Title : Игумен Арсениј (Соколов): Храмот без заедница станува бесмислен обреден сервис

Игумен Арсениј (Соколов): Храмот без заедница станува бесмислен обреден сервис

Example User · 6 months ago

    0 minutes, 0 seconds


Игумен Арсениј (Соколов), настојател на храмот „Сите светии“ при Московската патријаршија во Лисабон, Португалија – за парохискиот живот и светите тајни на Црквата

Прв дел од написот во два дела

rsz_ispoved

„Правмир“ ја прифати многу важната тема покрената од „Журналот на Московската патријаршија“ – темата за исповедта и покајанието. Објавен е цел ред на интересни и проблематични статии. Бидејќи и мене ми предложија да се искажам по однос на оваа тема, ќе споделам некои скромни размислувања.

Најпрво треба да се објаснат самите термини покајание и исповед. Тие поими се блиски, но сепак не се идентични.

Покајанието

Преведувачите на Библијата на руски јазик го употребуваат зборот „покајание“, како за предавање на еврејскиот термин „тшува“, така и за предавање на грчкиот термин „метаноја“. Именката „тшува“, пред сѐ, означува „враќање“ и происходи од глаголот „шув“, враќа (на пр. се враќа дома од патување). Во религиозна смисла „тшува“ е враќање кон Бога.

Грчкото „метаноја“ буквално се преведува како „промена на умот“. Т.е. промена на внатрешната состојба, промена на ставовите и начинот на живот. Обично руските преводи и „тшува“, и „метаноја“ ги предаваат со еден ист збор „покајание“, обединувајќи ги така и двете смисли што се содржат во оригиналните библиски зборови.

Кога човекот застранил од патот и пошол во погрешен правец, тој, за да не залута до крај, треба да се сврти и да тргне назад кон местото, од каде што почнал да оди во погрешниот правец. Тоа не може да се стори, додека не се осознае дека не се оди во вистинскиот правец, додека не се случи „промената на умот“.

Прекрасна ислутрација на ова е евангелската приказна за блудниот син, кој прво „дојде при себе“ (Лк 15,17), а потоа „стана и појде кон својот татко“ (Лк 15,20). Кај ликот од приказната се случила „метаноја“, а потоа тој решително станал и направил „тшува“, враќање. Ако било само „метаноја“ без „тшува“ (каење без враќање), тој, најверојатно, и би загинал во далечната земја, во која се нашол.

Само „метанојата“ без решителната „тшува“ го привела Јуда кон очајание и самоубиство: „Јуда… се покаја,.. отиде и се обеси“ (Мт 27,3-5). Значи, во покајанието неопходни се и сознанието за оддалечувањето од Бога, како и решителното дејствие за да се врати кон Него.

Исповедта

Гревот не е потребно само да се осознае и само внатрешно да се одврати од него, туку и да се открие, да се објави на Бога: „Ти го открив гревот мој и не го сокрив беззаконието мое“ (Пс 31,5). Не треба едноставно да се вратиме при Бога, туку и смирено да признаеме: „Оче, згрешив… и… недостоен сум“ (Лк 15,21). Зошто? Зар сезнајниот Бог не го знае тоа, зар е можно нешто од Него да се сокрие? Не, таквото исповедање, таквото признавање е потребно за мене, грешникот, преку него го изразувам своето жалење и каење за стореното: од преполнето срце зборува устата. Исповедта е откривање на гревот, негово именување.

И така, покајанието заедно со решителното одвраќање од погрешниот животен правец и се изразува во исповеданието пред Бога, во смиреното откривање пред Него на целото свое срце, со тврда надеж дека ќе бидеме помилувани. Но, дали таквото радикално дејствие може да биде често? Може ли блудниот син секоја недела да си заминува од таткото и повторно да се враќа кај него? Не. Во таков случај, што се случува тогаш во обичната исповед?

Блудниот син се вратил во татковиот дом и живее со таткото. Ама тоа е живот, и децата не секогаш им се послушни на родителите, честопати ги жалостат. А потоа бараат прошка. Истото се случува со редовната исповед. „На измиениот треба само нозете да му се измијат“ (Јн 13,10) – му вели Спасителот на Петар. Човекот не е совршен и не може да лета по воздухот. Ние одиме по земјата и не можеме, а да не ги извалкаме нозете.

Авторите на многу статии, посветени на современата парохиска пракса на исповед, правилно укажуваат на нејзината болна приврзаност со причестувањето. Неспорен е фактот, дека таквата вештачка приврзаност не треба да постои – клириците и верните, кои немаат канонски забрани, се причестуваат на секоја Литургија, а се исповедаат по потреба.

Правилата за подготовка за Причест се исти и за клириците, и за верните. За верните нема специјални, построги од оние за клириците, правила. Може ли да си претставиме епископ или свештеник кој служи Литургија, а не се причестува на неа? Таквото чудно однесување би било тешко канонско нарушување.

Едноставно да присуствуваш на евхаристискиот дел од Литургијата е бесмислено. Тоа е како да одиш поканет на вечера и да си заминеш без да вкусиш од јадењето. Евхаристијата е Трпезата Господова, свадбената гозба на Јагнето. Има ли смисла да се биде обичен набљудувач на таа гозба? Ако по некоја причина не можеш да се причестиш (на пр. не си се помирил со ближниот), тогаш зар не е подобро при возгласот „Двери, двери!“ да излезеш со оние што сѐ уште не се крстени или се наоѓаат под некоја временска забрана?

(продолжува)

игумен Арсениј (Соколов)

Подготвил: Георгиј Глигоров

Source: http://mistagogia.mk/igumen-arsenij-sokolov-hramot-bez-zaednica-besmislen-obreden-servis-1/

Related Posts

Image Description
6 months ago

Божествената Литургија

Божествената Литургија е срцето на православниот христијански живот. Тоа е Света Тајна над светите тајни или Мистерија над мистериите. Централната Света Тајна на Православната вера е службата на Светото Причестување, наречена Евхаристија. Зборот Литургија значи „заедничко дело“, а зборот Евхаристиј...

Image Description
6 months ago

Св. Никодим Светогорец: Прв приговор против честото причестување

Има некои побожни луѓе кои, не познавајќи го Писмото, кога ќе видат некој христијанин да се причестува често, му попречуваат и го прекоруваат велејќи дека така можат да постапуваат само свештениците. Па ако сакаш да се причестуваш често, тогаш и ти стани свештеник На ваквите луѓе им одговараме не с...

Image Description
6 months ago

Епитимии и причестување – Свети Јован Златоуст

Светиот апостол Павле му ги дошепнува толкувањата на неговите посланија, а свети Јован Златоуст ги запишува Не треба просто според мерата на гревовите да се дава епитимија, туку да се мисли и на расположението на грешниците, та да не се случи, сакајќи да го закрпиш скинато...