Митрополит Струмички Наум: Неделата на раслабениот (22.05.2021)

Example User · 2 years ago

    3 minutes, 1 second


Nedela.na.Raslabeniot

Неделата на раслабениот (22.05.2021 15:56)

Штом Христос се воплотил и се поистоветил со нас, тогаш нема причина за очајание. Тој секако се појавува во нашиот живот; и тоа безброј пати. Наше е само да ја препознаеме посетата.

Богочовекот Христос иконично нѐ посетува многупати, и главно, преку луѓе што страдаат. Самиот Тој има кажано: „...ако на еден од овие Мои мали браќа им направите, Мене сте Ми направиле“. Но, секоја средба со секој човек во нашиот живот е дар Божји и средба со Него.

Постојат и поинакви Негови посети; посети кои битно го менуваат нашиот живот. Само да гледаме да не е тоа допуштена болест или несреќа, односно „посета од неволен вид“ поради нашите гревови, туку да предизвикаме, преку подвиг на покајание и послушание, посета од волен вид – како растење низ степените на духовниот развој, преобразување и обожeние.

Борбата против секое очајание и безнадежност, посебно при болест, се заснова, пред сѐ, на вистинска и цврста вера, а потоа и на животот со надеж, што значи – без чинење грев. Затоа што причина за повеќето болести е гревот (Јован 5, 13–15). Таков изгледа животот на болниот човек од бањата Витезда. Гледаме триесет и осум годишно трпеливо чекање, со надеж дека, сепак, ќе се појави Човек кој ќе го спушти во бањата, откако ангелот ќе ја раздвижи водата.

Евангелието од Неделата на раслабениот е полно со симболика. Симболика на Светото Крштение: бањата Витезда во која луѓето оздравувале од каква било болест и да боледувале. Симболика на возобновувањето на духовниот живот кај народот: ангел Господов ја раздвижуваше водата. Симболика на молитвениот однос на човекот кон Бог – што Го привлекува Бог: Исус, кога го виде како лежи и штом узна дека од многу години боледува, му се обраќа и го прашува дали сака да оздрави. Болниот човек нѐ симболизира сите нас, денес, кои сме духовно раслабени.

            Најпотресна, за мене, е симболиката за исконскиот крик на човекот во потрага на вистински Човек и човечност, преточена во само двата збора на раслабениот: немам човек! – иако човечноста треба прво во себе да ја возобновиме за да ја препознаеме. Како и симболиката на вистинското послушание, како Откровение на смислата на Духот на словото – во словото на законот. ...Му рекоа на исцелениот: „Сабота е и не треба да ја земаш својата постелка!“ Но, тој им одговори: „Оној што ме излекува, ми рече: Земи ја постелката своја и оди!“ (Јован 5, 9–11).

            Јас би се задржал, сега, и на други две симболики, на симболиката на крајот на Стариот Завет и на симболиката на крајот на Новиот Завет. И двете симболики се сведуваат на само двата збора: немам човек.

            За симболиката за крајот на Стариот Завет ни говори целиот Нов Завет, целиот Очев Домострој на нашето спасение, но и денешното евангелско четиво, каде што Синот Божји Исус Христос се појавува и како вистински Бог и како вистински Човек, како Богочовек. Дотогаш не се беше појавил таков Човек, а ние Го распнавме.

            За симболиката на крајот на Новиот Завет ни говори Апостолот Павле: „во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат среброљупци, горди, хулители, неблагодарни, неправедни, непомирливи, клеветници, невоздржливи, непослушни, предавници, повеќе сластољупци отколку богољупци, наизглед побожни, а од силата на Бог се одрекле. И од нив одвратувај се!“ Со други зборови – ќе снема луѓе.

vo.Nedela.na.Raslabeniot1

            Вистинскиот човек, како икона Божја која треба да стигне во подобие Божјо, е љубов. Зборовите оладувањето на љубовта се еднозначни со зборовите немам човек – вистински. Тоа ќе биде главна карактеристика на последните времиња, чии знаци и денес ги гледаме. Фала Богу, вистински човек сè уште може да се најде; но тоа исто така значи дека Апокалипсата апсолутно зависи од нас, од нашето покајание или непокајание; од нашата човечност или не...

            Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум

 

 Извор:

МПЦ-ОА

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/besedi/24178-mitropolit-strumichki-naum-nedelata-na-raslabeniot-22-05-2021

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Игумен на манатирот "Успение на Пресвета Богородица",о. Фотиј, Берово: БЕСЕДА

 Проповед  изречена во Манастирот "Успение на Пресвета Богородица",Берово  на 28.08.2020 год. на празникот на Нејзиното сечесно УспениеИгумен на манатирот  о. Фотиј ...По тоа ќе не познаат,по тоа ќе ни мерат...Ако нашите дела и нашите постапки бидат во согласност со Божјите зборо...

Image Description
3 years ago

За силата на смртта и на крстoт Христoв

За силата на смртта и на крстoт Христoв Свeти Атанасиј пишува: “Чија смрт билo кoга ги изгoнила дeмoнитe? И oд чија смрт билo кoга сe плашeлe дeмoнитe какo oд срмтта Христoва? Кадe самo ќe сe прoизнeсe имeтo на Спаситeлoт, таму сe изгoнува сeкoј дeмoн. Кoј вo таква мeра ги скрoтил душeвнитe страсти...

Image Description
3 years ago

Недела пред Богојавление

НЕДЕЛА ПРЕД БОГОЈАВЛЕНИЕ „Покајте се!“ (Матеј 3: 2) ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ! Денешниот евангелски настан нè води во Јорданската пустината, онаму, каде што непосредно пред доаѓањето на Божјиот Син на земјата живеел и проповедал Неговиот Претеча, светиот Јован Крстител. Оние луѓе, ко...