Чудата на Пресвета Богородица (I дел)

Example User · 3 years ago

    8 minutes, 15 seconds


Извор:

Епископ Велички   Гаврил Светогорец: ЧУДАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

 Bogorodica.dicho.jpg

ЧУДО 1.
Раскажување за некои Евреи што ослепеле, а на еден му биле отсечени рацете, па откако поверувале во Христа, биле излекувани од пресвета Богородица.
Во она време кога нашиот Господ Исус Христос посакал да Ја одведе Својата прељубезна Мајка од овој свет во небесниот вечен живот за да царува со Него довека, се собрале сите апостоли, кои се вратиле од разни страни на светот за Нејзината смрт. Светите апостоли кога ја виделе Мајката Божја, многу се зарадувале. А таа им рекла дека ќе оди при Нејзиниот возљубен Син. И кога се помолила, ги благословила сите присутни, легнала мирно на својата постела и му ја предала душата на Својот Син и Бог.

По нејзината повелба, апостолите го зеле божествениот ковчег и со најголема почит го носеле до гробот, пеејќи погребни песни. Исто така и светите ангели невидливо пееле и ја испраќале. Многумина од присутните Евреи, заслепени од завист, сакале да го превртат ковчегот на пре света Богородица, но во тој час ги казнил Бог со тоа што ги ослепел сите. Еден од овие Евреи, кој никако не се плашел, се фатил со рацете за ковчегот. Но, о големо чудо Божјо и на пресвета Богородица! Ангел Божји му ги отсекол двете раце и тие останале да висат на ковчегот. Таа глетка била страшна пред очите на оние што присуствувале. Кога тоа го видел свети апостол Петар, му рекол на постраданиот:

„Верувај, чедо, дека таа е вистинската Божја Мајка и ќе оздравиш". Тогаш тој со солзи на очите поверувал и дошол, па се допрел до рацете што виселе и тие му се залепиле на телото и тој оздравел.
Кога го чуле ова другите Евреи што ослепеле, поверувале и веднаш прогледале. Потоа и тие оделе до гробот и ја испраќале со страв и побожност. Откако ја погребале пресвета Богородица, три дена потоа над нејзиниот гроб се слушало пеење на ангели, кои ја придружувале се додека воскреснала и отишла на небото при Својот Син и Бог. И како што нејзиниот Син Исус Христос претрпел смрт и погребување, исто и таа претрпела и се вселила во гробот, а оттаму отишла на небото.

Треба и ние да веруваме дека Бог кога сака и нас ќе не оживее од гробовите. Но ние сме должни да претрпиме гниење, да изгниеме во гробовите за да ни се очисти душата од гревовна наслага. Светото тело на пречистата Дева уште од почетокот било осветено од Светиот Дух, кое не се повредило во рождеството, ниту изгнило во гробот. Да ја бараме нејзината помош и молитва и нас да не однесе во Царството небесно. Амин.

      Bogorodica.dicho.jpg

 ЧУДО 2.
За мртвата жена што го доела своето дете една година и потоа оживеала

Петнаесет години по Вознесението на Господ наш Исус Христос, Евреите го убиле со камења светиот првомаченик и архиѓакон Стефан, ги испадиле апостолите од Ерусалим и сите оние што верувале во Христа. Имало еден од 72-јцата апостоли, по име Максимин, кој им бил пријател на Марта и Марија, сестрите на Лазара, кому светиот апостол Петар му заповедал да не се одделува од овие две жени, бидејќи нивниот брат, од страв да не го убијат Евреите, беше избегал на Кипар, а сестрите му беа останале во Ерусалим со Мајката Божја до нејзиното успение. Отпосле тие жени, откако го раздале својот имот на сиромаси, отишле да проповедаат како и апостолите. Лукавите Евреи кога виделе дека проповедаат за Христа, ги фатиле и ги ставиле во еден кораб без платна и без кормило за да се удават во морето. Заедно со нив ставиле уште тројца: Максимијан, Максимин и некој Колидониј, кој бил роден слеп, а Христос му ги отворил очите.

Овие пет души Му се помолиле на Бога да ги спаси и да ги одведе каде што сака Тој. По Божја повелба, коработ стигнал до галскиот град Марсеј. Кога излегле од коработ, Му благодариле на Бога и отишле на пазар да си испросат леб. Но, бидејќи луѓето таму биле неверни, затоа биле и немилостиви. Градскиот судија бил бездетен. Тој видел на сон една жена која му говорела: „Ти седиш спокојно со жена ти, не си милостив и не правиш никакви добри дела, а слугите на вистинскиот Бог умираат од глад. Стани рано, отиди на пазарот, земи ги петмината странци и нагости ги добро. Ако не ме послушаш, ќе умреш од страшна смрт". Ова го видел судијата заедно со жена му, од кое многу се уплашиле. Утредента кога излегол судијата на пазарот, ги нашол и ги довел дома, па ги нагостиле и им дале се што им требало.

По неќолку дена, Марта и Марија почнале да ја проповедаат верата на Спасителот наш Исус Христос и кажувале колку чуда направил Бог додека одел по земјата. Кога го чул ова судијата, рекол: „Штом Тој направил толку многу чуда, ако е вистински Бог, нека ми даде едно чедо, па ветувам оти ќе поверувам во Него". А тие му рекле: „Не само што може тоа да ти го даде нашиот Спасител, туку што и да посакаш друго со чиста вера во Него, готов е да ти даде. Пробај, па ќе ја познаеш Неговата сила". По некое време, кога ја видел својата жена непразна, поверувал во Христа и се покрстил заедно со сите свои домашни. Тој станал таков верник и вистински христијанин што посакал да отиде во Ерусалим за да се поклони на Христовиот гроб. Жена му со солзи го молела и неа да ја поведе.

При тргнувањето, својот дом и го довериле на Марија, на која и дал власт не само да управува со неговиот дом, туку и со сиот град: да урива идоли и да подигнува цркви. Потоа се качил на еден кораб заедно со својата жена и со неколку слуги. Првиот ден патувале добро, на вториот -дувнал спротивен ветар. Така пловејќи, дошло време и жената родила машко дете, но веднаш потоа умрела. Тогаш судијата се натажил многу, па решил да не се враќа назад, а само ги известил домашните за тој случај. Потоа им рекол на бродарите да застанат на некое пусто место. Тие застанале на еден остров, ја изнесле жената и ја ставиле во една пештера заедно со детето, кое цицало од својата мртва мајка. Мажот ги покрил и рекол: „Пресвета Богородице, Мајко на бедните, ти им помагаш на оние што се надеваат на тебе. Како што Си го родила Бога на чудесен начин, сочувај го и ова дете; прави со него како што знаеш ти". Потоа влегле во коработ и за кусо време стигнале во Ерусалим. Таму го нашол свети апостол Петар и му раскажал се што се случило по патот. Свети апостол Петар му одговорил: „Мир на тебе, чедо, затоа што си поверувал во светото учење и во светата вера Христова. А за твојата жена и за детето немој да жалиш, но радувај се". Потоа му ги кажал сите свети места каде што одел Христос и правел чуда. Судијата, откако поминал во Светата Земја повеќе од една година, тргнал за во својата татковина, а свети Петар го благословил и го испратил до коработ.

Со Божја помош, стигнале до она место каде што беше ја оставил својата мртва жена со живото дете. Кога дошле до пештерата, го нашле детето како цица од мртвата мајка, која била цела и нераспадната. Многу се зачудил и со солзи се обратил кон Бога: „Боже! Ти се можеш. Голем е овој дар што Си го хранел детето со млеко од мртва мајка; верувам дека можеш и мртвата да ја воскреснеш, па да ми бидат две радости, а да се исполни и она што Твојот апостол Петар ми претскажа. Многумилостив Господе, чуј го Твојот недостоен слуга, Твојата пречиста Мајка и Твојата слугинка Марија што ме просвети и што направи да Го познаам вистинскиот Бог". И во тој час, за големо чудо, станала мртвата жена како од сон и откако воздивнала, рекла: „Благословено е твоето име, о Владичице, Која си ми го чувала телото да не изгние и си ми го хранела детето толку време".

Тогаш жената му кажала на својот маж: „Да знаеш дека и јас бев со тебе во оние свети места каде што те водеше свети Петар. Мене ме водеше ангел Божји". Потоа му ги кажала сите свети места по име. Од тоа мажот многу се израдувал. Отпосле влегле во коработ и си отишле во својот град, па и се поклониле на праведната Марија и и кажале се што им се случило по патот. Тогаш во Марсеј сите жители се покрстиле, ги испокршиле идолите и си изградиле цркви во слава на Света Троица. Амин.

ЧУДО 3.
За некој Јован, кој имал душеспасително видување

За време на цар Константин имало некој шивач по име Јован, кој живеел беззаконо и правел секакви гревови, без да мисли за вечната мака што ги чека сличните на него. Меѓутоа, семилостивиот Бог, Кој секогаш прави добро и корисно за нас, му покажал едно страшно видение за да се покае и да се поправи. И така, една ноќ сонувал како сошил облека, му ја однесол на царот и разговарал и се веселел со него. Потоа царот извадил нож, го фатил за косата и му ја отсекол. Му рекол дека и главата ќе му ја отсече, и му ја отсекол. Тогаш тој од голем страв се разбудил и растреперен рекол: „Ти благодарам, соне, оној страшен настан помина како нешто лажно". Пак не се покајал, бидејќи го заборавил тој страв.

По кусо време, се разболел од тешка болест, но преблагиот Бог не го оставил, му покажал и друго видение. Сега веќе не насон, туку најаве: му се занел умот и видел дека го водат на такво место каде што се собираат да ги судат луѓето и давале согласност да погубат некого. Таму видел некаков страшен цар, кој седел на велелепен престол и бил облечен во владичко и царско одејание. Уште видел од десна страна стоеле некакви убави лица облечени како све-штеници, а од левата - стоеле лути и грозни суштества, зад кои имало темна и страшна бездна.

Јован стоел таму со голем страв и трепет, а царот му рекол: „Ме познаваш ли кој сум јас, момче?" Јован одговорил уплашено: „Ми се чини, Господи, дека си Ти Синот Божји, Кој Си примил човечко тело заради нас грешните, како што пишува во Светото писмо". Тогаш царот му рекол: „Кога Ме знаеш од Светото писмо, зошто го заборави она кога те уплаши царот Константин? Или не разбираш што ти зборувам". Јован одговорил: ,.Владико! Се уште го носам тој страв во срцево". А тој му рекол: „Кога го имаш тој страв во срцето, зошто не се покаеш за своите гревови? Тогаш јас бев, а не цар Константин". Кога тоа го рекол, им заповедал на оние што стоеле пред него да го фрлат во бездната. А тој со голем страв и трепет одвај одговорил и рекол: „Пресвета Богородице, помогни ми!" И веднаш таму се нашла света Богородица, Која го молела Христа да му опрости и да го помилува. Тогаш, уште додека го влечеле оние немилостивци да го фрлат во бездната, се чул глас да вика: „Оставете го заради молитвата на Мојата Мајка. Има време, нека се покае".

Потоа болниот се освестил и по милоста на пресвета Богородица оздравел, па отишол при духовникот и му го кажал своето видение. На тоа духовникот му рекол: ,,Да го славиш Бога, брате, идаи благодариш на света Богородица што си даруван со такво чудесно видение. За натаму покај се и поправи го животот за да не паднеш како што паднал еден, по име Георги, на кого му се случило пред тие денови некој негов пријател да виде за него како го влечат ѓаволите во вечната мака. Потоа, откако се спасил со молитвите на Божјите угодници, му се дало време од дваесет дена да се покае. И кога му го кажал пријателот тоа видение, му советувал да се покае, но тој не сакал и не се покајал. По дваесет дена, умрел и ги загубил душата и телото и отишол онаму каде што го влечеле порано ѓаволите. Затоа и ти чувај се да не те снајде тоа зло што го снашло оној несреќник. Поправи го животот преку покајание. Ти виде, ако не беше света Богородица, би умрел од таа болест".

Јован ја послушал оваа спасоносна поука на духовникот, го имал секогаш тој страв во срцето, живеел во покајание, па со плачење и солзи си ги измил гревовите, примил опростување и, кога умрел, отишол во вечниот живот да се радува во близината на Бога.

(Продолжува)

Епископ Велички   Гаврил Светогорец: ЧУДАТА НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

 

 
 

Друго:

 

 Bogorodica.Sv.Gora.jpg

 

Посети:{moshits}

 

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost-2/zhitija/1810-chudata-na-presveta-bogorodica-i-del

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Најбогат дар за Божиќ од најсиромашните

Нема да го заборавам никогаш Божиќ од таа година. Имав 14 години, мојата сестра Марија имаше 16, а пак Јана –другата сестра- уште немаше наполнето 18 години. Бевме само ние трите и мама. Тато беше починат пред 5 години во една несреќа во рудникот. Еден месец пред Божиќ, на...

Image Description
3 years ago

Metropolitan Methodius Christmas message

CHRIST IS BORN! GLORIFY HIM! For unto us a child is born; unto us a son is given; and the government will be upon His shoulder. And His name will be called Wonderful, Counselor, Mighty God, Everlasting Father, Prince of Peace (Isa 9:6)       My Beloved Spiritual Children,...

Image Description
3 years ago

Митрополит Методиј: Божиќно послание (2018)

Возљубени духовни чеда, Денес Светата Православната Црква го празнува најскапоцениот Дар кој човекот го прими од својот Создател – телесното раѓање на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Кога се исполни времето, старозаветното пророштвото искажано преку устата на пророкот Исаија се оствари токму...