Недела 27. по Педесетница

Example Super-Admin User · 1 month ago

    8 minutes, 34 seconds


Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Денешното свето Евангелие ни ја отсликува човечката духовна ситуација во секој момент. Секој човек може да се пронајде во денешното свето Евангелие и да открие во која група на луѓе спаѓа. Секој човек треба денеска добро да се замисли и да открие каде сака да припаѓа и која е неговата определба. Дали сакаме да припаѓаме во светот и да му служиме на светот, или пак да тежнееме кон Царството Божјо и да се трудиме да припаднеме како сограѓани во тоа вечно, прекрасно Царство Божјо.

На денешното свето Евангелие му претходи една Христова поука кон Неговите слушатели, за човечката милост кон другите луѓе. Господ постојано ја истакнувал милоста и добротата како основни добродетели во верата. Секако дека не можеме да веруваме без да деламе. Добродетелните дела се плодовите на верата. Доколку верата е празна, само со некаква интелектуална теорија, тогаш тоа ќе биде некаква религиозна философија. Но, верата наша не е некаква интелектуална наука која е мистериозна и несфатлива. Нашата вера се поима преку откровението Божјо. Господ се открива во светот преку икономијата на делувањето и постојано преку Светиот Дух, го инспирира светот. Господ го облагодатува човекот и човекот се инспирира да делува позитивно. Кога човекот делува единствено и само добродетелно, тогаш ја изразува својата вистинска вера во Бога Света Троица. Синот Божји се раѓа на земјата како човек, поради неискажливата милост кон нас, па така и нашата вера во Него, треба да биде исполнета со секаква милост и доброта.

Нашиот Бог е Бог на љубовта. Ние служејќи Му на Него, се исполнуваме со таа Божја Љубов. Контемплирајќи ја љубовта во нас, ние започнуваме да ја шириме околу нас. Затоа верата наша е вера на љубовта, исполнета со секаква добродетел кон сите и кон сè. Богочовекот Исус Христос постојано им ја истакнувал на луѓето таа наука на добродетелството која е втемелена во љубовта. Тој нè поучува во целото свето Евангелие, дека сочувството и емпатијата се нашите постулати на верата. Тој говорел во параболи но и преку Својот личен пример, постојано ја укажувал Својата неизмерна љубов кон луѓето, но секако, да нагласиме, не кон една група на луѓе, туку кон сите луѓе. Тој ја покажувал Божјата милост кон грешниците, а тоа било несфатливо и тогаш, но и денеска.

И денеска камен на сопнувањето е милоста кон грешниците. Како е возможно да се укажува милоста кон грешниците? Но, Божјата љубов нема граница! Божјата љубов е совршена! Бог ги создал сите луѓе. Секоја човечка душа е создадена од Божјата волја. Животот кој се раѓа во светот е во Божјата власт. Животот е во Бога и во Него извира. И Бог единствено делува во светот преку љубовта. Божјата љубов е Божјото својство на делување во светот. Бог го љуби своето создание постојано и вечно. Созданието и да се откаже свесно од Божјата љубов, тоа не го менува личниот однос на Бог кон грешникот. Бог е совршен токму поради Неговата бесконечна, позитивна, непроменливост.

Исус започнува со Својата парабола за големата вечера. Па вели: „Еден човек приготви голема вечера и покани мнозина“ (Лк. 14, 16). Христос ја започнува Својата парабола со тоа што Го нарекува Својот Небесен Отец човек. Тој вели дека некој мистериозен човек, приготвил голема вечера за мнозина. Оваа вечера е симболот на нашата Литургија. Господ ја приготвува навистина и нашата денешна света Литургија. Нашиот личен дел во светата Литургија е мал, но секако важен, но пред сè важен единствено за нас самите. Без Божјата волја да се создаде и оствари светата Литургија, ние не можеме да ја оствариме самостојно мистичната света Тајна. Ние учествуваме во светата Тајна, во неа сме повикани. Ние пристапуваме на големата вечера, на приготвената Божја гозба, која се подготвува единствено за нас, поради нашето спасение. Бог ја осветува целата природа која учествува во светата гозба, во светата Литургија, а нашиот личен принос во оваа таинствена вечера, единствено се остварува во нашата лична, слободна волја, за да учествуваме во оваа есхатолошка, мистична, голема тајна Божја. Светата Литургија е Божествена тајна која ни ја подари Синот Божји, Исус Христос.

Исус Христос вели дека човекот кој ја приготвил големата вечера, повикал мнозина да дојдат. Големината на овој тајновит човек кој ја приготвува вечерата, е во тоа што тој ја спрема за мнозина. Тој повикува многу гости и сака да ја подели својата прекрасна намера со мнозина. Но нема да ја подели намерата со својата фамилија, туку со многу разни луѓе, на кои се надевал дека ќе го испочитуваат да дојдат, поради нивното декларативно пријателство со него.

„И кога беше време за вечерата, го прати слугата свој да им каже на поканетите: Дојдете, зашто веќе сѐ е подготвено!“ (Лк. 14, 17). Господ Кој е претставен како човек во оваа парабола, Го праќа Својот слуга. А кој е тој слуга? Тоа е Неговиот Син Кој ја кажува оваа парабола. Исус Христос, вечен Син Божји, се отелотворува, се вочовечува и станува еден од луѓето. Тој станува Син човечки, станува слуга Божји. Слуга Кој ја слуша волјата Божја и ја исполнува. Тој станува нов Адам, станува „нов човек“ (човек каков што требало да стане Адам во Рајот).

Станува слуга Божји, Кој го претставува целото човештво во Себе. Тој е еден од сите, а сите во Него стануваат едно Тело. Тој е макрокосмос Кој станува микрокосмос. Тој Велик Бог, станува еден мал човек. Во Него и преку Него се остварува Божјата волја. Сега Тој слуга, дојде во светот за да ја објави татковската радосна вест, дека е подготвена гозбата за луѓето. Господ Великиот Саваот, Вечноста, Изворот, Апсолутноста, ги повикува создадените, мали твари, преку Својот Син да учествуваат слободно во Неговата бескрајна радост.

„И почнаа сите по ред да се откажуваат“ (Лк. 14, 18). Сите поканети започнале да се откажуваат, секој поради некои свои оправдувања. Но, оправдувањата на сите биле поради земните работи. Скоро сите се откажувале поради својата поврзаност со тоа што им било најважно во личниот живот. Најважна им била материјалната, земна преокупација. Сите го согледувале животот во својата единствена поврзаност со минливите земски работи. Ја откажувале поканата од нивниот пријател. Откажале да дојдат на гозбата која се спрема во нивна чест. Светата Литургија е света Тајна наменета за нас луѓето, наменета за наше спасение. Единствено во светата Литургија ние ќе се спасиме, соединувајќи се со Христа. Јадејќи го жртвуваното и приготвено Јагне Божјо, Кое се дава за нас, во наша чест, за простување на гревовите и за живот вечен.

Господ Бог, прво ги повикал Јудејците на кои им ветил дека тие се избран Негов народ. Тој ги повикал оние на кои што им помагал многу пати во нивната тешка, маченичка историја. Тој ги повикал оние кои што направиле сојуз со Него во Стариот Завет. Тие пак, Му служеле Нему формално, преку почитувањето на Божјиот Закон. Тие преку исполнувањето на формата во Законот сметале дека ја имаат остварено нормата за спасението. Но, ете сега, Господ Ги повикува на гозбата, а тие се откажувале како договорени. Тие сепак не Го познавале Бога во нивното срце. Немале кон Господа искрена вера за да Го испочитуваат кога ја испратил поканата по Својот слуга. Се откажале од Божјата гозба на спасението. Господ ги повикува дека се приближило Царството Божјо, дека им се подарува спасението, а луѓето не сакаат да се откажат од земната привременост и несовршеност. Поради гревот, човекот бива заслепен и не ја препознава вистината.

„Кога се врати слугата, му го кажа тоа на својот господар. Тогаш се расрди домаќинот на куќата и му рече на својот слуга: Оди бргу по плоштадите и улиците градски и донеси ги тука сиромашните, сакатите и куците и слепите!“ (Лука 14, 21). Господ како домаќин, бива расрден поради непочитувањето од луѓето. Но затоа наредил, бргу да отиде слугата и да ги повика сите други непланирани луѓе, кои се наоѓале на разни места во градот и да седнат на гозбата. Господ му вели на Својот Син да оди и да ги донесе грешниците. Да ги донесе оние кои биле отфрлени поради гревот. Оние кој биле отпишани од вечноста. Тие грешниците ќе бидат донесени од Синот Божји, од Исус Христос.

Забележуваме дека Господ не вели да ги замоли луѓето. Туку да ги донесе! Тоа значи дека, неверниците свесно со својата несветост, не би можеле да бидат вбројани и вклучени во Царството Божјо. А со силата и моќта на Благодатта Божја, тие ќе бидат прочистени и ќе ја согледаат вистината и ќе бидат прибрани во Рајот. Неверникот и грешникот, не можат да ја спознаат вистината, доколку пак самата Благодат Божја не влијае врз нивната свест. Со силата на просветувањето, умот се озарува и секој може да ја согледа вистината. Па така слугата Божји – Христос, преку Неговиот крстовоскресен подвиг, преку голготската жртва, со Неговата Божја сила и моќ, ќе ги преуми заблудените. Ќе ги донесе грешниците во статус на обожени икони Божји и ќе ги вброи во гостите на големата приготвена вечера. Исус Христос дојде на земјата не да ги повика светите и безгрешни луѓе, туку да ги повика на покајание и возможно спасение, грешните и не светите.

„Зашто, ви велам: никој од оние што беа повикани нема да вкуси од вечерата Моја. Зашто мнозина се поканети, но малкумина се избрани.“ (Лк. 14, 24). Господ ни потврдува со овие зборови, дека на многумина им се проповеда, на многумина им се дава можноста, но сепак малкумина ќе ја прифатат поканата. И денеска е исто така. Светата Литургија се служи постојано, но малкумина доаѓаат. Постојано луѓето се оправдуваат со разни изговори дека не можат да дојдат поради разни обврски. Луѓето постојано се оправдуваат пред Бога за нивната незаинтересираност кон таа голема чест која им се укажува. Но пак, малкумина се навистина вистински верници и борци во својот живот, борејќи се со своите искушенија во светот. Сепак нашата слобода е Божји подарок за нас, па можеме да избираме. Доколку избереме свет и земја, тука ќе бидат врзани нашиот ум и нашето срце, доколку ја избереме вечноста, ќе живееме за Господа.

Светиот Апостол Павле во своето послание вели: „Ако сте воскреснале заедно со Христа, барајте го она што е горе, каде што Христос седи оддесно на Бога; мислете на небесното, а не на земното“ (Кол. 3, 1-2).  Навистина ние кои воскреснавме во познанието, во Христа, ние треба веќе да не мислиме за земните работи кои нè обременуваат. Со Христос живееме и со Христос победуваме. Кога сме се преумиле преку Христос, тогаш веќе, нашиот ум ќе Го согледува единствено Богочовекот Исус Христос. Да не се навраќаме повторно кон непознанието и обезбоженоста. Туку просветлени со Благодатта Божја, да го бараме небесното.

Господ Исус Христос седи оддесно на Бога Отецот, и ние кои го спознавме тоа, треба да живееме за таа вечна вистина. А никако умствено да преваме повторно во ограниченоста на заблудата. Туку да мислиме кон Господа. Да богосозерцуваме, со нашите мисли да летаме кон вечноста.

Апостолот Павле на крајот од денешното свое послание вели: „Нема повеќе ни Елини, ни Јудејци, ни обрезани, ни необрезани, ни варварин ни скит, ни роб, ни слободен, а сè и во сè е Христос” (Кол. 3, 11). Навистина Господ ги повикува сите да се придружат во Неговата слава и во Неговата подготвена убавина за нас. Тој го даде Својот живот за избавување од гревот и смртта. Неговото крстовоскресно дело е спасително за секого. Нема етничка, национална и расна разлика во Господа. Сите сме едно во Христа и Христос е Еден за сите.

Да бидеме чеда Божја и да ја прифатиме Божјата покана, за да го оствариме сојузот на Новиот Завет. Нашиот сојуз се остварува со трансцедентниот Бог, чие Царство не е во овој свет. Затоа не треба да копнееме во светот за светот, туку да жеднееме за Господа за вечноста. А милостивиот Бог да биде човекољубив и да ни помогне да се отрезниме и да ја осознаеме правата вистина. Секако и ние да се трудиме во добродетелниот живот, та со добрините кои ќе ги чиниме да се докажеме пред Господа, за да бидеме признаени од Господа пред сите свети души кои живеат во радоста Божја, во палатата на неискажливата прекрасна убавина, во животот вечен.

Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-27-po-pedesetnica/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
8 months ago

Одам само во храмот и палам свеќа и тоа секогаш кога ми треба.

  Одам само во храмот и палам свеќа и тоа секогаш кога ми треба.Одам само во храмот и палам свеќа и тоа секогаш кога ми треба.Не можам да влезам во храмот и да гледам љубопитните очи вперени во мене и да ме озборуваат.И јас одговарам. - „Дојдете во црква за Христос, а не за изгледот.Станете свети, з...

Image Description
3 months ago

Сослужување во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“, на Плаошник во Охрид

„Си воскреснал денес од гробот, Штедар, и нас си нѐ извел од смртните врати. Денес Адам ликува и се радува Ева, а пророците, заедно со патријарсите, непрестајно ја воспеваат моќта на власта Твоја“ (воскресен кондак 3-ти глас, во Недела на утрена). На 10.11.2024 година, во Двесеттата недела по...

Image Description
5 months ago

Мајко, извини и ти благодарам!

 Мајко, извини и ти благодарам!Еден млад човек отишол да аплицира за менаџерска позиција во голема компанија.  Откако го помина првичното интервју, генералниот директор мораше да се договори за регрутирањето.Директорот од неговото CV дознал дека младиот човек имал одлично академско образование.  Тој...