Босилокот (босилек, базилик, василикос) или царско цвеќе, е познат по неговата пријатна миризба, лековити својства, особено по неговата употреба во црквата. Постојат повеќе видови на босилок, широколистен, ситнолистен, светогорски (повеќегодишен), лилјаков итн. Најчесто се одгледува во Иран, Индија, Североисточна Азија и Кина, низ средоземните земји, особено во земјите каде што преовладува православието. Се смета за едногодишно растение, кое се размножува со семе, но постои и еден вид на повеќегодишен босилок, наречен светогорски, кој доколку се чува на топло и светло место, може да ја преживее зимата.

За неговото потекло и поврзаност со Црквата постои предание дека, кога крстот Христов бил изгубен, односно, закопан под земја, во времето на царицата Елена, на местото каде што лежел крстот никнало некое растение кое ширело прекрасен мирис. Кога го барале крстот, почнале да копаат токму под тоа растение, и таму го нашле вистинскиот крст Христов. Миризливото растение кое никнало над крстот е токму босилокот. Оттогаш, како спомен на овој настан, во богослужбената употреба влегува босилокот, и се користи при осветување на вода, и се дели на верниот народ како благослов на сите празници кога се спомнува чесниот Крст Христов – Крстовден, Појавувањето на Крстот и Крстопоклона недела.

Православните христијани негуваат посебна почит кон ова „царско растение“ и го садат во своите дворови, во бавчите како заштита од инсекти, на терасите заради пријатниот мирис. Речиси да нема македонска куќа каде што не се сади босилок во дворот.

Само секуларните псевдо-верници, оние кои доаѓаат „по потреба“ во црква, и на кои темјанот им пречи, фреските им се страшни, а црквите мрачни, на таквите и мирисот на босилок, како и сѐ друго од црквата им пречи, затоа што според нивното примитивно сфаќање, црквата е само погребално претпријатие и ништо повеќе.

Незнаењето раѓа страв, стравот раѓа ропство, а само спознавањето на Вистината-Христос дава слобода, пред сѐ од гревовите, но за тоа е потребен труд и подвиг. Да ја изучуваме и живееме верата, и да си ги зачуваме и традициите кои произлегуваат од нашето Свето Православие. Амин.

Свештеник Јани Мулев