Слово на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан изречено на 40-дневниот Парастос на Митрополит Тимотеј, над неговиот гроб на Плаошник, на 3 јануари 2025 година.
Блажени се оние коишто умираат во Господа!… Нека се одморат од трудот свој, оти делата нивни ги следат![1], запишал свети Јован Богослов во Откровението. Навистина, блажени се оние коишто се упокојуваат во Господа, зашто се здобиваат со вечен живот и се стекнуваат со она кон коешто се стремеле преку сиот свој живот. Блажени се зашто нивната вера ги довела пред Господа, зашто нивната љубов кон Бога, со која биле исполнети живеејќи на земјата, им донесува неопислива убавина, зашто нивната надеж се исполнила, а секоја исполнета надеж донесува бескрајна радост. Блажени се оние коишто се упокојуваат во Господа, зашто делата на нивната вера, на нивната љубов и на нивната надеж застануваат пред Господа!
Блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј сиот свој живот се стремеше да Му служи на Бога, знаејќи, како што поучува апостолот, дека е потребно усрдно да се грижиме за да Му бидеме угодни, било кога живееме во телото, било кога го напуштаме, зашто сите треба да се јавиме пред Христовиот суд[2].
Па, целокупниот животен пат на блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј беше исполнување на Христовите зборови упатени до светиот апостол Петар: и при првата средба со апостолот, крај Галилејското езеро, на почетокот од Своето спасоносно делување, и при последната средба со Него, тогаш веќе воскреснатиот Господ му се обраќа на свети Петра со истите зборови – Врви по Мене[3]. И како што свети Петар ги беше разбрал тие неверојатни зборови и ги беше исполнувал до крајот на својот живот, така и Дедо Тимотеј од најрана возраст го слушнал Христовиот глас и тргнал по Него.
А повикот – Врви по Мене, Митрополитот Тимотеј најнапред, уште како 15 годишно дете, го довел да биде ученик во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“; истиот повик го однел на Православниот богословски факултет во Белград, а потоа и на последипломските студии во Рим.
Тој ист повик: Врви по Мене, потоа ќе го води младиот теолог и на местото ректор на Богословијата и предавач на новоотворениот Богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, за, конечно, во есента 1981 година, кога наближил до својата триесетта година, возраста којашто ја имал и Христос, кога ја започнал својата тригодишна проповедничка домостроителна служба, да биде потстрижен за монах и да го исполни до самиот крај, односно да се откаже од себеси, за потполно да се облече во Христа и да се замонаши и, набрзо потоа, од страна на Светиот архијерејски синод на нашата Света Црква, тогаш предводен од блаженоупокоениот возобновител – Архиепископот Доситеј, да биде избран за Архијереј!
Возљубени во Господа, пред четириесет дена заврши овоземното следење на Дедо Тимотеј на тој Христов повик, и еве, денес, тој повторно нѐ собра за уште еднаш, молејќи се за неговата душа, да го посведочиме неговото одење по Господа. Дојдовме да се помолиме за него, но и да му заблагодариме за сѐ што направи како Архијереј за Македонската Православна Црква. Го помоливме милостивиот Бог, Кому тој Му се посвети, неуморно и ревносно следејќи Го во сиот свој живот, да го награди за неговиот труд на нивата Господова! Зашто, сведоци сме сите, Митрополитот Тимотеј со сиот свој живот и со сите свои дела посведочи дека живееше за Господа и се упокои во Господа!
А Бог го беше дарувал со многу дарби: и со дарба на знаење и со дарба за организирање и со дарба на неимарство, со дарба и на слово и на дело. Израз на неговите многуразлични дарби беше неговото служење: непоколебливо, благоугодно, со почит и во страв Божји, како што истакнува светиот апостол Павле[4]. Тој Му служеше на Бога неуморно, упатувајќи од амвонот пораки и поуки за секој празник, или објаснувања на воскресните евангелија. Дарба од Бога му беше желбата почесто да богослужи или молитвено да присуствува на светите богослужби, со што, како псалмопејачот, да порачуваше: влегувајте во Божјите порти со славословие, а во Неговите дворови со песна[5].
Тој со особена радост и грижа се подготвуваше да го проповеда Светото Евангелие, по примерот на апостолот, богослужејќи преку молитвата се вдахновуваше и себеси и другите[6]. Резултат на тоа се бројните книги со неговите објавени слова што ни ги остави како негов вреден прилог во нашето скромно црковно проповедништво. А пак неговата неимарска, неговата дарба и грижа за сакралните објекти во Дебарско-кичевската епархија се пример на кој треба да се угледаме сите! Навистина, тој раководеше со духовно и сакрално најбогатата наша епархија – и по бројноста на храмовите и манастирите и по нивната вредност. Под негова јурисдикција беа и овој возобновен Светиклиментов манастир на Плаошник, и Светинаумовиот манастир, и Света Софија и Перивлепта, и Бигорски и Пречиста, и базилики со древни мозаици, и храмови и манастири со вонредно вредни фрески и икони… И голема е заслугата на Митрополитот Тимотеј за нивното преображение од состојбата во којашто тие беа, во состојбата во којашто тој ги остави! Во сиот свој архијерејски живот тој беше неуморен во обновата и заштитата на древните и во градењето на нови храмови и манастири. Со сѐ што направи и ѝ остави на нашата Света Црква, тој си обезбеди заслужно место во нашата црковна и национална историја.
По годините не поживеа долго, но по делата, за тие години – направи многу! И навистина, не е важно колку живееме, туку, поважно е, како живееме, односно какви дела оставаме по нас. А блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј направи бројни дела по кои ќе остане во сеќавањето и на ова и на идните македонски поколенија. И, што е најважно, во Господа заслужи вечен спомен, заслужи вечнују памјат, заслужи вечно да се споменува, заслужи вечен живот во Царството небесно!
Дедо Тимотеје, ти наш возљубен собрате и сослужителу, ти благодариме за сѐ што направи за богомдоверените ти епархии и народ и за сета наша Света Македонска Црква.
Нека ти е вечен споменот и моли Го Бога за нас! Амин!
† Стефан,
Архиепископ Охридски и Македонски
[1] Сп. Откр 14, 13.
[2] Сп. 2 Кор 5, 9.
[3] Јн 21, 19 и Сп. Мт 4, 20.
[4] Сп. Евр 12, 27-28.
[5] Сп. Пс 99, 4.
[6] Сп. Дела 20, 24.
Извор: https://www.dke.org.mk/index.php/3713-40-4
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/veren-i-neumoren-sledbenik-na-hrista/