Светите преподобни оци Варсануфиј и Јован

&

Свети Варсануфиј бил роден Египќанин. Уште од своите млади години горел од желба да живее подвижнички.

Минувајќи еднаш покрај некој хиподром, влегол во него и присуствувал на коњски натпревар, гледал како секој се трудел да излезе пред другите.

Тогаш си рекол на себесиː

„Гледаш ли овие луѓе колку се трудат, за да добијат венци што се гниежливи? – Зар не треба многу повеќе да се трудиме ние, кои сакаме да го наследиме царството небесно?“

– Од овој натпревар излегол со уште поголема желба за подвижнички живот.

Дали бил во некој манастир во Египет не е познато. Расказот за неговиот живот укажува на тоа дека се појавува како монах во Палестина. Кога дошол во Ерусалим да се поклони на светите места, тој останал таму и од почетокот живеел под духовно раководство на старецот Маркел, а потоа преминал во манастирот авва Серит близу Газа.

Таму, стремејќи се кон висок подвижнички живот си изградил мала ќелија надвор од манастирот и, откако се затворил во неа се насладувал на најслатко безмолвие.

Во почетокот на неговиот безмолвен живот му донесувале од манастирот само по три лепчиња седмично.

Но, бидeјќи се предавал на плач и од тоа црпел често голема сладост, се задоволувал само со едно лепче неделно, а многупати заборавал и него да го изеде. Јадел понекогаш двапати неделно, а понекогаш само еднаш, зашто почесто се издигнувал кон духовната храна од чија сладост заборавал за земната храна.

Со тек на времето, измивајќи се секогаш со солзи, овој блажен отец, така го очистил своето срце од душевни и телесни страсти, така што станал сигурен од демонските стрели, придобил мир на помислите, кој е живеалиште на даровите на Светиот Дух, – така што во него заспало, или, подобро речено, умрело секое страсно движење и мудрување, затоа и овој доброволен затвор го нарекол своја гробница.

Токму тогаш, кога го очистил своето срце од страстите и се удостоил да биде храм и живеалиште на Светиот Дух, поради таа чистота, се збогатил со вистинско и совршено смирение, кое му помагало да се смета земја и пепел. Ова не само што го говорел, туку всушност живеел така, велејќи честоː

„Што сум јас? Кој ме смета мене за нешто?“

Преку ваквото смирение се удостоил и со најголемата од сите добродетели – расудувањето, кое му се дава на монахот од Бога како управител.

Великиот Варсануфиј се удостоил со помошта на расудувањето да добие прозрение, со кое според објаснувањето на светиот отец Петар Дамаскин се дознаваат духовните и скриени работи.

Преку прозрението тој се удостои да добие и дар на прозрение и пророштво, – да го гледа она што се случува далеку, како да се наоѓа близу, и идното, како да се случува во сегашноста.

По дејството на благодатта, тој ги дознавал и духовните расположби на луѓето и одговарал на нивните прашања, без да обрнува внимание на нивните зборови, сообразно со текот на нивните мисли и свртеноста на нивниот ум.

Трудејќи се непрестајно, според зборовите на божествениот Давид да се издигнува во своето срце кон Бога, додавајќи смирение на смирение, безмолвие на безмолвие и љубов кон љубов, се удостоил најпосле да ја добие и највозвишената дарба – да се издигнува кон Бога, кога се издигнува до седмото небо, не на крила од мислите од човечките мечтаења, туку со неискажлива сила на Духот, и таму добил благослов и ги видел неискажливите добра и тајните на царството Божјо, без да знае дали бил во тело или без тело, слично на великиот Павле (2, Кор. 12-3).

Потоа му била дарувана богатата дарба на чудотворството, така што можел да воскреснува мртви со името на Господа Исуса Христа, да изгонува демони, да лекува неизлечливи болести и да прави други знаци и чуда, и слично на светиот пророк Илија, да го заклучува и да го отклучува небото.

Ете, такви големи дарови се удостоил да добие и такво големо совршенство во добродетелите да достигне великиот меѓу духовните оци Варсануфиј.

Но овие големи дарби и придобивки биле постигнати среде такви искушенија, кои многумина не само што не можат да претрпат во својот живот, туку не се во состојба во такво нешто и да поверуваат.

Овој голем светец и угодник Божји често бивал многу тешко болен, но тоа го поднесувал со голема одлучност, така што кога боледувал не само што не легнувал никогаш во постела, за да се одмори и успокои, туку не ја оставал дури и својата рачна работа.

Овој свет човек живеел во VI век, во времето на царот Јустинијан, а во тек на педесет и повеќе години ниеден човек не го видел неговото лице.

Само еднаш им се покажал на неколкумина браќа и тогаш им ги измил нозете, за да го отстрани нивното сомневање во тоа дека е жив.

И уште еднаш, при крајот на својот живот, кога се одделувал со своето безмолвие заради доброто на Црквата, кога царот Јустинијан почнал да ги притеснува оние што не го прифаќале учењето на автортодокетската ерес, која ја заштитувал самиот цар.

Тогаш ерусалимскиот патријарх, наоѓајќи се во тешкотија, го наговорил овој голем духовен старец да појде кај царот да му се моли својот гнев да го промени во милост.

Ова пратеништво имало успех. Убеден од силата на зборовите на овој голем авва, императорот го сопрел замисленото гонење против непослушните и ја покажал својата љубов и добра расположба спрема Ерусалимската црква, испраќајќи ѝ свои дарови преку пратениците – на чело со светиот отец Варсануфиј.

Овој голем авва починал 563 година, а некои, одредувајќи ја годината на неговата смрт, искажуваат мислење дека не починал порано од 600-та година.

Другиот старец, преподобниот Јован, минувал сличен отшелнички живот, како и Варсануфиј и исто како и тој, се удостоил, со многу дарови на Светиот Дух, особено прозорливи и пророчки, поради што се нарекувал и пророк.

Каде бил роден и откаде дошол во овој манастир, не е познато. Живеел во првата ќелија на великиот Варсануфиј, кога тој си изградил друга ќелија, близу до манастирот и водел во неа безмолвен живот осумнаесет години – сѐ до својата смрт.

Никој никогaш не го видел да се насмевнува или да се намрштува или без солзи да се причестува со Светите Божествени Тајни, како што сведочел за него игуменот на тој манастир.

Според својата дарба на провидение преподобниот Јован претскажал многу работи, кои се извршиле така, како што претскажал.

Претскажал и за својата смрт, велејќиː

„Јас ќе умрам во седумдесетте години на авва Серида. Ако авва Серида поживееше подолго, и јас ќе поживеев уште пет години, но бидејќи Бог го скри ова од мене, ни јас нема да живеам подолго.“

Но, бидејќи авва Елијан бил потстрижен за монах и поставен за игумен на манстирот уште млад, кога уште не го знаел манастирскиот устав и не знаел како да управува со манастирот како што треба, го молел блажениот Јован, велејќи муː

„Ти се молам, подари ми макар две седмици, за да можам да те прашувам за манастирот, за тоа како треба да се живее во него и како да управувам со него“; тогаш старецот, откако се сожалил над него, а поттикнуван и од Светиот Дух, Кој живеел во него, му реколː

„Добро, ќе останам со тебе уште две седмици.“

И авва Елијан го прашувал за сѐ што се однесувало на управувањето со манастирот. Откако изминале двете седмици, преподобниот отец ги повикал сите манастирски браќа и ги поздравил сите пооделно и ги испратил да си појдат во своите ќелии, а потоа во мир Му го предал својот дух на Бога.

По блажената смрт на преподобниот отец Јован, свети Варсануфиј потполно замолчел и никому не му давал одговори, како што раскажува авва Доротеј во своето второ слово, кој по замолчувањето на авва Варсануфиј, излегол од овој манастир и основал свој.

Овие свети оци, кои со сета своја душа ги сакале ближните, не само за време на својот земен живот им правеле духовни добрини, туку продолжиле да им прават и по својата смрт со тоа што ни ја оставиле книгата, која е многу корисна за спасението на нашата душа, книга полна со многу богомудри духовни одговори, како родителско наследство на своите чеда, за да ги читаат и да црпат од нив голема душевна корист.

Оваа книга содржи 850 одговори на различни прашања од различни лицаː архиереи, ереи, монаси, мирјани, стари и млади, немоќни и здрави.

Едни од овие одговори ги пишувал таканаречениот, другиот старец Јован, а другите, поголемиот дел од нив, – ги давал великиот старец Варсануфиј, кој не ги пишувал тој сам, туку преку авва Серида.

При тоа е достојна за вчудоневидување, следнава околност. Кога великиот старец Варсануфиј почнал да дава одговори, тој го повикал авва Серида, му го раскажал својот одговор и му рекол да го напише.

Одговорот бил за некој Јован, монах од Миросавскиот манастир. Авва Серида, не надевајќи се дека ќе може да ги задржи во својот ум сите зборови, кои му ги кажал светиот човек, и мислел дека старецот ќе му рече да донесе перо, мастило и хартија, така што да му говори збор по збор и тој да пишува.

Свети Варсануфиј, според дадената му благодат на прозрението, ја дознал тајната мисла на авва Серида. Тогаш лицето негово почнало да сјае како оган и му рекол на Серидаː

„Појди и напиши го ова што ти го реков; ако ти кажам и безбројно мноштво зборови, за да ги напишеш, знај дека Светиот Дух нема да ти дозволи да напишеш ни еден збор ни повеќе ни помалку од она што ти е речено, макар и кога би посакал да го направиш тоа, туку тој ќе ја води твојата рака за да напишеш сѐ едно по друго, како што ти говорев.“

Ете, таква е оваа книга!

Таа е преполна со прекрасни расудувања и разрешува многу тешко разрешливи прашања.

Таа е учителка на трпеливоста и го искорнува мрморењето; таа е меч, кој го отсечува извршувањето на својата лична волја, секира што го уништува угодувањето на луѓето, раководителка кон вистинската и совршена смиреност, нѐ учи да се сметаме за ништо, предвесница на покајанието, родителка на плачот и закрилница за спасението на душата и на совршенството на Исуса Христа.

Подвижнички поуки
од светите преподобни оци Варсануфиј и Јован

15. Плачи, и ридај и не барај да те сметаат за нешто; не изедначувај се со другите.

Остави го светот, издигни се на крстот, симни го земното од себеси, истреси го правот од твоите нозе, „презри го срамот“ (Евр. 12,2), не разгорувј ги печките вавилонски, за да не бидеш и ти самиот изгорен заедно со нив од Божјиот гнев. Секој човек сметај го погорен од тебе.

Плачи за твојот мртовец, извади ја гредата од твоето око; обнови го твојот разурнат дом, па извикај кон Господа:

„Исусе, Сине Давидов, помилуј ме! (Лука 18,30) и: „Господи, сакам да прогледам!“ (Матеј 18,41).

17. Ти ми пишуваш да се помолам за простување на твоите гревови. И јас ти го велам истото; помоли се и ти за простување на моите гревови.

Зашто е речено: “Како што сакате луѓето да постапуваат со вас, така постапувајте и вие со нив!” (Лука6,13).

Иако сум лош, иако сум помал од сите луѓе, но и досега го правам ова според моите сили, според заповедта: ” Молете се еден за друг, за да се исцелите” (Јак. 5,16).

42. Секогаш и во сите случаи да прибегнуваш кон смирението, зашто смирениот лежи на земја, а оној што лежи на земја, каде може да падне?

Може да падне само оној што стои или седи високо. Ако сме се обратиле или поправиле, тоа не е од нас и со наши сили; тоа е дар Божји, зашто „Господ им ги отвора очите на слепите, Господ ги исправа подгрбавените, Господ ги сака праведните“

&

Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ Том II

Подготви – Покајание

&

Originalen post ...