Пренесуваме извадоци од обраќањето на Високопреосвештениот Архиепископ Австралиски г. Макариј од Цариградската патријаршија, изречено на свеченоста на доделувањето на титулата почесен доктор на катедрата за Теологија на Националниот и Каподистриски унивезитет во Атина, на 7 мај 2025 година. Обраќањето со наслов „Vox populi (Гласот на народот) на интернет – современа закана за изопачување на црковниот и демократскиот дух“ беше изречено во присуство на поглаварите на две помесни цркви: Цариградската Патријаршија и Црквата на Грција, Цариградскиот Патријархот г.г. Вартоломеј и Архиепископот Атински и на цела Грција г.г. Јероним. Поднасловите се на редакцијата.
Подвиг е за човекот да каже што е можно повеќе со што е можно помалку зборови,
и на крај – да каже сè со своето молчење, а пред сè, со својот живот.Свети Амвросиј – избран за епископ пред да биде крстен
Дозволете ми, значи, да ве поведам на едно мисловно патување во Северна Италија, поточно во Медиолан (денешен Милано), каде што аријанската ерес – и покрај нејзиното опаѓање на Истокот – во тоа време продолжува да доминира и да напредува. На почетокот, значи, на декември во 373 година, умрел аријанскиот епископ на Медиолан, Авксентиј, и прашањето за неговиот наследник предизвикало силни немири во градот. Епархот на градот, Амвросиј, се обидел да ги смири духовите, сè додека од насобраниот народ не се слушнал еден детски глас: „Ambrosium episcopum!“ – „Амвросиј за епископ!“ – и тогаш сиот народ едногласно повторил: „Амвросиј да биде епископ!“ Така, гласот на народот (Vox Populi), како глас на Бога (Vox Dei), го поставил тогашниот катихумен (огласен) и сè уште лаик Амвросиј за епископ на Медиолан, кој подоцна ќе стане еден од големите учители на Црквата. Затоа, впрочем, и еден друг голем светилник од Истокот, свети Василиј Кесариски, ќе му напише на Амвросиј: „Самиот Господ те премести откај судиите на земјата во претседателството на Апостолите.“
Свети Евсевиј против ереста на тогашниот Цариградски Патријарх
Да се префрлиме сега, возени од кочијата на времето, во источниот дел на Империјата – во царствениот Константинопол, неколку децении подоцна, во пресрет на Третиот вселенски собор во Ефес. Христолошките спорови беснеат, а Архиепископот на Константинопол, Несториј – подоцна и сам прогласен за еретик – почнува јавно да го негира називот „Богородица“, нешто кое не само што длабоко ја навредува побожноста на народот кон Пресветата Богородица, туку носи и сериозни сотериолошки последици. На една таква негова јавна беседа, остро интервенирал тогашниот лаик, а подоцна епископ Дорилејски, свети Евсевиј, кој со голема ревност и јасност ги осудил богохулните учења на архиепископот еретик. Овој настан го опишува современикот на случувањата, свети Кирил, Архиепископ Александриски: „Еден човек, мошне благороден, иако сè уште меѓу мирјаните… придвижен од ревност пламена и богољубива, со глас јасен извика дека Предвечното Слово прими и второ раѓање…“ И присутните веднаш застанале на страната на Евсевиј и го пофалиле „како побожен и мудар и како оној кој не отстапува од правилноста на догмите.“ Верниот Евсевиј, значи, со „светол глас и јасен збор“ ги бранел светите догми на Црквата и го поттикнал народот на ова исповедание на верата – и така, гласот на народот (Vox Populi) повторно се издигнува како глас на Бога (Vox Dei).
Гласот на народот не секогаш е глас Божји
Се разбира, неопходно е тука да се нагласи дела гласот на народот не постои над Црквата, ниту пак – и ова е многу важно – тој може да биде спротивставен на севкупната црковна свест, којашто ја носи и ја изразува полнотата на вистината на верата.
Следствено, кога говориме за глас на народот, јасно нагласуваме дека мислиме на побожниот, христољубив и богоносен народ. Бидејќи во многу случаи ќе видиме дека, доколку не се исполнети овие предуслови, народот лесно може да премине на спротивната страна и да биде заблуден, така што гласот на народот нема да биде глас на Бога. Таков е случајот, на пример, кога свети Григориј Богослов бил поставен за Архиепископ на Константинопол, а големото мнозинство од народот тогаш било заведено од богоборната ерес на Ариј. Да ве потсетам и на еден потресен призор од светите настани што ни ги претстави Црквата во деновите на Страсната Седмица: гласот на народот тогаш бараше „распни Го, распни Го!“ (Јован 19, 15) – и тој глас, несомнено, не беше глас Божји.
Дозволете ми, на ова место, да спомнам и неколку историски примери коишто докажуваат дека гласот на народот, дури и кога произлегува од демократски, мнозински процес, не секогаш е глас на вистината и на разумот, а во случајот на Црквата, не секогаш е глас Божји. Тоа јасно покажува дека народот може да донесе и погрешни, па дури и катастрофални одлуки. Еве неколку примери:
Во поновата историја, да се потсетиме дека мнозинството од населението на САД било за ропството сè до 1861 година, кога започнала Американската граѓанска војна. До тој момент, многу сојузни држави во Америка гласале за зачувување на ропството, што значи дека преку демократски процеси се продолжувала една длабока повреда на човековите права.
Голем дел од рускиот народ го поддржувал Сталин во 1930-тите. Освен масовните чистки и гулази, Сталин оставил зад себе милиони мртви поради глад, репресија и терор, а стотици илјади невини луѓе починале во затвори за дела што никогаш не ги сториле.
Нацистичката партија на Хитлер дошла на власт преку крајно демократски избори, иако Хитлер уште во предизборната кампања јавно и отворено проповедал расистички и насилни идеи – идеи што, сепак, мнозинството од народот ги поддржало. Не е потребно да ги спомнуваме последиците од тој изборен резултат, бидејќи тие се познати на целото човештво.
Синодалноста на Црквата – единствен сигурен пат воден од Светиот Дух
Одговорот на горенаведените прашања го нудат одлуките на Вселенските Собори преку светите канони, а низ времето него го потврдува и учењето на светите Отци на Црквата. Од мудроста на светоотечкото богословие ќе споделам со вас еден одговор на овие размисли, црпејќи го од мудриот збор на свети Јован Златоуст, Архиепископот Константинополски, кој подвлекува дека: „Црквата е име на систем и на собор“, односно: „Црквата се гледа како еден постојан собор“. Наместо некој подолг коментар за оваа длабока изрека на големиот Отец на Црквата, ќе приложам проникливи зборови на нашиот Вселенски Патријарх, што тој ги изговори за време на првата свечена седница на Светиот Епархиски Синод на Архиепископијата на Австралија. На тој значаен ден, Неговата Сесветост рече: „Синодалното управување со црковните прашања претставува единствениот сигурен пат воден од Светиот Дух, кој е осветен во црковната свест преку множество свети канони и одлуки на помесни и вселенски собори, и преку целокупната долга и нераскинлива пракса на Вселенската Црква. Секогаш кога низ историјата се појавува отстапување од синодалната свест на Црквата, тоа укажува на духовен пад, на фалсификување на вистинските црковни критериуми и на изопачување на здравите начела на црковниот живот.“
Ако, значи, работите стојат така, односно, ако црковните прашања се решаваат на Собори, тогаш природно се наметнува прашањето: со кои критериуми Црквата ќе го распознае вистинскиот „глас на народот“? И уште повеќе: дали гласот на народот секогаш е толку јасен, како во случајот со Амвросиј Медиолански и Евсевиј Дорилејски, кои ги спомнавме на почетокот? Сигурно дека одговорот не е еднозначен и лесно препознатлив. Без да навлегувам во непотребни детали и заморна казуистика, ќе подвлечам две основни еклисиолошки начела. Прво, вистината на верата не се изразува ниту преку расфрлани поединци, монаси, теолози, свештеници, ѓакони или самоволни епископи, ниту преку групи монаси, клирици и мирјани, бидејќи сите тие неформални црковни тела не претставуваат Црква, туку само облици на привидна црковност. Второ, Црквата никогаш не ја прифатила логиката на бројките, бидејќи тоа би значело дека во историските периоди кога мнозинството паднало во ерес и погрешно учење, Црквата би требало да се усогласи со мислењето на мнозинството. Вселенските Собори никогаш не ја оценувале заедничката свест на Црквата според квантитативни критериуми. Сеопфатноста на вистината не е бројна големина, и затоа, „никакво мнозинство од судски тип или збирно гласање не може да биде критериум на авторитет и вистина“ за Православната Црква.
„Чисти православци“ во војна против поглавари, епископи, клирици
Кај нас, се јавува една група верници коишто самите се идентификуваат како „чисти православци“ – кои, сметајќи дека се нешто помеѓу пророкот Илија, кој нареди колеж на свештениците на Ваал, и свети Марко Евгеник, епископот Ефески кој не го потпиша актот за унија на Соборот во Ферара-Фиренца, се впуштаат во неумолива војна против поглавари, епископи, клирици, монаси, па дури и лаици, како и против секоја институционална појава на Црквата, како што се различните соборски тела. Овие луѓе, убедени дека го изразуваат гласот на народот Божји, или – што е уште полошо – дека зборуваат во името на самиот Бог, искажуваат ужасни обвинувања, а понекогаш и навреди, под превезот на наводно исповедање на Верата и одбрана на светите нешта, коишто, според нив, црковните поглавари ги „продале“.
Клеветењето на црковните личности
За сите нив, секако, Црквата преку Вториот Вселенски Собор предупредува дека оние што се зафаќаат со клеветење на црковни личности се токму тие што „се стремат да го вознемират и урнат црковниот поредок, и злонамерно и клеветнички создаваат поводи против православните епископи кои управуваат со Црквите, со што не прават ништо друго освен што ја валкаат честа на свештениците и предизвикуваат неред кај народите кои живеат во мир.“ И навистина, како што пишува познатиот каноничар Валсамон од 12. век, „никогаш не престанал нашиот непријател сатаната да ја осквернува честа на добрите луѓе преку клевета, особено на епископите.“
Сите добро знаеме дека клеветата е оружјето на кукавиците – на оние што се кријат зад тастатурата и напаѓаат од безбедно растојание, со анонимни и скриени профили на социјалните мрежи. Зашто, зад интернет-анонимноста, тие се чувствуваат моќни, особено кога напаѓаат јавни или институционални личности. Во истиот дух дејствуваат и оние што, повикувајќи се на верата или на наводното право на слобода на говор, изразуваат само негативна, насочена и злобна критика. Тоа е критика што не гради, туку руши. Таквото однесување не само што покажува страшна суета и гордост, маскирана како „ревност“ или „право на јавен глас“, туку и сведочи за длабоки психолошки комплекси и нарушувања, како и за отсуство на духовен живот – т. е. на живот и заедница со Христос и со Неговата Црква.
Тивкото мнозинство
Завршувајќи, би сакал да споделам со вас неколку податоци што се навистина охрабрувачки и полни со надеж. Таканаречените „хејтери“, кои понекогаш изгледаат како да ја претставуваат „гласноста“ на интернетот, за среќа се малцинство. Според многубројни социолошки и психолошки истражувања, само 1 до 5% од интернет-корисниците се токсични и создаваат говор исполнет со омраза. Тоа малцинство, за жал, е хиперактивно на социјалните мрежи и создава непропорционално голем обем на објави и коментари со негативна содржина. Често се добро организирани, агресивни по природа и имаат за цел да ги заплашат другите или да ги замолчат.
Меѓутоа, мнозинството – односно 70 до 90% – е т.н. „тивко мнозинство“ (silent majority) или „пасивна публика“. Многумина молчат од страв, бидејќи не можат да ја издржат болката од јавното интернет-осрамотување. Други молчат од рамнодушност или затоа што веруваат дека не вреди да се вклучат во еден отровен дијалог, со соговорник исполнет со завист кој никогаш нема да се убеди во спротивното мислење. Тоа значи дека не можеме прецизно да го идентификуваме гласот на народот (Vox Populi) на интернет, бидејќи таму преовладува вревата на гласното малцинство, наместо вистината на мнозинството што молчи.
Source: https://liturgija.mk/bogoslovie/sovremeni-predizvici/arhiepiskop-avstraliski-makarij-glasot-na-narodot-sovremena-zakana-za-izopachuvanje-na-crkovniot-duh/