Дали е возможно Велигден да се прославува заедно со неправославните?

Example Super-Admin User · 7 months ago

    5 minutes, 18 seconds


Светите отци од Првиот вселенски собор, Византиска минијатура

Сега, во периодот кога се прославува еврејската Пасха, добиваме повод да се навратиме на дискусијата за заедничката прослава на христијанската Пасха, заедно со иноверните христијани.

Имено, Неговата Светост Цариградскиот Патријарх Вартоломеј, отвори простор за дискусија и коментари кога при прославата на празникот на  Христовото Воскресение – Пасха, според грегоријанскиот календар, што оваа година беше на 31 март, изјави дека: „Му се молиме на Господа на славата, да нѐ удостои, заедничкото празнување [со неправославните] на Велигден што ќе го имаме следната [2025] година, да не биде само обично совпаѓање, туку да биде почеток на востановување на заеднички датум за негово празнување, секоја година, и кај источното и кај западното христијанство, во очи на јубилејното навршување на 1700 години од свикувањето на Првиот вселенски собор во Никеја.“

На спомнатиот Прв вселенски собор, во 325 година, во Никеја, било утврдено дека се забранува прослава на Воскресението Христово во ист ден кога се празнува еврејската Пасха, или пред еврејската Пасха. До Соборот веќе била воспоставена праксата Велигден да се празнува во недела – денот на Воскресението Христово, па до денес го славиме Велигден не на фиксен датум, туку секогаш во недела, после полната месечина по пролетната рамноденица. Полната месечина е поврзана со одредбата за еврејската Пасха: еврејската Пасха се празнува на 14-от ден од месецот нисан, а бидејќи во еврејскиот календар месеците доследно ги следат месечевите мени, 14-от ден од месецот нисан секогаш има полна месечина.

Сведоштво за оваа одлука на Првиот вселенски собор имаме во одлуката од Антиохијскиот собор, во 341 година, чие прво правило гласи:

„Сите оние кои ќе се дрзнат да го нарушат определеното од Светиот и велик Собор во Никеја, одржан во присуство на најпобожниот и најбогољубивиот цар Константин, во врска со светиот празник на спасоносната Пасха, да бидат одлачени од општење, а ако продолжат уште поупорно да им се спротивставуваат на добрите одредби тогаш да бидат отфрлени од Црквата. Ова нека важи за мирјаните.

А ако некој од претстоителите на Црквата – епископ, или презвитер, или ѓакон – после оваа одредба се дрзне да се одвои од другите и да ја прослави Пасхата заедно со Евреите, што ги заведува луѓето и ја смутува Црквата, на таквиот Светиот собор го осудува оттогаш да ѝ биде туѓ на Црквата како виновен не само за сопствен грев, но и за расипувањето и развраќањето на многумина. И Соборот ги исклучува од служба не само таквите, туку и оние кои ќе се дрзнат да општат со нив по нивното одлачување. Одлачените се лишени и од надворешната чест што ја ужива светото звање и Божјото свештенство.“

И во апостолските правила наоѓаме одредби за празнувањето на Велигден; седмото апостолско правило гласи:

„Ако некој епископ, презвитер или ѓакон го празнува светиот ден Пасха пред пролетната рамноденица, заедно со Евреите, да биде расчинет.“

Толкувајќи го ова правило, византискиот теолог од  XII век, Јован Зонара вели:

„Некои луѓе сметаат дека пролетната рамноденица е на 25 март, додека други сметаат дека е на 25 април. Но, мислам дека правилото не го вели ниту едното ниту другото. Бидејќи, често Велигден се празнува пред 25 април, а се случува да се празнува и пред 25 март, така што – доколку вака ја разбереме пролетната рамноденица – ќе се случи Пасхата да не се празнува согласно со ова правило. Значи, се чини дека многупочитуваните апостоли нешто друго нарекуваат пролетна рамноденица. А целата заповед на ова правило е следнава: Христијаните да не ја слават Пасхата заедно со Евреите, односно не во ист ден со нив; зашто нивниот непразничен празник треба да претходи, а потоа да се прослави нашата Пасха. Свештеникот кој не го прави ова треба да биде одлачен.“

Тековнава 2024 година, Пасхата според новиот календар беше на 31 март, додека еврејската Пасха се празнува од 22 до 30 април, што значи дека, оние кои Велигден го прославиле на 31 март годинава – а тоа се, пред сè, Римокатоличката црква, Протестантските цркви и Финската православна црква – го прекршиле правилото од Првиот вселенски собор, и се подложни на осудата спомната во горните правила.

Оттука следува дека, за да го постигнеме она за што се залага Цариградскиот Патријарх Вартоломеј – заедничка прослава на Воскресението Христово со неправославните христијани – ќе треба или православните христијани да го променат својот начин на пресметка на датумот за Велигден, прифаќајќи го грегоријанското сметање на Пасхалијата, и со тоа да ги нарушат каноните и правилата на Православната црква, востановени уште на Првиот вселенски собор, или  неправославните христијани, кои се повеќе на број од православните, да го прифатат православното пресметување на датумот за Велигден, нешто што се чини дека е од онаа страна на работ на возможното, имајќи предвид колку различни верски заедници постојат помеѓу неправославните. Дури и да претпоставиме дека римокатоличката црква е подготвена да направи промена и да прифати да ја прославува Пасхата според православното сметање – повторно не го добиваме она за што се залага Патријархот Вартоломеј, односно останува многу голем дел христијани со кои нема заедно да го прославуваме Христовото Воскресение, тоа се оние христијани кои не се ниту православни ниту римокатолици, на прво место од нив се протестантските деноминации. Третата можност е да се определи некој нов начин за пресметување на датумот на Велигден, па промена да треба да направат сите погоре спомнати деноминации, вклучително и православните христијани – кои и онака немаат единствен меѓусебно усогласен календар помеѓу себе. Ова со сигурност е најтешко изводливата варијанта.

Патријархот Вартоломеј не беше прецизен да каже кој од овие три начини на постигнување единство во прославувањето на најголемиот христијански празник го имаше предвид кога ја даде спомнатата изјава. Доколку имал предвид православното малцинство да се приклучи кон неправославното мнозинството, односно православните христијани врз кои тој има надлежност, или влијание – претпоставуваме од оние кои веќе го прифатиле грегоријанскиот календар во сè, освен во пресметката на датумот на прослава на Велигден – целосно да преминат на новиот календар, вклучително и за определување на датумот за прослава на Пасхата, тогаш постои опасност тоа да значи приближување до неправославните, а оддалечување од најголемиот дел од православните, барем по ова прашање.

Интересно е да се потсетиме и дека не сите што се под јурисдикција на Цариградската патријаршија се по новиот календар, Света Гора, на пример, сè уште го користи исклучиво стариот, јулијански календар.

На Великиот собор во Крит, во 2016 година, темата на усогласување на календарот меѓу православните цркви беше тргната од дневен ред, поради проценката дека „некои Православни цркви не се подготвени и немаат желба да прават реформи во календарот“.

На крај, вреди да се спомне дека и „Мајката на Црквите“ – Ерусалимската црква се раководи по стариот календар. Ерусалимските патријарси во неколку наврати имаат изјавено дека „за православните не е полезно да го празнуваат Воскресението Христово заедно со католиците“. И слегувањето на Благодатниот оган се случува на Велика сабота, според Пасхалијата на Православната црква.

The post Дали е возможно Велигден да се прославува заедно со неправославните? appeared first on Литургија.мк.

Source: https://liturgija.mk/bogoslovie/sovremeni-predizvici/dali-e-vozmozhno-veligden-da-se-proslavuva-zaedno-so-nepravoslavnite/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
4 months ago

Кога на момент би можеле да вложиме во Царството Божјо...

 Кога на момент би можеле да вложиме во Царството Божјо, ќе сфатиме дека онаа што ни се враќа е исклучително скапоцено.Толку скапоцено да во Неговото Царство нема време, нема страв, нема пречки, нема инфериорност, нема несигурност, нема кривица - ниедна работа која не мачи во овој живот.Оваа е благо...

Image Description
6 months ago

Од Просветителството до Постмодернизмот и движењето „Воук“

Церемонијата за отворање на Олимписките Игри во Париз во петок, 26 јули 2024 година, предизвика лоши реакции кај многумина во и надвор од Грција, и беше опишана со остри зборови и силни изрази, и за одредени сцени и за церемонијата во целост, и тоа со право. Многу луѓе зборуваа за движењето „Воу...

Image Description
5 months ago

На Господ му припаѓа грижата за утре...

 На Господ му припаѓа грижата за утреБраќа, сегашното време е време за покајание.Толку е блажен тој што воопшто не паднал во мрежата на непријателот. Блажен ми е и тој што падна во неговите мрежи, но успеа да ги искине и да избега од него додека е во овој живот. Тој, сè уште физички живеејќи, успеал...