Свештеник Јани Мулев

19.09.2013

Благодатта на нашиот Господ Исус Христос, и љубовта на Бога и Отца, и заедницата на Светиот Дух, да бидат со сите вас.
Благодатта на нашиот Господ Исус Христос, и љубовта на Бога и Отца, и заедницата на Светиот Дух, да бидат со сите вас.

Во текот на Божествената Литургија, откако ќе биде прочитан Символот на верата, свештеникот го зема покровецот наречен „воздух“ во десната рака, и правејќи крст со него, кревајќи го нагоре вели: „Благодатта на нашиот Господ Исус Христос“. При овие зборови го крева „воздухот“ за да покаже дека благодатта која им се дава на смирените, на оние кои се трудат искрено во својот подвижничко-литургиски живот, нè крева нагоре, нè издигнува кон небесата, нè вознесува кон Бога, нè прави „богови“ по благодат. Секој кој правилно го устројува и живее својот духовен живот, кој Го прима Христос во Светата Причест, ќе биде вознесен пред престолот Божји.

Потоа, свештеникот вели: „И љубовта на Бога и Отца“. Кажувајќи ги овие зборови го спушта „воздухот“ надолу, со тоа формирајќи ја вертикалата на крстот. Од љубов кон секој човек Бог Отец Го испрати Својот Син од небесата долу на земјата, за да се воплоти преку Пресвета Богородица, да се стане Богочовек, да живее помеѓу нас, да биде сличен на нас во сè, освен во гревот, и да го изврши спасението на луѓето. Токму од таа љубов настана и помирувањето помеѓу Небото и земјата, помеѓу Бог и човекот. Ѕидот на гревот кој беше издигнат помеѓу нас и Бог сега е срушен, патот кон небесата ни е отворен, а Синот Божји е нашиот Посредник кој од земни нè прави небесни жители, како што од грди гасеници прави прекрасни пеперутки, така Он и од ужасни грешници, прави богоуподобени светители.

Потоа свештеникот вели: „И заедницата на Светиот Дух, да биде со сите вас“, и со раката ја формира хоризонталата на крстот, затоа што таа се однесува на луѓето, на заедницата на верниот народ, кој Христос, раширувајќи ги рацете на крстот, е подготвен да ги прегрне и собере во Себе, т.е. во Црквата сите луѓе, но без Светиот Дух тоа не може да биде. Преку Светиот Дух веруваме во Христа, Светиот Дух нè собира во црквата, Он е постојано присутен во црквата, Он осветува сè, Он од обични леб и вино прави Свето Тело и Крв Христови.

Значи, благословот на свештеникот значи: За да ја примиме благодатта, мораме најпрво да се смириме себеси, да се трудиме во стекнување на смирение, потоа да се трудиме во подвигот на љубовта, бидејќи без нив нема ни Светиот Дух од нас да направи заедничари помеѓу себе и со Бога, не ќе можеме да се вградиме себеси во Телото Христово – Црквата. Само оние кои се трудат да стекнат смирение и љубов, таквите ќе добијат благодат од Бога и благослов да се причестат со Телото и Крвта Христови. Кон таков благослов Бог лично нè повикува да учествуваме на секоја Литургија, а од нас зависи дали ќе го прифатиме.