Митрополит Струмички Наум: Свадбена облека (25.09.2021 )

Example User · 2 years ago

    2 minutes, 54 seconds


3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel


     

Свадбена облека (25.09.2021 15:59)

Свадбата за која ни говори денешното евангелие (Матеј 22, 2–14) е Царството Небесно, чиј предвкус е даруван во Црквата Христова за оние што ќе ја прифатат поканата, за оние што се подготвени, за оние што имаат свадбена облека; не за оние што не сакаат, т.е. не можат. При аскетско-исихастичкото толкување на денешното евангелие се издвојуваат неколку моменти:

            Прво, однесувањето на повиканите согласно нивните страсти.

            Едните од нив го одбиваат повикот затоа што одат на нива. Тие се олицетворение на страста сластољубие. Ним им е поважно тоа со коешто времено ќе ги наполнат своите стомаци, отколку грижата и љубовта што Бог ги покажува кон нив, канејќи ги на непропадливата трпеза на свадбата на Својот Син во Царството Небесно.

Другите што не се одѕиваат на повикот се оние што одат по трговија. Очигледно, таквите Го одбиваат Бог заробени од среброљубието и претставуваат олицетворение на таа страст. Нивниот бог се материјалното богатство и парите.

Третите од оние што биле повикани, кои ги исмеале и ги убиле слугите на Царот, се олицетворение на страста славољубие. Како што знаеме од Писмото, тоа се старозаветните свештеници, книжниците и фарисеите што Го предаваат Господ Исус Христос на смрт, но и некои од новозаветните – кои Го убиваат Христос во душите на луѓето, плашеjќи се за својата човечка слава, која со Неговото присуство бива крајно засенета („Ете, цел народ тргна по Него...“). А и кој друг освен тие што имаат позиции и власт, а немаат внатрешно духовно покритие за истите?

            Како и во минатото евангелско четиво што го чувме така и во ова, преку евангелските случувања пред нас се пројавуваат трите главни вида страсти: сластољубие, среброљубие и славољубие, кои во многу го одредуваат однесувањето на луѓето кои се заробени од нив.

            Втор момент што се нагласува во оваа парабола е тоа што не сите што одговориле на поканата и дошле имале свадбена облека.

            Свадбена облека е подвигот на очистување на срцето од страстите во послушание. Без овој подвиг никој не може да се нарече христијанин. За монасите и свештенството свадбена облека е нешто повеќе од тоа. За нив, тоа е дарот на умно-срдечната молитва и просветленоста на умот; за нив, тоа е и внатрешно духовно покритие за чиновите што ги носат. Инаку, како духовно ќе го водат народот Божји? Кај Светиите, умот, душата и целото тело се толку многу преобразени и обожени што со своите очи ја гледаат и несоздадената Божја светлина.

            И третиот момент што се нагласува е молкот на гостинот без свадбена облека.

            Господ никого не остава без можност за спасение, дури и до последниот момент. Кога Господ веќе му се обраќа на необлечениот во свадбена облека со зборот „пријателе“ и кога со таа постапка веќе му дава можност за комуникација и заедница со Него, редно беше, пред сè, да одговори, а спасително ќе беше да каже едно „прости“. Но, оној што нема направено ништо за да се здобие со свадбена облека, односно што нема направено ништо за да изгради лична заедница со Господ, тешко ќе научи како, всушност, се постапува во тој клучен момент. Или што да одговори епископ кој наместо да го води народот кон Царството Небесно и наместо да се грижи за единството на Црквата, тој проповеда национализам и спроведува државни политики во меѓуцрковните односи?

„Тогаш царот им рече на слугите: ’Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби; зашто, мнозина се повикани, а малцина – избрани‘.“

            Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

Извор: МП-ОА

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/besedi/24487-25-09-2021

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски: БЕСЕДА

 (Обновено) Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски           Беседа на Литургијата во манастирот на св. Наум Охридски (04.10.2004) Свети отци и маченици македонски, молете Го Бога за нас! Одамна, а можеби и никогаш, за ваков повод и токму о...

Image Description
3 years ago

БEСEДА за срцeтo пoдгoтвeнo за Бoга

  БEСEДА за срцeтo пoдгoтвeнo за Бoга Пoдгoтвeнo e срцeтo мoe, Бoжe, спрeмнo e срцeтo мoe (Пс. 56:7).Блазe му на oнoј, браќа, кoјштo мoжe така да Му рeчe на свoјoт Гoспoд! Блазe му на oнoј чиe срцe e пoтпoлнo гoтoвo да ја слeди вoлјата Бoжја. Вo тoа e и пoдгoтвeнoста на чoвeчкoтo срцe, радoснo...

Image Description
3 years ago

Што е битно за да дојде до промена? (Дедо Наум)

Секој сака да е некој, никој не сака да расте (02.01.2021 10:54) Многу луѓе се незадоволни од одредени состојби. Тие состојби може лично да ги засегаат, а може да ја засегаат пошироката јавност, како и целото општество. Сите тие сакаат таквите состојби да се променат и мнозина од нив својата желба и...