Свети Григориј Богослов

Свети Григориј Богослов

Свети Григориј Богослов

ЖИВОТОПИС, ТВОРЕШТВО И КАРАКТЕРИСТИКА

Големо светило на верата и благочестието, на православието и поборништвото е свети Григориј Богослов. Тој е роден во паланката Арианз, близу до градот Назианз, околу 330 г. Тој е рожба на прочуен и благочестив дом – потомок на богат и влијателен род. Татко му се викал исто Григориј – отпрвин бил многубожец, виден администратор, а подоцна постанал и епископ на градот Назианз. Мајка му се викала Нона – класична христијанка и прекрасна мајка; ќерка на благочестивиот Филтат и сестра на прочуениот ретор Амфилохиј, татко на епископот Амфилохиј Икониски. Нона била учителка на својот сопруг за вера и благочестие – таа била и наставничка на своите деца Григориј, Горгонија и Кесариј во истите знаења и добродетели. Како христијанка, сопруга и мајка, таа постанала бесмртна во историјата – со своите пак деца, се прославила во христијанските поколенија.

Отпрвин, училиште за свети Григориј му била домашната стреа – тука тој научил читање и пишување и ги правел првите стапки во реториката под раководство на својот татко и својот вујко. Во тоа огниште, тој ги научил и првите лекции во верата, и се поучил во првите добродетели на благочестието од блажената Нона. Прочуеното потекло, материјалната состојба и културното сознание на родителите и роднините, го насочиле и движеле, успешно, свети Григориј по сите стапала и огништа на тогашната школа и култура – и тој, примерно ги оправдал тие грижи без да се посрами во нешто. Вториот степен на своето образование свети Григориј го завршил во Кесарија Кападокиска – таму тој за прв пат се запознал и сретнал со свети Василиј Велики: средба и историска, и промислителна – за нивно добро, за чест на нивните домови и за слава на православието. Силен ум и духовна жед го поттикнала момчето кон третиот степен на неговото образование – тој заминал во Кесарија Палестинска, важен културен, политички и економски центар за целата Света земја. Во тој град, свети Григориј ги слушал лекциите по красноречивост на славниот, за времето и својата земја, ретор Теспиј. Последниот применил такво влијание врз неговиот ораторски талент и поетски дар, каков што одраз дал Ливаниј врз дарбите на големите христијански проповедници свети Јован Златоуст и свети Василиј Велики. Неговата ревност за знаења и придобивки не била целосно задоволена, затоа, тој се насочил уште по на југ; отпатувал за Александрија – средиште, каде што се крстосувале, речиси, сите постигнувања на духовната и материјалната култура на тогашниот човечки род. Свети Григориј, во тоа световно огниште, слушал, проучил и испитал многу училишта, учители и системи по разни области на човечкото и божествено познание – при сето ова, неговиот љубопитен разум уште не бил задоволен и духот уште му бил жеден за повисоко знаење и култура!

На крај, свети Григориј се упатил кон првоизворот на тогашното умствено творештво – кон круната на многубожечката мудрост и цивилизација – Атина. Во време на маглива есен тој пловел по неспокојните бранови на Средоземното Море. Неблагопријатниот ветер предизвикувал страшно бранување. Бурата продолжила повеќе од седмица. Коработ бил пред смртоносен бродолом. Патниците биле во ужас и пред смрт. Црна мисла го угнетува Григориј: тој уште не бил крстен; со солзи го оросил коработ; плачот му ечел над брановите; неговата молитва ги распарала небесата; оброк за служба на Бога упатил; срдечно просел спасение! Бурата наскоро стивнала; морето се успокоило; коработ се запазил; патниците останале живи; Григориј се спасил! Во вишата школа во Атина тој, долго време се специјализирал по литература и философија. Тој црпел знаења и го доразвил дарот при прочуените ретори Имериј и Проересиј. Таму се сретнал со блудниот син на Црквата, принцот Јулијан Отпадник – и пророчки го окарактеризирал како бедно зло за тронот, државата, верата и народот. Таму по втор пат се сретнал со свети Василиј Велики – по дух и настроение, по образование и идеал, двајцата постануваат две души во едно тело, за да се впрегнат подоцна како два вола под еден јарем за благодатно орање на Божјата нива! Способностите и поведението, неуморноста и успесите на свети Григориј, биле достојно оценети од неговите професори и состуденти: по завршувањето на универзитетот му била предложена доцентура при катедрата по словесност. Добродушниот и скромен Григориј, не можел да ја одбие упорната покана на своите учители – од пристојност, смирение и носталгија кон татковината, тој љубезно го напуштил професорското поприште и се вратил во својата родина за голема радост на своите родители и за чест на својата земја!

Пред погледот на Григориј примамливо се ределе: блескава кариера, угледна положба, безгрижен живот и сензационална слава – меѓутоа, неговиот мистичен дух и аскетска природа, никогаш не паѓале во искушение од тие суетни патишта на сивото секојдневие. Околу 356 г. тој примил свето крштение и наскоро потоа, заминал во пустината при својот неразделен другар Василиј. Во тивките прегратки на природата, при мистични сознавања и аскетски подвизи, Василиј и Григориј воздигнувале дух и калеле волја за апостолско служење на верата, родот и светот – деновите им поминувале во читање на Божјото слово, во изучување на творбите на Ориген и во физички труд. Неспокојниот религиозен живот; бурните расправи во Црквата; слабата подготовка на Назианскиот епископ; настојчивата молба на таткото за служебна помош – го вратиле Григориј во светот. Во 361 г. на празникот Рождество Христово, тој бил ракоположен во презвитерски чин од татко му Григориј Назиански, за да му биде помошник во службата на Епархијата. Таа хиротонија и таа инструкција не биле по волјата и сфаќањата на свети Григориј – колку и да е необично за наше време, тој се сметал недостоен и неспособен за клирик! По тешка борба во себе, околу Богојавление, тој ги напуштил таткото, мајката, службата и светот, и пак се прибрал во својата сакана пустина. Особената положба на таткото, силата на дадената клетва пред престолот и настојчивата молба на паствата, го вратиле свети Григориј во Назианз. Тоа се случило околу Велигден, следната година од неговото ракополагање. По тој повод, на Велигден, тој произнел класично слово, во кое, ги разоткрил причините за своето бегство. При особени дарби и големи знаења, со примерно послушание и голема ревност, свети Григориј му помагал на својот татко во службата на верата и благочестието до времето на неговото ракополагање за епископ.

Аријанството грабливо завладеало голем дел од Истокот – православието било смртно притеснето од власти и еретици. Меѓутоа, од пепелта на таа ерес, свети Василиј го воскреснал правомислието во верата и праводејствието во благочестието – непријателите биле поразени, идејно и општествено. Негова десна рака во тоа поборништво бил свети Григориј. За таа цел, по долги настојувања и со посредништво на неговиот татко, Василиј го ракоположил Григориј за епископ на градот Сасим во 371 г. – покрај неговото упорно противење; „Се покорив на послушанието, покрај моето убедување!“ Сасим бил по луѓе собиралиште од скитници и злосторници, а материјално преживувал тешка мизерија. Поставен да ора меѓу трња, и да сее врз камења, свети Григориј бил принуден наскоро да ја напушти својата катедра и да постане викарен на својот татко до неговата смрт. По една година, кога Назианз се здобил со канонски титулар, не без челното учество во изборот на свети Григориј, тој повторно се упатил кон својата сакана пустина – се населил во манастирот „Света Текла“, во Селевкија Исавријска, во 375 г. и се оддал на богомислие и аскетизам. Тука тој – по неколку години – ја добил тажната вест за смртта на свети Василиј, која била стрела за неговото срце; оттука, исто така, е призван за подвиг против аријанството во Цариград.

Волјата на Антиохискиот собор и синовската прозба на цариграѓани, не биле силно задолжителни за свети Григориј – тој се упатил за Цариград, најпрво од љубов кон славниот спомен на Кесарискиот светител и од целосно сознание за долг и жртва за да го продолжи неговото дело против блудниците во верата и разорителите на Црквата. Тој бил неоспорен достојник за тоа мисионерско дело. Во почетокот на 379 г. тој заминал за Цариград. Во престолнината, православието било, речиси, изгаснато – општеството било силно аријанизирано и крвно непријателски расположено кон православните. Свети Григориј се засолнил при својата внука од сестра му Горгонија. Во сутеренот на куќата организирал и параклис. Го именувал „Свето Воскресение“ – символ и споменик за воскресение на православието. Почнал да извршува служба и да проповеда. Таму тој ги произнесол петте класични слова „За богословието“ – против евномијаните и духоборците. Славата на неговата красноречивост молскавично крстосувала низ престолнината. При него масовно доаѓале православни, еретици, Јудеи, дури и многубожци да го слушаат неговото слово и да се насладат на неговиот талент. Аријаните клеветеле и беснееле: пуштале во ôд ниски интриги; ги напаѓале собирите на Григориј; фрлале по него со камења по улиците; преку ноќ го осквернувале параклисот; правеле смртен обид врз неговиот живот. Христос го запазил животот на Својот смирен служител и наскоро го удостоил со славна победа. Смртта на фанатикот Валент е смрт и за аријанството. Престолот го зазел православниот Шпанец Теодосиј Велики; православието воскреснало и победило; еретиците биле исмеани и скршени; катакомбата – параклис постанала величествен храм; Григориј бил назначен за архиепископ на Цариград!

Ниту една светска слава на земјата не е без болка и крај. Цариград за свети Григориј е еден трагичен житејски водовртеж. Во борбата тој, речиси, немал соработници, но во победата имал многу претенденти. При победа и слобода, при слава и власт, тој бил веќе неудобен за првоерарх на престолнината – не бил човек на фазонот и протоколот! Не знаел блескаво да јава коњ; не умеел гордо да стои на двоколка; не се држел според својата положба; избегнувал посети при првенци; не организирал раскошни приеми; не бил настан неговата појава меѓу народот! На Вториот Вселенски собор архиепископ Григориј бил жестоко навредуван и онеправдан. Лицемерното држење на императорот, непријателството на источните епископи, амбицијата на александриските првоерарси, усилбите на ватиканските клирици, и прикриената завист на, речиси, сите собраќа, го симнале Григориј од престолната архиепископска катедра. Крајно кроткиот и смирен архипастир не се борел за катедра и власт. Тој одржал, изобличувачка за неговите непријатели и проштална за неговата паства, срдечна и пламена реч пред отците на соборот, за својот мисионерски подвиг во аријанизираната престолнина, и ја дал својата оставка од архиепископството: „Нека постанам јас пророк Јона; не сум виновен за бурата, но се жртвувам за спасението на коработ. Земете и фрлете ме… Јас не се радував, кога се искачив на престолот, затоа сега, со задоволство слегувам од него!“ Тој жртвен пример не е повторен во историјата на клирот.

Свети Григориј, откако го напуштил гнездото на суетата и лицемерието, на лукавството и зависта, отишол во Назианз и ја зел овдовената катедра на својот татко. Кратко време потоа, тој поставил благочестив и достоен наследник на таа катедра и се оддалечил на поседот на својот татко во Арианз. Таму тој си ги повратил богатствата за кои мечтаела неговата душа: богомудрието и осаменоста. Се оддал на мистично осознавање и поетско творештво, кое како благодатен дожд ги напојувало душите на неговите современици, откако како вразумителен град паѓало врз главите на еретиците, и како духовна ризница останало за поколенијата. Макар да бил по периферијата на животот, не бил туѓ за животот на Црквата – ги одржувал врските со писма и, како чувар на кула, бдеел над саканото православие. Свети Григориј, при блажено сталожена старост, при крајот на 389г. или почетокот на 390г. го предал духот на Бога. Умрел оној, кој – според зборовите на западниот писател Руфин – „водел живот, што побеспрекорен и посвет не може да има; имал красноречие, што, поблескаво и пославно не може да постои; пројавил вера, што почиста и поправилна не може да се најде; и поседувал знаење најполно и совршено“. Така ги склопил очите вториот член од прочуената кападокиска тројка, кој, со својот живот и дела, запишал златни страници во историјата на Христовата Црква.

Редно е да ја започнеме нашата карактеристика врз делото и творештвото на големиот светител со зборовите на древната литургиска книжевност – таа го карактеризира сликовито и кристално: „Богослов особен, ретор извонреден и пастир необичен!“ Свети Григориј по живот и добродетели, по дарби и знаења, по служба и подвизи, по творештво и памет се самонасликал во галеријата на христијанските класици како: класичен догматичар, знаменит проповедник, угледен пастир, даровит поет, одличен мисионер, жртвен поборник, прекрасен стилист и совршен човек! Од него, времето ни сочувало 45 проповеди, 508 стихотворби и 243 писма – сè во два обемни тома. Таа духовна ризница била извор, образец и авторитет за творби и писатели во Црквата по смртта на авторот – па дури и до денес. Уште за време на животот, светителот заслужено се удостоил со висока духовна чест – неговите творби започнале да се преведуваат уште тогаш на латински, сириски, ерменски и арапски.

Споменик на неговиот богословски дар, слово и перо се петте негови класични слова „За богословието“ – вклучени во општиот број на неговите проповеди. Во нив тој ни дава кристална догматика и класични термини за Света Троица – пооделно: подробно и основно учење за Бога – како еден по суштина и троичен по лица. Тоа богоозарено учење, Црквата го догматизирала како верно, основно, точно, јасно и неизменето. За таа заслуга свети Григориј е наречен „Богослов“ – втор по дар и време по свети Јован Богослов. По мистично осознавање, по богословско задлабочување, по философско образложување, по точна терминологија, по јасен исказ околу првовистината на евангелската вера, борецот против аријанството достојно се воздигнал до Апостолот на љубовта.

По пастирските посланија на свети апостол Павле, прв трактат за пастирството ни дал свети Григориј Богослов во своите три слова, произнесени по неговото враќање од пустината, по повод неговото заминување од Назианз како презвитер. Првите три дела од неговите проповеди се зачеток на пастирското богословие – особено третото слово; се именуваат под заедничко име „Заштитничко слово“. Во нив е насликан евангелскиот образ на пастирот, набројани се неговите добродетели, нацртани се неговите задачи, посочен е патот на крсното служение кон Голготската височина. Подоцна, тие слова му послужиле како извор и образец на свети Јован Златоуст при пишувањето на неговиот трактат „За свештенството“. Не би погрешиле, ако кажеме, дека од тие две творби, подоцна се родило во западниот црковен свет „Пастирското правило“ на свети Григориј Двоеслов – книга, што зазема второ место по Библијата во католичката богословска книжевност.

Богословското творештво на свети Григориј Богослов е облечено првенствено во проповеди. Традиционално ги нарекуваат беседи – тоа никако не е случајно, зашто по јазик, стил и техника тие се ретки образци на древни реторски беседи. Меѓутоа, по дух, содржина и форма, тие се класични црковни слова. Во нив прекрасно и примерно се комбинирани убавиот елински збор со мудрата христијанска мисла. По дар, сознание и култура, авторот вложил голема грижа, многу труд и ретко усрдие во нивната разработка. Покрај реткиот талент, широките познавања и долгиот опит, свети Григориј никако не прибегнувал до импровизацијата. Принципиелно и практично тој ја третирал како ерес во омилитиката и сквернавење за амвонот. За него амвонот е еднаква светиња со светиот престол – и кон двата пристапувал со нагласена мистика и целосна подготовка. Секоја проповед со грижите и трудот за светителот била тешко духовно раѓање – тој највнимателно ги разработувал и научувал своите проповеди. Блиски и почитувачи на свети Григориј Богослов, откако го гледале, дека при составувањето на своите проповеди прибегнувал до средствата на ораторското искуство и вложувал голем труд за нивна внимателна разработка, велеле дека „рибарите – светите Апостоли, не се ползувале од такви средства при својата апостолска проповед“. На тоа чудење и таа забелешка светиот Отец рекол: „Јас на драго срце, подобно на рибарите, сакав да ги игнорирам тие средства на искуството, ако имав, како тие рибари, дар да правам чуда“. Неговиот пример треба да биде догма во омилитиката и завет за младите и старите проповедници!

Методот на неговата проповед е научно-богословски. Религијата и философијата врват рака под рака – верата и разумот крстосуваат во разоткривањето на вистините на Откровението, без искуствен пример и без заемна угодливост, според духот на времето. Позитивното од човечката мудрост има важен дел во неговата проповед – тоа служи за докажување на духовното и побивање на противници од светски и религиозни средини. Меѓутоа, почеток и крај на проповедта, си останува Откровението – класично разоткривано во рамките на строга православна црковност. Содржината на неговите проповеди е, речиси, енциклопедиска – идеи разнородни и теми разновидни: догматски, етички, пастиро – логични, историски, живописни и други. Тие се длабок рудник не само на обилна религиозна материја – во нив има богати сведоштва и карактеристики за лица и настани во деновите на свети Григориј, но се и драгоцени податоци за духовниот и материјалниот бит на древна Елада – на првенците, творбите, културата, карактерите и друго. По природа и култура нивниот составувач е кабинетски човек; меѓутоа, неговото творештво, не носи печат на системски и академски труд, зашто темите не се поставуваат спокојно и теориски пред него, туку инцидентно и практично од бурното време на неговиот живот. Ова се однесува за творбите на светителот со оглед на еден целосен систем – но при сето ова, секоја работа од неговите проповеди има примерна последователност, ширина, длабочина и полнота.

По јазик и стил, проповедите на свети Григориј Богослов носат неразрушлив печат на совршенството. Михаил Псел, патријархот на Комниновските писатели, го нарекува светителот „христијански Демостен“. Неговата фраза содржи: длабока вера, пламено чувство, силна мисла, смело убедување, ретка уметност, стилски богатства, богат речник! Авторот, како поет, е и еден од првите, по време и дар, химнолози на Црквата. Неговото творештво е првоизвор за литургиската книжевност. И во неговото перо компарацијата и противподлошката играат главна улога како стилски средства. Неговите полемички размисли сопатствуваат со благороден гнев и силен јазик – тука се сретнуваат тенката иронија и немилосрдниот сарказам. Од формите на проповедта тој го застапува словото и речта – негде и поучувањето. Ја приложува сложената реченица – не недостига и кусата. Воопшто, јазикот и стилот на свети Григориј се оригинални и карактеристични – го пленат читателот, но му прават тешкотија на преведувачот.

Стихотворбите на светителот се плод не само на неговиот природен дар и литературна подготовка, но и на историската потреба на времето. И во дните на Богословот поезијата била сакана материја и сакана задача за младите. Покрај ова, еретиците успешно ги распространувале своите заблуди помеѓу масите преку стихотворби и песни – аријаните имале стихотворна збирка „Талија“, а аполинаристите „Псалтир“. Големиот поет и мисионер, за да ја оддалечи христијанската младина од блудната многубожечка поезија, и за да противдејствува меѓу отровот на еретиците, составил многу стихотворби со догматска, природна, воспитна и живописна содржина. Во едни од нив ја разоткрива својата душа, во други – православната вера, во трети – заблудата на црковните непријатели, во четврти – патот на животот. Тие се средени грижливо по познатите стапки на ритмичките единици во поезијата – преовладува стапката „јамб“. Неговите стихотворби се сметаат за образци во религиозната поезија и уметничката литература.

Во времето на Поборникот, писмата биле не само средство за лична кореспонденција и служебни односи, туку тие пред сè биле, модерна книжевна форма за општествена пропаганда, корист и просвета. Од таква природа се и писмата на свети Григориј – во нив господари општественото над личното. Тие се ценети по своите идеолошки, историски, биографски и лични елементи – исто така, и од литературно гледиште. Нивната полемичка и просветна улога – не се оспорува. Воопшто, целото творештво на светителот, било предмет на интересирање, разгледување и љубов од неговите современици и од поколенијата до наше време, тој бил, речиси, најсаканиот класичар за учени и прости во христијанскиот свет и посебно во Византија.

По бреговите и широчините на океаните, морињата и големите реки, остроумните и човекољубиви луѓе, поставуваат фарови и знаци, за да не заскитаат морските патници, за да не попаднат врз подводни скали и во морски водовртежи, и за да бидат во безопасност човечките души и вредните предмети. Семилостивиот Бог поставил патепоказатели и во житејското море – кој го изгубил компасот на времето и плови блудно во мракот на гревот, нека го земе свети Григориј Богослов за фар: тој ќе го упати татковски, светло и спасително кон пристаништето на покајанието, мирот и блаженството!