За неискрениот пријател

Неискрениот пријател е човек користољубив, немил, се преправа, себичен, лицемерен и носи само лик на пријателство за да го искористи тоа.

Лаже кога вели дека е пријател и го сокрива лукавството преправајќи се дека е верен. Го повикува на помош пријателот, а самиот одбива да му помогне, наоѓајќи илјада изговори.

Пријател е само во успесите на пријателот, а во неуспесите се одрекува од него.

Се сеќава на него кога тој е во благосостојба и се распрашува за него кога е далеку, а кога е среќен му посакува среќа, кога е здрав – здравје, кога е славен – слава и богати дарови му праќа додека е богат и прави сè за да го покаже своето пријателство; а брзо го заборава ако се случи некаква несреќа, па и не прашува за него и не се сеќава на него ниту кога се соседи.

Го избегнува и колне, му префрла за глупавоста во неуспехот, кога е болен го заборава и не му ни приоѓа кога е несреќен, се одвраќа од него ако е жалосен, кога е понижен го презира, кога е осиромашен се трга од него, кога е во оскудица – не му помага и кога умира – не го жали.

Таков е неискрениот пријател.

&

За лукавиот, лош и подмукол пријател

Лукавиот пријател е некорисен и опасен човек. Тој во својата душа нема ништо здраво, во неа нема ништо свето и ништо честито, безверен е, превртлив, лукав и подмукол.

Не знае за искреност, а на јазикот носи лукавство и лага. Мисли лукаво, а во срцето свое чувствува подлост. Неговите зборови се благи, а намерите превртливи.

Со зборови покажува пријателство, а тајно прави сплетки против својот верен пријател.

За пријателот раширува лоши приказни и светилката на лукавството ја пали со зло.

Гледа во далечина и мисли на гадости, додека со устата мрмори погани нешта. Тој е извор за покор на својот пријател. Пред очите на пријателот устата му е слатка и со зборови ќе му искаже похвала, додека подоцна не ги промени приказните и своите зборови со цел многумина да соблазни.

Пријателството на злиот човек е пострашно од непријателство, бидејќи од тоа можеш да се сочуваш, а од ова – не.

Лукавиот пријател е ненаситен, ниту целиот пријател да го изеде, не би се наситил.

Бесрамен е, бидејќи додека прави пакости и го поткопува домот на оној кој е сигурен во неговото пријателство, не му е срам на усните да го носи чесното име на пријателството и да се претставува како пријател пред оној кого страсно го мрази.

Неблагоутробен е, бидејќи утробата на лукавиот пријател не се трогнува. Она што е ’рѓата за железото, тоа е за пријателот пријателството на оној што мрази, бидејќи тоа го јаде не мртвиот, туку живиот пријател.

– Св. Нектариј Егински

Originalen post ...