На 19 / 6 јануари 2025 година, денот кога Црквата го прославува празникот на Крштението Господово, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто началствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Администратор Дебарско-кичевски и Австралиско-сиднејски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан, кој на собраниот верен народ му се обрати со следната беседа.
Да ја чуваме спасоносната облека[1]
Денес, на Богојавление, или, како што уште се именува денешниов торжествен празник – Водици, Светата Црква прославува голем настан од животот на Синот Божји – Господ Исус Христос: празнуваме во спомен на Неговото крштевање во реката Јордан, чин којшто врз Него го извршил великиот Претеча Христов, свети Јован Крстител.
А празнувањето на Богојавление, всушност е продолжување на радоста што ја доживуваме чествувајќи го Божик – Рождеството на Бога во тело, зашто тие два празника – Божик и Богојавление, на коишто некои отци им го даваат заедничкото име: Зимна Пасха, се настани коишто во себе ја носат вистината за доаѓањето на Синот Божји на земјата и вистината за троичното објавување на Бога. Првиот настан е почеток на полнотата на времето[2], а денешниот, опишан или спомнат во сите четири Евангелија[3], го најавува почетокот на јавната мисија на воплотениот Син Божји.
И, веројатно, не само меѓу Христовите современици, туку и некои меѓу нас се прашуваат: дали Христос имал потреба да биде крстен? Знаејќи ја смислата на Светата Тајна Крштение, одговорот е: Господ Исус Христос, се разбира, немал лична потреба да се крсти, туку тоа го сторил за нас! Тој влегол во водната темнина, за нас да нѐ направи синови на светлината; се спуштил во реката за нас да нѐ издигне кон небесата; се крстил за да го соблече од нас стариот човек и за да нѐ облече во чиста, нетлена и спасоносна облека.
Со Христа, Кој сѐ прави ново[4], започнува нов живот и преку Него постануваме ново создание[5]. Така, со Неговото влегување во реката Јордан, водата добила нова смисла и станува симбол на обновен живот во заедница со Бога. Како што оние, во времето на Ноевиот потоп, кои, по Божја промисла не влегоа во водата, беа поштедени од водената стихија – беа спасени, така, пак, преку крштевањето, преку влегувањето во вода, во името на Светата Троица, се спасуваме од потопот на гревот.
А Господ Исус Христос, при моментот на крштевањето покажал голема смиреност и крајна понизност, со цел да нѐ упати кон изворот на спасението и да ни ја покаже вратата низ која се влегува во вечната радост и убавина.
Во исто време, во моментот на крштевањето, Спасителот на светот бил посведочен како Син Божји, со глас од небесата: Ти си Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја[6]. При тој настан е потврдена основната вистина на христијанската вера во Бога во три Лица – во три Ипостаси – потврдено е нашето верување во еднотроичниот Бог, односно верувањето во еден Бог во три Лица: Синот се крштева, Светиот Дух слегува врз Него, а Бог Отецот сведочи.
На тој настан, при крштевањето во реката Јордан, Господ Исус Христос бил потврден како Богочовек, како Син Божји, и на светот уште еднаш Му бил најавен како Спасител, Кој долго време бил очекуван да дојде за да го спаси грешниот човек. Така, Тој, со Своето крштение ни покажал кој е патот и начинот за да постанеме Негови. А откако го завршил Своето искупително дело, пред вознесението, на Своите ученици и следбеници им заповедал да одат и да ги крштеваат сите народи во името на Светата Троица[7], зашто, како што Самиот вели, само Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен[8].
А сите ние, коишто сме крстени, должни сме во себе да Го носиме Христа, и постојано во срците и душите свои да останеме облечени во светлите Христови одежди. Затоа секогаш, но особено денес, на Богојавление, треба да размислуваме за тоа каква е нашата духовна облека, каква е нејзината чистота, каква ни е чистотата на срцето и каква е содржината на нашите дела, и да размислуваме со колку чисти души и мирна совест стоиме пред отворените небеса, од каде доаѓа гласот што води кон вечната вистина.
Исто така, треба да знаеме дека светото Христово крштение, светлите Христови облеки не се надворешен, туку се внатрешен украс. И секој што го примил Христовото име за свое, секој што се крстил – тој треба да се преобрази, да стане нов човек. Затоа, секој од нас е должен да внимава на сопствената морална чистота, и со добри дела да се потврдува дека е достоен член на Светата Црква, трудејќи се својот живот да го украсува со добродетели втемелени врз евангелските пораки.
Како христијани, пак, како членови на Светата Црква Христова, имаме и уште едно задолжение: имено, должни сме оние коишто сѐ уште не ја разбрале целта на доаѓањето на Бога во тело – доаѓањето на Бога како Богочовек на земјата, да ги упатуваме кон Јордан, кон Христовото крштение, односно да ги упатуваме во тајните на верата Христова. Тоа особено треба да го правиме со младите поколенија, и со оние коишто воопшто не си ја познаваат, или сосема оскудно ја познаваат својата прадедовска православна вера. Како родители ќе сносиме непростлив грев доколку не се погрижиме нашите деца и внучиња да ги упатиме во верата, да ги „облечеме“ во Христа, за и тие да ја почувствуваат богојавленската јорданска радост. Крштевањето на децата, а особено воспитувањето во верата на поколенијата што доаѓаат, ќе биде потврда и на нашето живеење и познавање на верата. Тоа ќе биде радост и за сите копишто живееле со крстот и за крстот, и коишто биле подготвени сѐ да претрпат заради Христа.
Затоа, да се погрижиме да бидеме достојни носители на Христовото име, на името христијани, и да ја чуваме чиста облеката што сме ја примиле во моментот на светото крштение, покажувајќи, како што вели нашиот свети Климент Охридски, дека и по делата, а не само по името да сме христијани[9].
Господ Исус Христос, Кој на денешен ден влегол во водите на реката Јордан, за да ги измие нашите гревови, постојано нека ни дава сили, за да останеме цврсти и непоколебливи во евангелската вистина! Нека нѐ поткрепува достојно да го носиме Неговото име во сите денови од нашиот живот и непрестајно да го слушаме Неговиот повик, па, како што вели во една своја проповед за денешниов празник блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј, на тој повик „да одговориме со чисто срце и душа и да го следиме патот што Тој ни го осветли, со Неговото Свето Евангелие, та, одејќи по Него, да се здобиеме со вечен и блажен живот“[10]!
Па, така нека биде – постојано, сега и секогаш и во вечни векови!
Честит и вечен нека ни е празникот, а Светата Литургија нека ни е на здравје и спасение! Амин!
† СТЕФАН,
Архиепископ Охридски и Македонски
[1] Слово на Богојавление, во храмот „Успение на Пресв. Богородица“ – Каменско, на 19.1.2025.
[2] Сп. Гал 4, 4.
[3] Сп. Мт 1, 18-21; Мк 1, 7-8; Лк 2, 7-14; Јн 1, 14.
[4] Сп. Откр. 21, 5.
[5] 2 Кор 5, 17.
[6] Мк 1, 11.
[7] Сп. Мт 28, 19-20.
[8] Мк 16, 16.
[9] Види во: Св. Климент Охридски, Слова, поуки, житија, САС на МПЦ – ОА, Скопје 2012, 306.
[10] Митрополит Тимотеј, Охридски источник, беседи, том Х, 28.
Извор: https://www.dke.org.mk/index.php/3716-vodici-25
Source: https://liturgija.mk/aktuelno/mpc/beseda-na-bogojavlenie/