Се вели дека депресијата е болест на модерниот човек, притеснет помеѓу големите желби и вештачки направените потреби и неможноста за нивно задоволување. Депресијата е состојба на безутешност. Всушност, таа има проблем со утехата на душата. Решение за тоа е луѓето да се вратат кај Утешителот, и Он да ги утеши со таква утеха со каква што само Тој умее да теши и тогаш нема да има депресија. Впрочем, не го нарекуваме ли Светиот Дух, Утешител?

Ако ги погледнеме симптомите на депресијата, тогаш ќе увидиме дека таа е плод на маловерие, дека е плод на тоа што човекот е лишен од вистинската заедница со Бога, па дури и тој да се нарекува верник. Депресијата се појавува кога човекот не е насочен кон Бога, а и самиот не може да се носи со притисокот на секојдневието, и тогаш таа безнадежност го поробува, со неа и безволноста и малодушноста…

Го прашувам пред некој ден еден стар протоереј, што тој ги советува депресивните жени, а тој вели дека ги советува нешто да плетат или везат. И вели, жените кои нешто плетат или везат, преку таа работа се ослободуваат, и престануваат да пијат лекови. Ако постои активност, работа, тогаш депресијата исчезнува преку креативноста. Има многу начини како човекот психофизички може да се бори против депресијата, а не само со молитва, но ако тоа се прави паралелно, нема да има причина за депресија и за таа бесмисленост.

Човекот има лична одговорност зошто самиот себе се довел до таа ситуација на поробеност и безволност, а од таа заробеност не можат да го ослободат антидепресивите, бидејќи впрочем, на фармацевтската индустрија ѝ одговара состојбата на големиот број на депресивни луѓе, бидејќи тоа е голем бизнис! Многумина болни мислат дека се работи за психичка болест, меѓутоа не е, и се постигнува повеќе доколку, во текот на разговорот, може да се доведе соговорникот до тоа, да се посомнева во своите убедувања, отколку чисто доктографски да им покажуваме за што се работи.

На пример, многумина под влијание од Запад имаат цврсти ставови за депресијата, кои ги прифатиле од тие лекари и медиуми, и треба да се доведат до ситуација првин да се посомневаат во општоприфатените ставови, па после тоа фактографски да им се аргументира, бидејќи во човекот најтешко се менуваат ставовите. Ако некој нешто формирал како став, па уште и верува во тоа, тогаш недоволно фактографски било аргументирано, прво треба да му се разнишаат неговите досегашни ставови за овој проблем, бидејќи низ овие ставови тие се во состојба да капитулираат брзо, како да не можат да се борат против тоа, тоа е таа малодушност која ги спречува и не е лесно со тие пациенти.

Кои се причините за менталните болести? Постојат пациенти кои не се виновни за болеста што ја имаат, на пример, некоја епидемија итн., но болестите на душата секогаш се создаваат поради погрешна употреба на слободната волја, која човекот го носи до ситуација на поробеност, што потоа се рефлектира и на телото. Значи, основата во лечењето на депресијата е да се излекува слободната волја на човекот. Верниците кои доаѓаат во црква, а кои се депресивни, фактички доаѓаат во црква, но немаат пастир и самите се удираат со главата во ѕид, и потоа главата уште повеќе ги боли, зашто, кога би имале пастир и послушност, би биле здрави, а поради тоа што немаат послушност, тие се плен на ѓаволот. Во денешно време се формираат индивидуалци со свои права, во кои никој не смее да чепка и потоа прават што сакаат и стануваат депресивни бидејќи ја губат благодатта. Кога душата би била облагодатена, депресијата не би постоела, бидејќи благодатта ги поврзува сите сили на душата, што би рекле ја исцелува, ја носи до состојба на целовитост, а состојбата без благодат и во грев носи до разделување на душевните сили, така што, она: „покајте се“ – е доведување на човекот во природна состојба.

Покајанието е преумување, а штом настанува тоа преумување, исчезнува депресијата и малодушноста, исчезнува песимизмот, исчезнува безволноста, се случува подигање како што вели и пророкот Божји: „Како на орел се обновува младоста моја“. Гледаш ли како Евангелието лекува убаво, со два збора: покајте се – ете ти го најдобриот и најевтин антидепресив. Човекот според состојбата на својата душа може да се мери дали е со Бог или не е. Ако има мир, радост, љубов, трпение, надеж, бодар дух, тогаш тој е  во хармонија со божественото, има рајска состојба на душата. Ако има немир, омраза, завист, очај, безнадежност… тогаш тој има пеколна душевна состојба и постојано се мачи. По тоа може да види дека се оддалечил од Бога, да се исплаши, да се покае и да се врати кај Бог.

Кога ќе се види себеси дека е виновен за цела таа состојба и ќе побара прошка од Бог, сѐ ќе тргне на добро. Кога Адам и Ева згрешија, прво што направија беше нивното правдање за она што го сторија, да покажат дека не се виновни, а што е уште пострашно, во сето тоа оправдување тие го обвинија Бог дека Он е причина на злото – „жената која ти ми ја даде, таа ме натера“ т.е., како да вели: „зошто, Боже, ја создаде, ако тоа не го стореше, јас не би згрешил!? Ти си за тоа виновен“. Слично вели и Ева: „…змијата ме натера. Зошто ја создаде змијата?! Да не ја создадеше, јас немаше да згрешам. Ти си виновен Боже“.

И така низ целата историја луѓето се правдаат, бараат некои егомеханизми за себеоправдување. Но, утеха не може да се добие низ себеоправдување, туку низ покајание. Бидејќи во состојба на покајание, човекот не го обвинува Бог, туку себеси, но со надеж во Божјата помош и така влегува во единство со Бог и добива вистинска утеха. Всушност, проблемот на депресијата е проблем на утеха на душата. Душата во состојба на утеха нема депресија. А, состојбата на безутешност ја создава депресијата. Решение е да се вратат кон Утешителот, и Он да ги утеши, со утеха каква само Он знае да теши и тогаш нема да има депресија.

Отец Доситеј Хиландарски, настојател на ќелијата Патерица

Превод: Ѓакон Бобан Ѓорѓиевски

Православна светлина бр.48