Title : Беседа на Рождеството на Пресвета Богородица - Митрополитот Европски г. Пимен

Беседа на Рождеството на Пресвета Богородица - Митрополитот Европски г. Пимен

Example User · 4 weeks ago

    0 minutes, 6 seconds


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,
 
Возљубени во Господа браќа и сестри,
 
Колкава е потребата на човека од храм, од место каде ќе се среќава со Бога, од место каде ќе може молитвено да Му се обрати на Господа, па колку и да е оддалечен од својот дом, гледаме уште во Стариот Завет, во втората книга Мојсеева, Излез, кога Божјиот народ израелски 40 години лута низ Египетската пустина. И што е она што го одржало во живот сите тие тешки години на патот кон дома? - Верата во Бога живиот и нивното постојано молитвено обраќање за помош кон Него. А за да можат да си ја зачуваат верата, Бог им дава заповед и во тие тешки услови на постојано патување да си направат подвижен храм наречен скинија. Скинија која ќе патува со нив до ветената земја. Израилот ја исполни заповедта и ја изгради скинијата, почна да ја посетува и да се моли на Бога. Така еврејскиот народ си ја запази верата, а Бог пак го запази него жив на неговото патешествие и го воведе назад во својата земја, избавувајќи го од ропството. Споменот и значењето на скинијата, на овој патувачки храм, го знаел и чувал секој Израилец. Затоа и не заврши тука, само за време на патувањето, потребата од скинијата, односно од храмот. Потребата од храм беше постојано со верниот народ. И кога веќе беа повторно дома, повторно во својата ветена земја, изградија храм во Ерусалим. Изградија свои храмови секаде онаму каде што беа. Во тие храмови влегуваше и поучуваше и нашиот Господ Бог Исус Христос.
 
Мноштвото на ученици кое го стекна со своето Божествено учење исто така имаше потреба од храм, од место каде што ќе се собираат за да Му благодарат на Бога и од каде што молитвено ќе Му се обраќаат. Имаа потреба, но три века немаа можност да си изградат свои храмови, затоа што беа во постојано гонење од незнабожците. Но верата дека еден ден ќе се градат слободно христијански храмови во кои слободно ќе се проповеда за Христа Бога, постојано живееше во срцата на сите христијани. И после тривековниот период на гонење, светиот цар Константин даде слобода христијаните да се декларираат како христијани, а со самото тоа и да се градат христијански храмови ширум неговото царство. Бројни се ранохристијанските базилики насекаде ширум христијанскиот свет, а особено на територијата на нашата земја. Стоби, Баргала, Мородвиз, Хераклеа и многу други... За жал сите овие прекрасни зданија по само неколку века ќе бидат разурнати со доаѓањето на Словените, како пагански племиња кои немаа однос кон светоста нивна. Но набрзо, кога и сами ја примија спасителната Христова наука, им се придружија на староседелците во возобновувањето на старите цркви и почнаа да градат уште побројни прекрасни православни храмови и манастири. Ако решиме да ги наброиме, колку ли хартија ќе ни биде потребна, кога во секој наш град имаме по неколку цркви, кога немаме речиси ни село без своја црква, без свој манастир негде горе над селото...! Тој период се карактеризира со прекрасни храмови во византиски стил, кои пленат со својата убавина.
 
Повторно следува еден мал период на искушение, кога за време на отоманското ропство беше забранета градбата на цркви, за потоа, кога ќе се укине таа забрана, да никнат импозантните зданија кои го одбележаа овој период. Црквите градени од познатиот градител од тој период, Андреја Дамјанов, красат и ден-денес некои наши македонски градови.
 
После краткиот период на атеистичка заблуда дека Бог веќе не ни е потребен а со тоа и храмови, следува нова експанзија на градби православни насекаде низ нашата татковина. Се гради, се реновира, се реконструира. Се изградија многу нови цркви, се врати сјајот на древната Света Софија во Охрид, Свети Климентовиот храм на Плаушник, Света Богородица во Скопје... Се возобнови и монашкиот живот во многу наши древни светилишта. Со самото тоа и манастирите и манастирските цркви добија нов сјај.
Но потребата од македонски православни цркви не се омеѓи и не заврши во Македонија. Нашите браќа православни Македонци градеа и градат секаде онаму каде што нè има, секаде онаму каде што сакаме да Му се обратиме молитвено на Бога, секаде онаму каде што сакаме да покажеме колку се убави и прекрасни нашите храмови, нашата вера, нашата древна култура. Никнаа и првите македонски православни цркви надвор од татковината - во Канада, Америка и Австралија. Веќе имаме десетици храмови кои со својата убавина и автентичност станаа украс на околината во која што се изградени.
 
Со малку поситни и посрамежливи чекори, нивниот пример го следи и Европа. Се изгради првиот храм во Европската Епархија во Гетеборг, се гради во Малме, а еве денес, по милоста Божја, по молитвите на Света Богородица, Чие Рождество денес го славиме, и по молитвите на нашиот патрон светиот Наум Охридски - чудотворецот, ктиторот и градителот на чудесниот манастир на Охридското езеро, се собравме после оваа Света Архиерејска Литургија да го поставиме камен-темелникот на новиот храм, да го поставиме во оваа толку значајна година за нас како Македонска Православна Црква. Година во која славиме 40-годишен јубилеј од возобновувањето на древната Охридска Архиепископија во лицето на МПЦ, а црковнава општина 15 години од своето формирање.
 
Заблагодарувајќи им се на браќата архиереи, кои со своето присуство тука го збогатија овој настан, за нивната молитвена поткрепа, ви заблагодарувам и на сите вас што од повеќе страни дојдовте денес да покажеме дека нè има и дека заслужуваме и ние тука да имаме свој сопствен молитвен дом. Да ви заблагодарам, но и да ве замолам на секој начин да го помогнеме градењето на црквата. Велам, на секој начин: и преку финансирање и преку помагање и преку молитва. Секоја и најмала помош е добредојдена. Колку побрзо ќе го завршиме започнатово богоугодно дело, зависи од сите нас и од сите наши даренија и од нашата вера. Црквата не е само храм изграден од камен, црквата е соборот на личностите во неа собрани на Света Литургија во заедница со Телото и Крвта на Христа Бога. Кога градиме црква, сите ние се вградуваме во неа како живи камења. Ако се вградиме, ќе кажеме, градејќи ја црквата, таа нè изгради нас како охристовени личности.  Само ако вака ја сфатиме градбата, црквата ќе ја чуствуваме како своја. Ќе можеме на идните генерации да им кажуваме за нашето добро дело, да им кажуваме и со право да се пофалиме дека сите ние со заеднички сили сме го изградиле храмот, а тие, пак, од благодарност кон своите претци да го очуваат низ сите векови. Но поважно од тоа е што нашите имиња ќе бидат запишани на небесата и што секогаш кога и да се богослужи во неа, народот предводен од свештенството ќе вознесува молитви кон Нашиот Бог Света Троица во кои ќе си споменува за ктиторите, дарителите, украсителите и помагачите на овој свет храм.
Нашиот патрон Светиот отец наш Наум Охридски да нè има во своите молитви пред Бога за брзо и успешно завршување на градбата. А, особено Пресветата, Пречистата Славна Владичица наша Богородица, Онаа Која е поширока од небесата, Онаа Која е храм во кој се всели Бог Словото и од Која се роди Спасителот наш Исус Христос, молитвено да се застапува за нас пред Бога.
 
Денес го славиме Нејзиното Рождество, го славиме и раѓањето на нашиот нов молитвен дом. Дај Боже, наредното Богородично раѓање да го славиме во новата црква!
 
Нека ни е честито и од Бога благословено Рождеството Богородично и честито и благословено поставувањето на камен-темелникот!
 
За многу години, на многаја лета.
     

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/besedi/372-beseda-na-rozhdestvoto-na-presveta-bogorodica-mitropolitot-evropski-g-pimen

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
1 year ago

Митрополит Струмички Наум: Секташко однесување во Црквата (17.10.2020)

  Секташко однесување во Црквата (17.10.2020 09:41)(Да застанеме смирено, да стоиме со страв)Браќа, ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате едно и исто, и помеѓу вас да нема делење, туку да бидете соединети во еден дух и во една мисла.Оти од домашните на Хлој чув...

Image Description
1 year ago

Се повредуваме еден со друг, пред се, заради нашата гордост и самољубие (Отец Гаврил Галев)

Вистина, ако не ги простиме грешките и долговите на нашите ближни, ниту Бог нас нема да ни ги прости. Во суштина, сите сме должници на нашиот Бог, Создател и Спасител, Кој е наш Господар, и ние сме Негови. Сите згрешивме и сеуште грешиме, пребиваме во своите гревови, и тешко ни е да се исправиме. То...

Image Description
10 months ago

Кој може да биде ученик Христов?! (Митрополит Наум)

Кој може да биде ученик Христов (01.12.2020 11:35) „Со Него одеше многу народ; а Он се заврти и им рече: ’Ако некој дојде при Мене и не го намрази татка си и мајка си, жената и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик‘.“ Видете го денешново ев...