Митрополит Антониј Блум

Икона на Христос Господ, копија на фреската од Протатон

Бог е подготвен да остане потполно надвор од нашиот живот, подготвен е да го крене тоа како еден крст, но воопшто не е подготвен да стане едноставно еден дел од нашиот живот.

Така, кога размислуваме за отсуството Божјо, не е ли подобро да се прашаме себеси: кој е виновен за тоа?

Секогаш ја префрламе вината врз Бог, секогаш Него Го осудуваме, било директно, било пред луѓето, затоа што е отсутен, затоа што не е секогаш присутен кога ни е потребен, никогаш не ни одговара, колку и да прибегнуваме кон Него.

Има моменти кога сме повеќе „благочестиви“ и велиме побожно: „Бог го испитува нашето трпение, нашата вера, нашето смирение“. Наоѓаме многу начини да го свртиме судот Божји против нас во наша пофалба. Толку сме трпеливи што можеме да го истрпиме дури и Бог!

Кога одиме да се молиме секој пат бараме НЕШТО од Него, а воопшто не Го бараме НЕГО.

Може ли тоа да се нарече врска? Така ли се однесуваме кон нашите пријатели? Го гледаме она што може пријателството да ни го донесе, или го сакаме пријателот? Истото ли се случува во нашиот однос кон Бог?

Да размислиме за нашите молитви, за вашите и за моите. Размислете за топлината, длабочината и силата која ја имаат вашите молитви, кога се однесуваат за некого кого го сакате, или за нешто што има значење за вашиот живот.

Тогаш вашето срце е отворено, целата ваша внатрешност е фокусирана на молитвата. Можеби тоа значи дека Бог има некое значење за вас? Не, воопшто! Едноставно тоа значи дека темата за молитвата ве интересира.

Кога се молите со страдање, длабочина и интензитет, во врска со личност која ја сакате, или за ситуација која ве вознемирува, и потоа се свртите кон следното барање, кое не ве интересира или многу и одеднаш се оладува вашето расположение, што се смени? Можеби Бог стана „ладнокрвен“? Или се има „оддалечено“? Сигурно не.

Тоа значи дека сето величие, сета сила на вашата молитва не се родиле од присуството Божјо, ниту од верата кон Него, горештата кон Него љубов, од чувството на Неговото присуство. Туку се родиле, само и само, од вашата вознемиреност за таа личност или таа претпоставка, а не заради Бог.

Зошто нѐ изненадува фактот дека ова отсуство Божјо нѐ повредува? Ние сме оние кои отсуствуваме, ние стануваме ладнокрви, штом не нѐ интересира повеќе Бог. Зошто? Бидејќи Бог нема толкаво значење за нас.

Постојат исто така и други околности кога Бог е „отсутен“. Доколку сме реални, значи сме, навистина, самите ние, Бог може да биде присутен и да направи нешто за нас. Но од моментот кога се обидуваме да станеме нешто што во суштина не сме, тогаш не останува ништо да кажеме или да имаме. Стануваме измислена личност, една неискрена претстава, и на таа претстава не може да ѝ се доближи Бог.

За да можеме да се молиме треба да живееме во состојба која се дефинира како Царство Божјо. Треба да признаеме дека Он е Бог, Царот, сакаме да Му се предадеме. Треба барем да се интересираме за Неговата волја, иако не сме способни да ја исполниме.

Но ако не сме способни за тоа, ако се однесуваме кон Бог како богатиот младич, кој не можеше да Го следи Христа затоа што беше премногу богат, тогаш како ќе Го сретнеме?

Многу често, сѐ што сакаме да стекнеме преку молитвата, преку длабоката врска со Бог, која толку многу ја посакуваме, е едноставно една желба за успех и ништо повеќе.

Не сме подготвени да продадеме сѐ што имаме за да го купиме скапоцениот бисер.

Така, како е можно да го заработиме овој скапоцен бисер? Он ли е нашето очекување (надеж)?

На крајот, бараме нешто до Христос, или Го бараме Самиот Христос?

Превод од грчки: Свештеник Јани Мулев