Религијата во Образованието – Сестра Ефимија, Манастир Свети Георгиј Победоносец – Рајчица

Example User · 2 years ago

    16 minutes, 48 seconds


предмет: Обраќање – Осврт кон прашањето на воведувањето верското овразование

тема: Вебинар – Религијата во образованието

датум: 12.05.2021

Сестра Ефимија, Манастир Свети Георгиј Победоносец, Рајчица, коосновач и координатор на Асоцијацијата на професори по Етика во религии
 

Религиското образование во македонското општество – состојба и предизвици

    Предметот Етика во религиите, токму поради неговиот двоен етичко-информативен карактер, од една страна има можност да даде решение за потребите на младиот човек во развој, да го поттикне на внатрешната преобразба во духот на љубовта и разбирањето, а од друга да му понуди основно знаење за културата и традицијата на другиот, со што ќе добие добра насока во неговиот живот за да може да ја гради светлата иднина на својата земја“. Во контекст на кажаното од него, ќе додадам дека без овие вредности светот би бил еден огромен стерилен систем во кој луѓето би се занимавале само со креирање на куп права и слободи, без реална можност конечно да се ослободат од оковите на ограниченоста, духовното и интелектуално ропство во кое западнале.
    Старец и Епископ г. Партениј Бигорски

Почитувани учесници на Панел дискусијата,

Би сакала најнапред да ја изразам благодарноста до Фондацијата Конрад Аденауер за соработката со Асоцијацијата на професори по Етика во религии, преку организирање на овој настан, на кој е избрана тема од особено значење за македонското образование.

Целта на моето излагање на посочената тема „Религијата во образованието – зошто е важно?“ е да се истакне и аргументира потребата од поголема застапеност на овој предмет во образовниот систем на македонските училишта. Очекувано, ќе се повикам на искуствата на речиси сите европски земји, каде што учењето за религиите или за религиозното образование во различна форма или модел, а под влијание на одредени општествени и историски околности, е дел од наставната програма на државните училишта. Европа одамна спроведе сериозна дискусија за потребата од религиозно образование во училиштата и стана свесна дека тоа е континуиран и неопходен процес во животот на учениците: процес на очовечување на човекот и поттикнување и негување на неговите позитивни особини. Воедно, ваквиот став е во контекст и на европските заложби за почитување и остварување на човековите права.

Кога сме кај Европа добро е да се осврнеме на нејзиниот пристап кон религиското образование според кој можеме да разликуваме два главни модели: Конфесионален модел и Модел на запознавање со религиите (неконфесионален модел).

38.machenici1

Мора да се нагласи дека во пристапот во којшто религиското образование е конфесионално ориентирано, не се потенцира мешање на верските заедници во државните работи. Наместо тоа, се смета за остварување на државната неутралност и индивидуалната слобода и правото на религиозно изразување. Државата не треба да влијае на содржината на наставниот предмет, туку да биде неутрална во поглед на религиската слобода и погледот на светот. Повеќето земји со приод на неконфесионално религиско образование не дозволуваат право на ученикот да се откаже од изучувањето на овој предмет, иако во некои други европски земји ваквото право им е дадено на религиозните малцинства (Јовковска, 2018). На пример, образовните системи на скандинавските земји, документираат озаконување на верското образование од страна на државната легислатива, при што црквите сепак биваат консултирани, барем за дефинирањето на програмите, а понекогаш и за обуката на наставниците (Ѓорѓевски, 2018).

Истото ова се однесува и на нашите најблиски соседи, земјите со претежно христијанска, односно муслиманска вероисповед (Романија, Грција, Србија, Бугарија, Хрватска, Босна), кои го сочинуваат источниот колаж од земји на ЕУ.  И кај нив во системот за основно и средно образование е застапено религиското образование. Станува збор за земји кои ни се најблиски по дух, култура и традиција и во овој поглед можеме да извлечеме навистина позитивен пример од нив.

38.machenici1

Целта на организирањето на религиската настава во современа Европа е да се пренесат основните познавања и разбирања за религиите. Според Јовковска, 2018, неутралноста на државата и правото на верска слобода е загарантирано право. Учениците не треба да бидат неутрални во однос на вредностите, туку да бидат неутрални во однос на светогледот, вклучувајќи го и религиозниот светоглед. Сфаќањето на земјите членки на Европската Унија во поглед на религиското образование е дека тоа треба: да им овозможи на учениците да постигнат знаење и разбирање за влијанието на религиите во животот на луѓето и општествата, да придонесе за духовниот и морален развој на учениците, да развие свест кај нив за фундаменталните прашања за животот, да ги поттикне да истражуваат, размислуваат и да дадат одговори на таквите прашања во светло на големите светски религиски учења и етички традиции, да промовираат почитување на правата на другите луѓе кои имаат различни верувања од нивните. Религиското образование на ученикот треба да му се овозможи разновидно идеолошко образование, на таков начин што тој ќе се запознае со сопствената религија и нејзиното културно наследство, со цел да се здобие со мотивација за да формира личен поглед кон животот. Ученикот, преку знаењето во областа на различните системи на вредности и верувања треба да се стекне со способност да ги прифати различните од него и да гради соживот со нив во мултикултурното општество, да преземе одговорност за иднината и да влијае врз одлуките донесени во општеството, да се оспособи за етички одговорен живот.

Ете како е разбрано религиозното образование и потребата од него во современа и демократска Европа, кон чиешто членство се стремиме и ние. Меѓутоа, она со коешто периодов наназад се соочува македонското општество е развивањето на новата платформа за образование и дискусиите околу неа, потоа политиката за дигитализација на учебните помагала за основно и средно образование, во која што сметаме дека повторно отсуствува правото на избор – дали јавноста, односно родителите, сакаат или не сакаат целосна дигитализација на учебниците? Но, она што нас овде нè интересира е неизвесноста околу опстанокот на предметот Етика во религии во училиштата низ земјава, односно дали тој во некоја друга форма или модел ќе се најде во новиот концепт за образование. Станува збор за единствениот наставен предмет кој 10 години се предава како изборен предмет во 6-то одделение, и кој во себе ги инкорпорира сите битни сегменти кои ги наведовме погоре: воспитанието преку етиката на религиски системи и запознавањето со религиските култури и традиции карактеристични за македонското поднебје.

Битен фактор во неизвесната судбина на нашиот предмет е токму непознавањето на тие религиски култури и традиции. Зошто? Години наназад зборуваме за заштитата на правата и слободите на човекот, односно на учениците, меѓутоа како да не ни успева да се (ги) заштитиме од нас самите, конкретно од нашата неедуцираност на религиозен план. И додека европските земји се соединуваат во своите концепти за што поголема застапеност на религиите во својот  систем на образование со цел полесно надминување на општествените проблеми и девијации, како и прифаќање на различностите, ние формираме концепти со кои и она малку што го имаме го исфрламе. Апсурд! Но ајде да видиме од каде доаѓа тоа! Според нашето искуство, од една страна станува збор за погрешен став околу дефинирањето на односот помеѓу државата и верските заедници, а од друга страна за искривената перцепција околу практикувањето на верските традиции и сфаќањата за животот според нив. „Ова второто е длабоко поврзано со практикувањето на“, како што во една прилика тоа го нарече претседателот на нашата Асоцијација, презвитер Бобан Митевски, „милитантниот атеизам, од страна на некои поединци, групации и интересни групи“. За да се разбие овој некоректен религиски светоглед, потребни се отворени дискусии, почести јавни дебати и средби помеѓу високите претставници на државата и верските заедници со нивните експерти, за да би можела јавноста, односно државата да разбере дека верските заедници не се музеи, не се мртви институции, туку се живи заедници на конкретни личности кои учествуваат во креирањето на здравите општествени политики и процеси. Соработката помеѓу државата и верските заедници е уредена и со закон, кој вели: „Државата го почитува идентитетот на верските организации и со нив воспоставува однос на постојан дијалог и развива облици на постојана соработка (член 6)“. Во овој контекст, неопходно е да се повикам на особено важниот „Прирачник за правото на верските заедници и за слободата на вероисповед во Р. Македонија“ од 2018 год., финансиран од страна на Фондацијата КАС, а изработен од почитуваните професори др. Тања Каракамишева-Јовановска и др. Александар Спасеновски.

Прирачникот, меѓу другото, го наведува и толкува Законот по однос на прашањето за верско образование во воспитно-образовните установи, кои (според член 27 став 1) можат да организираат верско образование, при што верските организации во подготвувањето на наставниот план и програма со кои се утврдува изборниот предмет од областа на верското образование, можат да бидат консултирани преку Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи (член 27 став 2). Овој принцип се поклопува со принципите на Европските земји во однос на контрола на религиозните содржини во учебниците на државните училишта, односно за неопходната соработка помеѓу националните релевантни тела за образование и верските заедници, за што стана збор погоре.

Меѓутоа, се чини дека во најновата историја на земјава, проблемот околу секуларноста и религиското образование во јавниот образовен систем предизвикуваат дискусии кои како да не ја разбираат природата и традициите на верските заедници и религиозни групи, иако мора да признаеме дека најпосле, како резултат на децениската борба и притисокот од јавноста е постигнат одреден баланс, со тоа што државата излезе во пресрет на потребите на граѓаните за изучување на религиите во основното образование, но на начин со кој не се загрозува уставно утврдениот концепт на одвоеност на државата од верските организации. Уставниот суд го потенцира фактот дека Р. С. Македонија е секуларна држава која обезбедува верска и религиозна неутралност во образованието, при што државата не смее да презема обврски кои се во надлежност на верските заедници и религиозните групи. Овој став на Судот од една страна објаснува дека изучувањето на конкретни аспекти на една вероисповед треба да биде исклучиво во надлежност на верските заедници и религиозните групи, а не и на јавните образовни установи, но од друга страна, пак, тоа не значи дека државата не треба и нема право да воведе во основното образование предмет, кој од секуларен (неутрален) аспект би се занимавал со прашањето на религиите. Тргнувајќи од овој факт, а врз основа на (член 25 став 1) од Законот за основно образование, Етиката во религиите е воведен како изборен предмет за учениците од шесто одделение, кој од секуларна гледна точка ги изучува моралните аспекти на оние вероисповеди што се признаени со Уставот на нашата земја (Каракамишева-Јовановска, Спасеновски, 2018).

Но, како европското законодавство гледа на изучувањето на религиите во европските образовни институции? Во член 2 од Првиот протокол на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), која што е дел од правниот систем и на нашата земја, се вели дека правото на образование не може да му се оспори никому. При извршувањето на своите активности преземени во областа на образованието и наставата, државата е должна да се грижи за заштита на принципот на недискриминација и да го почитува правото на родителите да обезбедат образование и настава согласно своите верски и философски убедувања. Следствено, државата има обврска не само да обезбеди право на образование за секого, туку и право на религиозно образование за секого. Со овозможувањето да се оствари ова право во училиштата, државата, всушност, ја извршува својата обврска кон граѓаните, а не кон црквата, верските заедници и религиозни групи. Притоа се запазува и принципот на секуларност во државата, бидејќи во ниту еден момент не се навлегува во односот држава-верски заедници, туку се овозможува непречено остварување на правото на граѓаните за образование (Каракамишева-Јовановска, Спасеновски, 2018).

Правото на изучување на религиите, правото на познавањето на нивната историја и развој, правото на учење за сопствената религија, е универзално и цивилизациско право, кое е многу пошироко од Црквата или од другите верски заедници и религиозни групи (Каракамишева-Јовановска, Спасеновски, 2018). Религиозното образование е вредност на секое плурално општество, а религијата е дел од националната историја, култура и традиција на секоја земја. За тоа колку е ова важно, особено во нашиот контекст, еден добар дел од нас сме длабоко свесни, особено имајќи ја предвид длабоката вкоренетост на религиите во нашите традиции, но и во современоста – за што репер беа неколкуте последни анкети на КАС, ИПИС и Религија.мк.

Значи гледаме дека денес е особено популарно да се зборува за многуте религиски права и слободи, за секуларизмот и демократијата, меѓутоа изгледа малку се знае дека сите аспекти поврзани со човековите права и генерално европските вредности на недискриминација, отвореност, слобода на личноста и родова еднаквост, како основни демократски принципи, се принципи кои произлегуваат токму од религиозните вредносни системи (Деловска, 2020). Овој факт мора непрестајно да го истакнуваме, за да можеме конечно интелектуално да созрееме и да разбереме дека религијата ги опфаќа буквално сите сегменти од човековиот живот, а не само некои, или само до одреден степен. Всушност, таа особено многу придонесува за социјалната сплотеност и кохезија во едно општество. Онаму каде што го нема ова убедување се раѓа нетолеранција меѓу личностите кои треба да живеат заедно во мултикултурната средина и се нагласува фрустрацијата од нееднаквоста наспроти рамноправноста за која зборува и се бори религијата. Во контекст на наведеното е и „препораката бр. 1804 од 2007 година на Парламентарното собрание на Советот на Европа, дека: ‘Образованието е клучот во борбата против игноранцијата, стереотипите и неразбирањето на религиите и нивните лидери’“ (Каракамишева-Јовановска, Спасеновски, 2018). Мошне интересен е начинот на кој Шведската агенција за национално образование ја опишува тамошната потреба и полза од предметот Религии. Според Ангеловска, 2018, во нивните документи се вели: „Луѓето отсекогаш и во сите општества се обидувале да ги разберат и да ги објаснат условите за живот и општествениот контекст во кој тие израснале. Затоа, религиозните и другите различни ставови се клучни елементи на човечката култура. Во денешното општество, кое се карактеризира со разновидност, познавањето на религиите и другите ставови за животот е особено важно заради подобро меѓусебно разбирање“.

Меѓутоа, во македонското општество сè уште се кршат копјата околу прашањето дали учениците во текот на основното образование треба или не треба да го запознаат не само сопствениот етичко-религиозен систем, туку и оној на другите. Внимавајте, не зборуваме за тоа дека во текот на образовниот процес во државните училишта на децата ќе им се наметнува да одат на богослужба во храмовите, да кажуваат молитви на час и сл., туку основната цел е да се запознаат со културата и традицијата на којашто припаѓаат, а кои секако, се темел за изградба на нашето општество. „Не може да се отфрли податокот дека кај нас религијата е на иста линија и со нашата култура, уметност и литература, развивани низ сите векови наназад. Друга култура, уметност и литература, скоро и да немаме“ (Ѓорѓевски, 2018). Следствено, нема да можеме да воспитаме и образуваме напредни генерации доколку не им овозможиме на учениците да си ја запознаат сопствената вредносна традиција. Ова го истакна и современа Европа, а особено во последно време и Франција, која до скоро беше можеби единствената земја без религиско образование во државните училишта. Европа најпосле увиде дека учениците не ја разбираат доволно историјата, културата и уметноста бидејќи не ја познаваат религијата.

Би сакала овде да ја наведам и онаа општо позната изрека од областа на социологијата: „Сите ние повеќе наликуваме на времето во кое живееме, отколку на своите родители“. Ова е факт што мора да се земе предвид, зашто социјалните и културните околности во кои се развива човекот се многу посилни фактори од семејното воспитание, бидејќи за жал, мораме да признаеме дека денес под влијание на сè позасилениот конзумеризам, конформизам и отуѓување, семејството како да се распаѓа и ја губи својата основна функција во општеството. Токму поради ова училишната средина мора да ја одигра својата битна улога. Меѓутоа, нема да може да го постигне тоа доколку воспитната компонента, која подразбира градење на дух на соработка, еднаквост, отвореност, плуралност во размислувањата, дух на дијалог со сите различни луѓе во околината, отсуствува од македонското образование. А таа е најсилно застапена во содржините на предметот Етика во религии, кој како неопходна алатка во системот на македонското образование веќе 10 години ја фокусира својата настава на облагородување на ученикот, сфатен како потсистем на системот општество, со цел тој да послужи како противтежа на бурното секојдневие што со сите свои механизми и притисоци е насочено кон постигнување само на општествен успех.

Ќе завршам со зборовите кои во една прилика ги слушнав од нашиот најголем соборец и двигател во Асоцијацијата, мојот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој рече: „Предметот Етика во религиите, токму поради неговиот двоен етичко-информативен карактер, од една страна има можност да даде решение за потребите на младиот човек во развој, да го поттикне на внатрешната преобразба во духот на љубовта и разбирањето, а од друга да му понуди основно знаење за културата и традицијата на другиот, со што ќе добие добра насока во неговиот живот за да може да ја гради светлата иднина на својата земја“. Во контекст на кажаното од него, ќе додадам дека без овие вредности светот би бил еден огромен стерилен систем во кој луѓето би се занимавале само со креирање на куп права и слободи, без реална можност конечно да се ослободат од оковите на ограниченоста, духовното и интелектуално ропство во кое западнале.

38.machenici1Искрено се надеваме дека прашањето околу поголемата застапеност на Етиката во религиите во македонското образование ќе биде конечно разгледано во едно позитивно светло, без стравови и предрасуди во врска со истото. Воедно ја користиме приликата да го испратиме својот апел до надлежните институции, односно Министерството за Образование и Наука, да ја отпочнат долгоочекуваната дискусија со професорите по Етика во религии, за да би можеле тие да ги истакнат своите барања пред нив и да им бидат одговорени прашањата во поглед на тоа каде е нивното место во новиот концепт за основно образование. Впрочем, целта е да не се биде селективен, туку демократичен, да се отворат пристапи и можности за сите заедно да го прифатиме предизвикот на денешната, би рекла сурова општествена стварност, зашто само заеднички би успеале истата да ја промениме. Неопходно е да бидеме не на маргините, туку во главните текови на животот, таму каде што се создава и гради културата на една епоха. Неопходно е учењето за Етиката во религиите да биде во потполност самостоен предмет, а не некаков незабележителен фрагмент кој што е непромислено интегриран во систем каде што не припаѓа.

    Деловска И. (2020), Односот помеѓу педагогијата и религијата, Скопје.
    Јовковска А. (2018), Застапеноста на христијанското образование во европските земји, во Современото христијанско образование, состојби, предизвици и очекувања, Скопје.
    Каракамишева-Јовановска Т., Спасеновски А. (2018), Прирачник за правото на верските заедници и за слободата на вероисповед во Р. Македонија, КАС, Скопје.
    Ангеловска М. (2018), пристапно на: https://bigorski.org.mk/etika/sekularizmot-i-religioznoto-obrazovanie-vo-evropa/
    Ѓорѓевски Ѓ. (2018), пристапно на: https://bigorski.org.mk/etika/religioznata-edukacija-vo-evropskite-ucilishta/

https://bigorski.org.mk/vesti/soopshtenija/religijata-vo-obrazovanieto-sestra-efimija/

Друго:

Религијата во Образованието

Зошто е важно?

На 12. мај 2021 г. се одржа дискусијата Религијата во Образованието – Зошто е важно?. Оваа дискусија беше организирана во дигитален формат, преку Zoom платформата, од страна на фондацијата Конрад Аденауер во соработка со Асоцијацијата на професори по етика во религиите. Учество земаа триесетина учесници, професори по предметот Етика во религиите и беше добра можност да се слушнат нивните ставови околу придобивките од верското образование и статусот на самиот предмет во пресрет на најавените реформи во образованието.

Дискусијата започна со поздравните обраќања на официјалниот претставник на фондацијата Конрад Аденауер, г. Даниел Браун и деканот на Православниот Богословски Факултет “Св. Климент Охридски”, г. Ѓоко Ѓорѓевски и деканот на Факултетот за Исламски Науки, г. Шабан Сулејмани кои ја поздравија иницијативата за организација на ваков настан и уште еднаш ја истакнаа значајната улога на религијата во градењето на соживот  и толеранција во едно мултикултурно и мултирелигиско општество.

Веднаш по воведниот дел започна и панел дискусијата каде учество земаа еминентни предавачи од земјата, регионот и пошироко. Модератор на дискусијата беше г. Александар Спасеновски,  Правен Факултет “Јустинијан Први” кој на самиот почеток даде осврт кон прашањето на воведување верско образование од независноста на државата до денес. Подоцна свое обраќање даде др. Клаудио Кулман, Владин службеник за односи во Епископијата во Ерфурт, Тирингија кој зборуваше за тоа дека верското образование во Германија е регулирано со член 7 од Уставот на државата и дискусијата во јавноста не се води околу потребата од веронаука туку околу прашања од техничка природа како најпрактично да се спроведе истото во одредени случаи. г. Ведран Обучина, секретар на архиепископот во Ортодоксната Старокатоличка провинција Св. Кристофер, Хрватска, зборуваше за новиот тренд на пост-секуларизам во која се наоѓаат земјите при што се врши замаглување на фактичката граница помеѓу секуларното и верското а истакна дека верското образование е засновано на педагогија и истото не индоктринира, догматизира или едуцира верски фанатици туку отсуството на верското образование придонесува за појавата на такви случаи. сестра Ефимија од Асоцијацијата на професори по етика во религиите зборуваше за целта на основањето на асоцијацијата а воедно даде краток преглед на тоа како е организирано верското образование во Европа наспроти промените кои се случуваат во образовниот систем во државата и упати на потребата од дискусија помеѓу надлежните институции и засегнатите страни со цел да се надминат грижите. г. Хајдин Салиу, професор по Етика во религиите исто така ја искажа потребата од верско образование во училиштата како особен допринос кон градење на почит, соработка и дијалог со сите луѓе од различна вероисповест.

Она што следуваше на крајот беше делот предвиден за дискусија, каде беа поставени прашања од страна на учесниците до говорниците на панел дискусијата. Учесниците дадоа свое видување околу  тоа како религијата ги зајакнува достигнувањата во образованието а воедно ги истакнаа своите грижи околу најавената дигитализација на учебниците како дел од актуелните промени во образованието.

Source: https://preminportal.com.mk/nauka-kultura/nauka-i-religija/24158-religijata-vo-obrazovanieto-sestra-efimija-manastir-sveti-georgij-pobedonosec-rajchica

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
2 years ago

Ретроспектива (2005-2020): А. С. Бочаров, А. В. Чернишев: АКО ЗАМИНУВАШ - ЗАМИНУВАЈ

    АКО ЗАМИНУВАШ- ЗАМИНУВАЈ Да потрчиме во покајание!Преподобен Симеон Нов Богослов Суштината на прашањето Но ви велам: наследникот, додека е млад, со ништо не се разликува од робот, макар што е господар над сè; туку е под настојници и чувари до определениот рок од татка си. Галатјаните...

Image Description
3 years ago

Библијата

Библијата се нарекува запишано Слово Божјо. Ова не значи дека Библијата паднала од небото како готов производ. Ниту, пак, значи дека Бог ја диктирал Библијата збор по збор на луѓе што биле само Негови пасивни инструменти. Тоа значи дека Бог Се открил Самиот Себеси како вистински и жив Бог на Својот...

Image Description
2 years ago

Познат научник тврди дека Бог постои

https://www.youtube.com/watch?v=jremlZvNDuk Мичио Каку е теоретски физичар и еден од најпочитуваните научници на денешнината. Тој тврди дека нашол доказ за активноста на силата „што владее со сé.“Според него, оваа теорија би можела да го докаже постоењето на Бог. Изјавите ги разгориле дебатите околу...