Богојавление – Водици

Example Super-Admin User · 1 month ago

    8 minutes, 28 seconds


Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Денеска Бог се обзнанува, се открива и се пројавува. Бог се јавува во светот со Своите Три Лица. Денеска се открива Света Троица. Исус Христос се крштева во Јорданската река, од раката на пророкот Јован, неговиот роднина, синот на пророкот Захарија и Светата Елисавета.

„И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата и Го виде Духот Божји како слегува како гулаб и доаѓа на Него“ (Мт. 3, 16)

„И ете, глас од небесата говореше: Овој е мојот возљубен Син, во Кого е Мојата Волја“ (Мт. 3, 17).

Овие два стиха во Светото Евангелије говорат за Откровението Божјо. Она што беше тајно и сокриено во Стариот Завет, денеска се открива и објавува во Новиот Завет. Бог е со нас, помеѓу нас, живее како еден од нас.

„Како што е напишано кај пророците: Еве, Јас го испраќам пред лицето Твое Мојот ангел, кој ќе го подготви Твојот пат пред Тебе: Гласот на оној, што вика во пустината: подгответе го патот на Господа, израмнете ги патеките Негови.” (Мк. 1, 2-3).

Во тоа време, пред самото Исусово крштевање, се појави човекот по име Јован, кој беше ангел по начинот на својот живот. Тој беше пратен од Бога меѓу луѓето за да говори, укори и подучи. Тој му проповедаше на народот кој живееше во темнината на гревот и во непознание. Блажениот Јован беше син на пророкот Захарија и на светата Елисавета, роднина на Пресветата Богородица, од Давидовото племе. Тој Јован, живееше во пустината како ангел. Аскет, подвижник, анахорит, кој го возљуби Бога и го предаде својот живот на Творецот, служејќи му од длабочината на неговата душа. Тој се хранеше со некој диви растенија и со мед, но и со небеска храна, со ангелската храна која му ја донесуваа ангелите Божји.

Јован беше јак и силен во Духот, затоа што се исполнил со благодатта на Светиот Дух уште во утробата на својата мајка Елисавета, во оној момент кога кај нејзе дошла на гости Пресветата Владичица Богородица. Тогаш детенцето Јован заигра во утробата на мајка си, кога дошла на гости мајката на самиот Бог. Всушност, Самиот Божји син, носен во утробата на својата мајка Дева Марија, дојде кај својот братучед и слуга. Јован Му е братучед по тело, слуга Божји во послушанието и син по Духот Божји.

Тој Јован викаше од пустината, говореше и им проповедаше на луѓето дека дојде часот на земјата, дека сега веќе се исполнува пророштвото кое кажува дека сè е остварено за да се појави Месијата. Јован говореше во Божјо име, и затоа имаше во себе сила Божја за да проповеда. Блажениот ангелоподобен Јован покрај проповедањето, ги погрузувал луѓето во реката Јордан, и им проповедал за вистинското духовно очистување, говорејќи им, дека еве доаѓа и настапува Царството Божјо. Но кога го прашувале луѓето каде е Царството Божјо, тој им говорел дека е во нив, дека треба да Го препознаат Бога во себе. Велел, дека треба да се очистат од гревовниот живот, од лошите искривени верувања, и преку покајание, осветувајќи се со Светиот Дух, да го вкусат Рајот.

Денеска, исто како и некогаш, луѓето ја помешале вистинската вера со суеверие, паганство и сатанизам. Луѓето често не можат да Го согледаат Господа, поради својата валкана совест. Совеста е потрупана со гревови, со злобата, со изопачено поимање во животот, и тогаш човекот го согледува животот потполно искривено и погрешно. Кога човекот Го нема во себе Бога како мерило на вистината и добротата, тогаш човекот неприродно и автоматски ќе се доближи до лошото и искривеното. Доколку изворот на добротата не биде моралниот принцип во нашата душа, тогаш оддалечувајќи се од изворот на доброто ние ќе постанеме лоши. Затоа што автоматски спротивно од доброто е лошото. Колку повеќе грешиме и не се каеме, ние се оддалечуваме од доброто кон спротивноста на доброто.

Еден е совршениот, вистински и вечен принцип, тоа е Бог, Тој е Принципот и мерилото на моралноста. А овој свет морал треба да биде нашиот вредносен душевен систем преку кого ќе го согледуваме светот. Тој е примерот по Кој треба да постанеме богоподобни луѓе. Но за да бидеме добри луѓе, треба да се спознаеме и да сфатиме што значи да се биде човек од теолошки аспект. Човек не значи само да се биде жива индивидуа која постои во светот во својата самотија и самодоволност. Човекот е разумно битие кое има контакт, комуникација, и однос со целата природа. Тој е дел на создадената природа и тој е разумен претставник на таа создадена природа. Другите созданија немаат разум. Единствено човекот е личност, а личноста подразбира љубовен, чист, искрен однос со целокупната творба, но најнапред, со другите луѓе.

Човекот е создаден за да живее во Рајот, во прегратката Божја, во љубовта со сета твар. Тоа е целта на човекот. Човекот е човек кога е богодоличен, кога е икона Божја. Преку Бога, со Бога ние ја поимаме вистината за нашата суштина, само така перципираме кои сме ние. Доколку не бидеме во заедницата со Бога, тогаш ќе ја изгубиме благодатта да бидеме икони Божји, ќе ја извалкаме иконата Божја во себе и ќе се обезличиме. Ќе постанеме грозни, самодоволни, егоисти, кои ќе наследат вечна мака.

За да прогледа човекот, за да ја поими суштината на својот живот, на него треба да му се отворени духовните очи. Духовните очи пак подразбираат чист ум. Кога човекот ќе ја има Божјата светлина во себе, тогаш умот ќе му биде бистар и тој ќе го живее животот благословено. Чистиот освештан ум, ќе живее добро и богоподобно со својата бистрина која ја стекнува преку благодатта Божја. Затоа и светиот Јован им говори на фарисеите, книжниците, садукеите и на сите други луѓе, да се покајат, да продрат во своите души анализирајќи се, да ја исчистат скрамата од очите свои, да ја измијат совеста да биде чиста, за да бидат достојни луѓе, да бидат добри луѓе. Не да продолжат да бидат лицемерни и лукави кои ги осудуваат другите, а во себе не ги согледуваат своите гревови. Исто така, да не го толкуваат Законот Мојсеев строго без милост и без љубов. Псалмопеачот и пророк Давид пишува во својот псалм дека Господ сака чисто срце, скрушено (Пс. 50) и унижено. Господ цени, кога сме скрушени и смирени, исполнети со љубов и милост.

Јован вели: „Јас ве крштевам со вода за покајание, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Тој ќе ве крсти со Дух Свети и со оган” (Мт. 3, 11). Во тоа време, народот помислил дека Месијата е Јован, но блажениот Јован објаснува дека тој е само гласот кој вика од пустината и кој го средува патот за Оној кој доаѓа по него, дека пак Месијата ќе дојде за да ги освети со Светиот Дух и со оган.

Благодатта е огнена енергија преку која се создава светот, таа енергија е животворна и таа енергија не е вештествена, или овоземна енергија, или пак космичка енергија, затоа што секоја енергија во космосот е материјална и создадена е. Туку оваа енергија е нематеријална, вечна, нетварна, не космичка, трансцедентна, таа е вечна сила Божја.

Кога Христос доаѓа на реката Јордан за да биде крстен, пророкот Јован вели: “Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот врз себе!”(Јн. 1, 29). Христос се открива јавно за прв пат, но исполнувајќи ги постапно сите пророштва на Стариот Завет. Јован Го крштава, додека пак Бог Отецот тогаш проговара од небесата, а Светиот Дух во вид на гулаб се симнува над Него. Света Троица се открива, Бог ни се откри, Бог се јави!

Исус Христос доаѓа кај Јован не за да биде крстен и очистен од гревовите, туку затоа што Исус сака да биде објавен. Исус нема грев во Себе, па да биде очистен, но потребно е да ги испочитува пророштвата и исто така, треба Јован да го објави како пророк и Божји гласник. Јован пак бил многу почитуван подвижник, оној кој го почитувал Мојсеевиот Закон. Затоа Христос оди кај Јована за да биде посведочен. Јован е тој кој го сведочи Христа и го објавува пред луѓето. Господ се смирува пред својот предвесник, се унижува за да биде подоцна воздигнат. Целиот живот на Исуса Христа е соединет во самоунижувањето и воздигнувањето, а тоа впрочем најмногу се согледува во Неговата крстовоскресна жртва за прославување и победа над ѓаволот, гревот и смртта.

Откако Христос бива крстен, Небесата се отвораат и славата Божја се објавува. До тогаш Небесата се затворени за човечкиот род; за грешниците кој отпаднаа од Рајот. Но сега веќе со чинот на смирението кое што го покажува Христос, Рајот се отвора повторно и за сите други луѓе кои ќе го добијат во Христа и преку Исуса Христа. Гулабот, пак, слетува на Него и така се исполнува пророштвото. Духот Божји слегол на Исуса но не за да Го освети Оној во Кого Он веќе пребива, туку како обзнание дека со крштевањето слегува и Светиот Дух над крстениот. Света Троица се открива на чудесен начин, во Своите Три лица преку својството на делување на Трите лица. Еден Бог, во Едната Божја Суштина, во Трите ипостаси, во различните личносни својства, кои се остваруваат преку различните личносни сили на делувањето, во Божјата Волја, во заедничкиот сооднос во љубовта.

Светиот Јован Го сведочи Христа како Јагне Божјо, впрочем како кроток човек Кој свесно ќе се жртвува за спасение на сите. Пророкот пак Исаија Го објавува Јагнето Божјо (Ис, 53, 7) кое бива водено на колење, но истакнувајќи ја во есхатолошкиот карактер Исусовата Личност. Светиот Јован, пак, го нагласува ова пророштво од Исаија за да Го открие Тоа пророкувано Јагне. Јагнето ги остварува етапно сите пророштва и сите закони, за да не ги прекрши, за да биде исполнет целиот Закон од Стариот Завет. Но Христос веднаш после тоа, го остварува Новиот Завет, темелејќи го новиот Закон на Љубовта. Христос постојано лично ја сведочи љубовта преку Своето делување, и ги дава Новозаветните Свои Заповеди кое се темелат на љубовта. Новиот Завет е втемелен во Законот на Љубовта.

Отсекогаш на луѓето им е најтешко да ја исполнуваат љубовта. Вистинската љубов е безгранична. Таа крвари, таа боли, љубовта страда, но не престанува, не се смалува, не се откажува. Љубовта е вечна безвременска категорија кога е навистина вистинска. Денеска пак во светот се говори за некакво взаемно почитување во системските вредности на општествата, се дебатира за љубовта, како некакво почитување помеѓу себе. Но таа доблест на взаемно почитување, не е нужно поврзана со Божјата љубов, туку тоа почитување е некаква законска регулатива на соживот и општ меѓусебен сооднос во општествата. Денеска најчесто пак, љубовта е заменета со поимањето на страста, а тоа значи дека таа „љубов“ не е темелно поврзана со Божјата бестрасна вистинска љубов; впрочем оваа љубов е всушност страст која го подразбира единствено само биолошкото, телесното уживање. Затоа денеска она што најмногу ни фали во светот е вистинската без интересна љубов, која единствено се пронаоѓа во Бог.

Без чиста љубов, таква каква што ја сведочи Господ, ние ќе се обезличиме, природата ќе се обезличи. Природата ќе се извитопери. Па навистина не е ни чудно што се повеќе се случуваат разни природни катастрофи и појави. Природата се изопачила во отсуство на љубовта. Човекот ја изопачил не само својата природа, туку целокупната природа е една и иста природа со самиот човек. Затоа кога еден човек е расипан, тоа го чувствува и целото ткиво. Доколку пак, многу луѓе се расипани и изопачени, тогаш природата страда во себе уште повеќе. На тој начин природата се обезличува, се претвора во деструктивна природа која умира. Самата себе се уништува.

Драги браќа и сестри, луѓе и народи, да се освестиме, да се отрезниме, да Го бараме Христа во себе, да се каеме за својот грешен живот, да Го молиме Јагнето Божјо за да ни помогне да ја осознаеме својата грешност, та преку личното покајание да го видиме небото отворено и за нас. Но и да го чуеме прекрасниот и умилен глас Божји како говори. Да се покаеме за да го согледаме Царството Божјо во нас самите, како што говореше светиот Јован крстител, на самиот почеток кога дојде од пустината за да проповеда во народот.

Бог се јави! Навистина се јави!

Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/bogojavlenie-vodici/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
2 days ago

Како да им помогнеме на покојните?

Димитриј Панагопулос, свештенопроповедник Од 1000 луѓе кои плачат за смртта на некој нивни сакан човек, ниту еден не плаче поради гревовите на покојниот, туку плаче затоа што останува без него. Немаме такви солзи, кои ќе бидат од полза за душата на покојниот. Не сме го сфатиле правилно овој проблем,...

Image Description
2 months ago

Ако демоните се појавуваат како Ангели и зборуваат како што би зборувале Ангелите, тогаш како може некој да препознае што е вистина?

 Ако демоните се појавуваат како Ангели и зборуваат како што би зборувале Ангелите, тогаш како може некој да препознае што е вистина? Тоа е многу добро прашање. Мора да се понизите, мора да бидете во состојба во која ќе ја посакувате вистината Божја, а не да барате „искуства“. Секако, би рекол да с...

Image Description
6 months ago

Заедничката помош на Свети Серафим Саровски и Свети Гаврил Грузијски

   Заедничката помош на Свети Серафим Саровски и Свети Гаврил Грузијски Божјата слугинка Софија сведочи:„Мојот сопруг и јас се скаравме откако ми забрани да продолжам да одам кај различни лекари и исцелители за да останам бремена. На мое големо жалење, му кажав навредливи зборови на мојот сопруг - м...