаде:

„За сето време на нашата, речиси триесетгодишна патријаршиска служба, се бориме за промовирање на дијалогот, кој го сметаме за најефикасно средство за справување со проблемите.

Дијалoгот е еден гест и извор на солидарност, води кон надминување на предрасудите и недовербата, го промовира обостраното зближување и почит, и ја гради почитта кон различното“.

Неговата Сесветост го окарактеризира како трагичен фактот дека многумина денес имаат тенденција да ги поистоветуваат религијата и тероризмот, војната и меѓурелигиската омраза.

„Речиси секој ден слушаме за насилство во името на религијата. Таа тенденција, религијата да се дефинира според нејзините негативни пројави, за жал, денес се поддржува преку погрешното разбирање на религијата, кое кружи особено меѓу прогресивната интелигенција. Незнаењето, меѓурелигиската омраза и насилството се неуспех, а не суштина на религијата.

Тоа се знаците на фундаментализмот и на екстремизмот, кои својата идеологија и интереси ги сметаат за вистина што треба да се наметне и на другите. Сепак, нашето убедување – кое го имаме многупати искажано за време на нашата патријаршиска служба – е дека секое злодело што се прикажува дека е извршено во името на Бога, е всушност, злодело против Бога. Тоа е причината зошто се бориме против религиозниот фундаментализам – ’тој израз на болната религиозност‘, како што се вели во Соборното послание од Светиот и Голем Собор на Православната Црква (Крит, Јуни 2016/17)“.

На друго место во неговото обраќање што го следеа видни личности од цел свет, Неговата Сесветост подвлече дека мирот и правдата во светот не можат да постојат без придонес и соработка помеѓу религиите.

„Претерано утописки е да очекуваме дека солидарноста и општествената кохезија можат да се постигнат преку глобализацијата, економскиот напредок, напредниот животен стандард, науката и технологијата, електронската комуникација и Интернетот.

Еден свет нa мир и правда не може да постои без придонес на големите духовни сили на човештвото – т.е. на религиите и на нивните средби и соработки“. Исто така, тој подвлече дека разбирањето на убедувањата и вредностите на другите луѓе претставува задолжителен предуслов за дијалог и за мирен соживот.

„Верата ја поткрепува поврзаноста на човечката дејност и го раширува нашето сведоштво за слобода и правда, давајќи поддршка на нашите обиди, кога тие изгледаат дека се наоѓаат во безизлез“.

Неговата Сесветост забележа дека во овие рамки, Вселенската Патријаршија првенствуваше во светски организации, како Светскиот Совет на Цркви, и поддржа и поттикна билатерални дијалози со неправославни христијани, како и со муслимани и Евреи на Блискиот Исток и меѓународно.

„Овој дијалог не имплицира напуштање или предавство на верата или традицијата на учесникот, туку напротив, го поттикнува да научи да живее во солидарност со сите луѓе, со кои го делиме овој свет. Веруваме дека соодветен одговор на оваа многустрана криза е развивањето и поддржувањето на една култура на солидарност. Нашето убедување извира од самата суштина на Евангелието“.

Потсети, исто така, дека Вселенската Патријаршија, по повод економската криза, ја прогласи 2013 како „Година на сесветска солидарност“, давајќи акцент на неопходноста од преземање иницијативи што ќе го обезбедат правото на секој човек да ги ужива основните добра на животот.

Во продолжение, Патријархот нагласи дека патот кон иднината е едно заедничко патување за сите нас. „Потребни сме си еден на друг, потребни ни се заеднички цели, потребна ни е соработка.

Повикани сме да градиме меѓусебни мостови, кои ќе се засновани на љубов и разбирање, за да не создаваме ѕидови на поделба и блокада, кои ќе бидат засновани на страв и незнаење. Вселенската Патријаршија ве поканува да учествувате во тие обиди“.

На друго место, Неговата Сесветост ја изрази својата воздржаност во врска со карактеризирањето на современа Европа како „постхристијанска“.

„Сегашноста на Европа не може да се оддели од нејзиното минато, кое е вдахновено и оформено од едно културно наследство сосредоточено околу христијанството. Треба да прифатиме дека отстапувањето од таа христијанска самосвест на Европа има негативно влијание врз идентитетот и на самопознанието на Европа“.

Во вторникот, на 21 јануари, Патријархот Вартоломеј учествуваше во дијалогот за климатските промени, каде говореше за иницијативите на Вселенската Патријаршија во последните 30 години за освестување на светската јавност за неопходноста од заштита на природната средина и за зачувување на созданието Божјо.

Неговата Сесветост нагласи, меѓу другото, дека не постои можност и време за префрлање на одговорностите, не постои оправдание за никакво задоцнување, и ги повика сите да променат став и да го разберат итниот карактер на проблемот со климатските промени, но и влијанието на нашите дејства врз целокупното создание и врз сите луѓе.

извор: bigorski.org.mk

English мапа на сајтот

Originalen post ...