Томина Недела

Example Super-Admin User · 4 hours ago

    7 minutes, 30 seconds


Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Браќа и сестри во Господа.

Денешната недела е посветена на светиот апостол Тома, поточно, во оваа недела се говори и нагласува Томиното неверие. Но и сите ние луѓето, често пронаоѓаме неверие и маловерност во нас. Затоа не смееме брзоплето да го осудиме светиот апостол Тома, кој го покажал својот сомнеж кон Христовото Воскресение. Никако не смееме да ги осудуваме и денеска луѓето, кои по своите човечки слабости можат да изразат сомнеж. Осудата кон другите не е добродетел па да ја имаме и ние во себе. Никако и не смееме да имаме ниту пак омраза во себе кон другите кои ја спорат нашата вера. Впрочем, ние треба да ја сведочиме мирно и цврсто својата вера, исполнети со голема љубов кон секого. Тој кој е заблуден, ние да го поучиме преку својот пример на љубовта кон него и кон секого. Така Бог го поучил апостолот Тома, но Бог постојано и нас нè поучува благо и кротко во нашиот живот.

Љубовта е нашето средство преку кое делуваме ние верниците во Воскреснатиот Богочовек Исус Христос. Нашето делување треба да е мирно и тивко, полно со сочувство и емпатија, чисто и искрено, пламено и топло, исто како што делува и чистата и безгранична љубов Божја.

„Дојде Исус, застана насреде и им рече: Мир вам!“ (Јован 20, 19).

Воскреснатиот Богочовек Исус Христос, се појавува помеѓу собраните апостоли и прво што им вели, ги поздравува со прекрасниот мирни поздрав. Тоа што Христос го има во Себе им го дарува и на апостолите. Им го дава Својот мир, им го дарува победниот мир. Победителот на смртта, на гревот и на ѓаволот, го има во Себе благодатниот и љубовен мир та го споделува со Своите ученици. Учениците биле во страв, поради Неговата смрт, плашејќи се и за своите животи. Биле во страв од Римјаните, та затоа тајно се собирале и се заклучувале.

Тој се покажува на Своите ученици со Своите видливи рани, сведочејќи им за Неговото вистинско тело кое било оштетено од раните кои му биле зададени. На овој начин Христос им покажува дека тој вистински страдал со Своето Тело, кое е и понатаму оштетено, но украсено со тие прекрасни рани, преку кои се спасени луѓето. Христос ги истакнува Своите спасителни рани, за да го посведочи вистинското страдање, но страдањето со смртта за вечна радост.

„А Исус пак им рече: Мир вам!“ (Јован 20, 21)

Повторно Христос Ги благословува со Својот мир. Тој Ги благословува по втор пат за да бидат духовно облагодатени во мир и спокој, да имаат мир затоа што наскоро ќе ја започнат својата тешка мисија на проповедање по светот.

Апостолот Тома не бил присутен тогаш кога се појавил Исус, та кога дошол Тома кај  другите, апостолите му раскажале. Тома во Евангелието е наречен Близнак. Светите отци велат дека така бил наречен поради неговата колеблива природа. Бил сомнежлив и малодушен, та рекол: „Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“ (Јован 20, 25).

Божјата љубов е голема, та сака и Тома да го увери и да му го покаже тоа што тој сакал да види за да биде сигурен во Воскреснатиот учител. И повторно, после осум дена, кога учениците беа сите собрани заедно со Тома, кога вратата била заклучена, Господ се појавил, застанал меѓу нив и рекол: „Мир вам! Потоа му рече на Тома: Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверник, туку верник! Одговори Тома и Му рече: Господ мој и Бог мој! Исус му рече: Ти поверува затоа што виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале“ (Јован 20, 26-27-28-29).

Господ со голема љубов го укорува апостолот Тома, како што и постојано ги укорувал сите нив и додека бил со нив. Додека пак Тома, откако се уверил го прославил Богочовекот Исус со големо одушевување. Господ пак вели дека верата мора да биде силна и непоколеблива, и кажува дека блажени се тие кои не виделе и поверувале. Сите ние кои веруваме во Богочовекот Исус Христос, без да сме Го виделе, ќе бидеме блажени по Неговите зборови, затоа што имаме непоколеблива и вера.

Тома сметал дека Воскресението е невозможно, дека логички е невозможно да стане мртовец после три дена. Светиот Теофилакт говори во своето толкување, дека апостолот верувал во Бога и во Синот Божји, но само сметал според својата човечка слабост, умствената ограниченост, поради опитната земска логика, дека чудото е невозможно. Но пак, преку апостолот Тома, ние денеска ја дознаваме вистината. Да не беше апостолот Тома кој бил укорен од Господ, ние немаше да имаме доказ пред противниците на верата наша, дека Христос страдал со Своето Тело и Воскреснал со Своето Тело. Па така, преку сомнежот на апостолот Тома, нам сега ни се открива вистината.

Христовиот пријател Лазар умира и Христос не Го спасува за да не умре, та Христос им вели на апостолите тогаш кога тие се шокирани дека умрел: „Лазар умре! Но се радувам заради вас што не бев таму, та да поверувате – туку, да отидеме кај него“ (Јован 11, 14-15).

Смртта на Лазар е за да се прослави Синот Божји. Та некои работи колку и да изгледаат во моментот не пријатно или пак не возможно, сепак тоа е така за нас луѓето во нелогичните и необјаснети чудни околности; но сепак е тоа така и поради Божјиот план и Откровението Божјо во светот. Бог се прославува тогаш кога човекот најмалку се надева, кога смета дека нешто е не логично и не реално. Но Бог се пројавува тогаш кога човекот во таа потполна нелогичност, го предава својот живот на Господа со потполна доверба и вера. Чудото се случува кога логиката не се согласува, разумот се спротивставува, но срцето со верата се предаваат на Божјата Волја и се надеваат.

Нашата вера е вистинска вера во вистинскиот Господ, во вечниот Бог Кој се роди во нашиот свет, постана човек исти како што сме и ние, и живееше со нас. Безграничниот и совршен Господ, нам ни се откри во светот, живеејќи со нас луѓето, страдајќи и умирајќи поради нашето спасение. Исус Воскресна славно, та на тој начин нè спаси сите нас кои веруваме во Него. Нашата вера треба да биде силна и со таа наша силна вера да имаме и силна доверба во Господ. Верата наша ја подразбира потполната доверба во Спасителот. Нашиот живот треба да е насочен кон Него, за да го здобиеме вечното спасение во вечната прекрасна убавина, во вечната радост. Довербата наша треба да биде чиста и без грешка.

Богочовекот Исус Христос ни ја дава Неговата прва заповед која се однесува токму на верата и довербата кон Творецот. Та Тој во Евангелието ни вели:„Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила, со сите свои помисли!“ (Лука 10, 27).

Никаков сомнеж не смее да биде спротивставен кон Творецот, затоа што сомнежот ја упропастува верата во Господа. Сомнежот го разединува единството. Сомнежот го разјадува ткивото. Сомнежот ја упропастува љубовта.

Сомнежот е голем проблем во човештвото. Постојано ја среќаваме оваа појава околу нас. Човештвото никако не може да се избори против оваа лоша мана, против оваа грешка која се појавува кај луѓето. Но дека таа може да се појави во помислата и не е тоа страшно, како некаков појавно – надворешен импулс, но доколку, таа помисла ја прифатиме како своја мерна единица, како свој критериум во личносниот однос, тогаш нашиот живот ќе се претвори едноставно во сомнеж. Постојано ќе се сомневаме во сè и во секого.

За жал, реално денеска оваа појава е генерално општо прифатена во меѓучовечкиот личносен однос, па и не е воопшто чудно зошто помеѓу нас е недовербата огромна, и зошто се случува зло во светот. Денеска во грев живееме, оддалечени сме од Господ, душата пати без Бог, та во таква безживотна агонија, стравот завладеал во нашите души. Својата несигурност, несовршеност, својот проблем го рефлектираме кон другиот и го осудуваме, манифестирајќи се себеси како грешни битија. Поради сопствениот грев и страв, во другиот се гледаме себеси, та го мразиме без причина, негирајќи го. Секој е против секого, поради личниот сомнеж кон секого, и во сè.

Многу е тешко кога ќе се појави сомнежот кон другиот без причина, кога сомнежот постанува основна мерка кон сè околу нас, па тоа постанува општо негирање кон сè околу себе, истакнувајќи ја единствено својата лична совршеност. Но, за да имаме искрена доверба и почитување кон другиот, треба да ја исполниме најголемата добродетел а тоа е љубовта, та тогаш сомнежот исчезнува. Како можеме да бидеме благи и добри кон другиот, доколку се сомневаме во него? Доколку не веруваме и се сомневаме, како тогаш можеме воопшто да веруваме и да љубиме?

Психологијата го согледува проблемот на сомнежот поврзувајќи го со стравот во психата на човекот. За православната вера, стравот е демонска енергија која нè отуѓува од Бога и од луѓето. Во стравот е малодушноста. Науката исто така го користи сомнежот за да може и понатаму да постои, за да истражува. Науката експлицитно Го негира Господа и посакува да го докаже животот како случајна возможност. Но науката исто така ги користи своите опитни, вековни искуства, теориски и практично да пронајде свој животен извор далеку од Бог, постојано сомневајќи се во Божјата вистина и намера. Додека философијата го користела сомнежот, како мерка за филтрација на сè она што го осознава човекот, сето она што го согледува и поима во себе, та преку филтрирањето на информациите и теориите кои се појавуваат, да го објасни феноменот на општиот живот. Па така сомнежот, философијата го користела за методолошко средство со кое ги форматирала своите ставови и перцепции.

Сомнежот пак на поединците, за светите отци бил потстрек за да ја формираат теологијата, трудејќи се да ја објаснат верата преку богословствувањето, сведочејќи ја правата вера, апологетски толкувајќи ги нелогичните работи на верата.

Сомнежот не мора да се согледува како одречно негирање кое одбива да ја прифати вистината, сепак во овој контекст, сомнежот може да се случи како појава на вчудоневидување и радосно изненадување од неочекуваното не логично чудо. Логиката кај човекот е втемелена во неговата свест која го обликува неговиот секојдневен живот, преку опитното искуство на целокупниот живот.

Браќа и сестри, по молитвите на светиот апостол Тома, да не бидеме сомнежливи и да бидеме храбри и одлучни во верата. Секако дека на нас луѓето во нашата колеблива природа потребна ни е духовната поддршка од светителите и од Господ. Да се трудиме и да се љубиме помеѓу себе, за да ја покажеме нашата вистинска вера, која вистински љуби.

По молитвите на светите луѓе, Господ да нè благослови. Амин.

Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/tomina-nedela/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
3 months ago

Живот: чудесна книга пишувана секој ден...

 Живот: чудесна книга пишувана секој ден...Не можеме да се сетиме на првиот ден од нашиот живот.Колку и да се трудиме, првите страници од нашата книга ни се затворени.Нив ги напишаа други: Од нашите родители, од околината која не пречека, од моментите кои никогаш не можевме да ги запишеме во нашето...

Image Description
3 months ago

Сакаме Царство Небесно без мака, болка и труд

  Сакаме Царство Небесно без мака, болка и трудНие ги обожаваме иконите на светителите, но веројатно тоа го правиме формално. Меѓутоа, во моментот на поклонување, ние во суштина мораме да го прифатиме не само Светото лице, туку и светиот живот што тој го одеше на земјата со цел Рајот. Така, се труда...

Image Description
9 months ago

Недела 4. по Педесетница

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски Човекот себеси се смета за слободно битие. Човекот со својата перцепција во животот, смета дека е слободен, доколку се остварува самостојно во својот избор. И навистина е така. Но отсекогаш слободата на човекот е дискутабилна. Впрочем, така едно...