Недела на митарот и фарисејот

Example Super-Admin User · 1 week ago

    8 minutes, 11 seconds


Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Возљубени во Господа, чеда Божја.

Нашиот живот треба да биде исполнет со секакво добро дело, затоа што ние православните христијани, веруваме во доброто. Ние верниците, веруваме во Господ, Кој е добар и совршен. Па така, ние треба да го манифестираме и реално тоа наше верување во своите животи. Доколку нашиот Бог е Добар, тогаш и ние ќе постанеме добри со сите квалитети на вечноста. Вечниот Бог е бесконечен квалитет, па така и ние сопостоејќи во Божјата прегратка уште тука на земјата, ќе ги изразуваме квалитетите на вечноста. Секој наш подвиг е наш конкретен труд, тоа е наша лична волја. Подвигот кој го правиме, за да постане добродетелен, треба Господ да го признае и да ни ја дари Неговата помош, поточно, треба да нè освети, за да постане делото наше квалитетно.

Добродетелите ние ги остваруваме преку нашето лично трудољубие, но сепак, Господ ги осветува и ги украсува, за тие во нас да засветлат како прекрасни украси на нашата личност. Господ нè просветува и осветува, но само доколку се трудиме. Па така, она што треба да биде кај нас постојано за да бидеме трудољубиви, е нашата молитва. Молитвата наша е нашиот насушен леб за нашата душа, која пак треба да е постојана во секое време. Во молитвата ние разговараме со Бог, и на тој начин се поврзуваме со вечноста. Но пак, во молитвата треба да бидеме со скрушено срце и со смирен дух. Светскиот дух во светот во кој што живееме, треба да го оставиме и заборавиме, за да се исполниме со вечен и Божји Дух. За да се исполниме со Светиот Дух, ние треба да се самоизпразниме од сите светски концепции на животот, и смирено и кротко да пристапиме кон Господа, со големо покајание.

„А на оние што беа уверени за себе дека се праведни и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола“ (Лука 18, 9).

Во контекст на лошиот, горд, надмен, светски дух, Господ Исус Христос, ја кажува параболата во денешното Свето Евангелие, коешто го прочитавме на Светата Божествена Литургија. Имено…

„Два човека влегоа во храм да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник“ (Лука 18, 10). Исус Христос вели дека во храмот Божји влегле два човека да се молат. Но и двата дадени примери се луѓе кои во своите социјално-општествени служби биле познати по своето лицемерие, но освен лицемерието, тие биле и полни со бесчувствителност кон другите луѓе и секако ја имале во себе гордоста, која е мајка на сите маани кај човекот.

Фарисеите биле религиозна, јудејска група која се придржувала строго до правилата на левитската школа. Левитите пак биле припадници и претставници на свештеничкиот сталеж. Ова води потекло уште од времето на Мојсеј, кога Господ Бог му ги открива на Мојсеј законите и одредбите за свештениците, и му објаснува како треба да постапуваат свештениците во Богослужењето кон Него. Тоа е запишано во старозаветната книга Левит, и оттука е коренот и почетокот на левитската школа, која го подржавала тој континуитет на свештенството кое, пак, било строго определено и конципирано во Стариот Завет од Самиот Бог Отец, а детално објаснето од пророкот Мојсеј, кој имал задача од Бога да го оствари Божјиот благослов и да го обликува свештеничкото дело, формирајќи свештенство по Волјата Божја.

Фарисеите строго го почитувале Мојсеевиот Закон, без промена во деталите и формите на извршувањето. Но, освен тоа што биле строги поддржувачи на Законот, тие имале тврдо и лукаво срце. Познато било дека тие ги штителе интересите на богатите слоеви во општеството. Затоа пак, како такви строги поддржувачи на Законот Божји, но благонаклони кон богатите, биле лицемери. Фарисеите постојано се конфронтирале со општеството, докажувајќи ги нормите и правилата кои ги познавале. Уште повеќе што ја истакнувале кај себе својата правичност пред Господа осудувајќи ги сите други луѓе кои не биле како нив. А сите знаеме дека гордоста е најголемиот непријател за човекот. Кога таа гордост си ја потхранува човекот постојано во својата душа, тогаш таквиот човек ќе постане самољубив, самобендисан, себичен, егоист. Најстрашно е кога еден човек, немајќи поим колку многу е мал пред Господа, се истакнува пред Господа и се гордее. Се гордее со својот живот и со своите дела, како да е тој совршен.

Против оваа човечка бесмислена маана, Господ Исус Христос нè поучува со Својот личен пример. Тој се унижи (кенозис), се „самоиспразни“, се смири, се сведе и постана човек. Од моќен и славен, дојде од вечноста, од совршеноста, и постана „мал човек“. Великиот Бог, постана мал човек, поради Својата љубов, која ја докажал пред сè во Своето бескрајно смирение. По примерот на Богочовекот Исус Христос, Синот Божји, Тој ни покажува дека смирението е единствениот пат кон вечноста и кон прегратката Божја. Љубовта е прекрасна и пријатна и нема во нејзе место за себичност и лицемерство. Кога љубиш, не можеш да се гордееш.

Од другата пак страна, во истата оваа Евангелска парабола, Исус Христос, го дава за пример митарот, исто така познат и како цариник. Имињата на овие двајца луѓе и не се важни, колку што е важно нивното поимање и однесување во животот. А преку примерите на овие двајца, за нас е важно да го сфатиме она што ни го потенцира самиот Богочовек Исус како порака.

Цариниците биле многу омразени луѓе во општеството. Цариниците го ограбувале страдалниот напатен и поробен народ. Тогаш во тоа време Израил бил под римска окупација, и не само Израил, туку и целата блискоисточна област, но и пошироко, била под римска окупација. Под ова ропско иго, народот морал да плаќа данок на римскиот император, а пак овие митари или цариници, ја остварувале таа наредба. Митарите исто така и владееле со свои мали територии, и доколку некој сакал да премине од една во друга област, морал да плати данок. А доколку некој немал пари да даде задолжителен општ данок определен за секој човек, тогаш митарите имале власт да го обвинат човекот пред римската војска, за да го измачуваат.

Цариниците – митари, биле многу среброљубиви и без воздршка во својата нечовечност. Тие биле бесчувствителни и алчни. Освен тоа што го собирале определениот данок, тие земале и повеќе, та се богателе и самите. Без мерка им одземале на луѓето. Та затоа тие биле омразена група на луѓе во општеството. Христос не случајно ги посочува нив како примери пред луѓето во оваа поучна парабола. Следно што покажува Господ во оваа парабола е самата молитва на овие двајца примери.

„Кога застана, фарисејот вака се молеше во себе: Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе; грабливци, несправедливи, прељубници, или како овој цариник“ (Лука 18, 11), „Постам двапати во седмицата, давам десеток од сè што ќе стекнам“ (Лука 18, 12).

Во личната, тајновита молитва на фарисејот, се пројавува неговата голема гордост и лицемерие. Тој Му се обраќа на Господа и Му благодари што е поразличен од другите луѓе. Тој себеси се вбројува во избраните луѓе од Господа, кои ќе бидат спасени. Тој за себе смета дека е праведен, чист и добар, за да го наследи Царството Божјо. Тој тоа поимање за своето спасение го согледува преку своите лични критериуми единствено во исполнувањето на правилата и законите во надворешната форма. За него било важно да биде беспрекорен исполнител на напишаните бездушни правила. Но она што го заборава е својата душа која е сува и пуста, како безводна пустина, груба и страшна поради безживотните услови кои владеат во неа. Во пустината нема вода, а водата пак го дава животот. Но, на него не му е потребна водата, за да ја омекне сувата и безводна пуста душа, па следствено, не му е потребна Благодатта Божја која го омекнува срцето и ја облагородува душата. Впрочем, Благодатта Божја се добива како дар Божји, поради трудољубието во љубовта. Душата постанува сува пустина без Бога. Со Бога човекот постанува икона Божја. Со Бога човекот е смирен и кроток и не се превознесува. Благодатта Божја е како роса која ја напојува земјата за да даде плод.

Но, фарисејот не престанува со својата гордост, па додава и понатаму во својата молитва кон Господа. Тој на Господа Му сведочи кој е он, и му го истакнува критериумот за спасението. Вели дека не е грабливец, несправедлив и прељубник, и не е како овој цариник. Тој надворешно ги гледа луѓето и ги осудува. Тој се воздигнува пред другите, така што себе се поставува на добар и чист пиедестал и ги осудува другите луѓе. Тој самиот им суди на луѓето, но, сугестирајќи на Господа дека другите се грешни и дека за нив нема спасение.

Вакви примери и денеска се секојдневни. Ваква честа појава на мислење постои и денеска кај верниците. Ги осудуваме другите луѓе, со потполна слобода, како да ни ја доверил некој таа улога. Никој не се гледа себе си во својот грешен живот, туку другите ги гледаме со нивните грешки. Па така наместо единствено да Му благодариме на Бога за нашиот живот кој ни го подарил, согледувајќи го само својот живот, ние го осудуваме животот на другите луѓе. Тоа е голема гордост која секојдневно ја пројавуваме во себе. Господ на друго место вели да не судиме, затоа што тоа право Му е дадено единствено на Господ, вечниот Судија.

Браќа и сестри, вистинските чеда Божја во Црквата се исполнети со љубов Божја, а тоа значи дека верникот никогаш нема да има потреба да ги осудува другите луѓе.

Фарисејот Му говорел на Господа, истакнувајќи ги своите дела, за да Го потсети дека во Црквата дава законски определени дарови, и дека пости два пати во седмицата. Тој ги истакнувал своите дела кои ги остварувал со својата волја без смирение и кротост. Сметал дека доколку ги остварува автоматски овие правила, ќе биде во милоста Божја и ќе биде во рајот. Така пуст во својата душа, без љубов и смирение, не поимајќи ја својата недоволност, неумерено си се гордеел пред Господа.

„А цариникот стоеше оддалеку; не смееше дури и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“ (Лука 18, 13).

Цариникот, посрамен пред Господа, не смеел и очите свои да ги подигне кон небото, смирено и кротко се каел. Тој се удирал в гради, каејќи се за својот грешен живот. Тој не набројувал ништо, туку само смирено барал прошка за својот грешен живот. Цариникот се посрамил поради свеста дека е грешен и дека доколку не се покае, нема да се спаси. Така молитвено, и унижено, се молел пред Господа со искрена тивка и кротка молитва да биде помилуван. Единствено само за себе се молел, не гледајќи кон никој друг. Тој сфатил дека, личното покајание е во личната волја и единствено што е потребно е, согледувањето на својата грешност.

Господ на самиот крај го дава заклучокот за сите нас. Алудирајќи на смирениот цариник, Тој говори: „Ви велам: тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној, зашто секој што самиот себе се возвишува, ќе биде понизен, а кој се понизува себе самиот, ќе биде возвишен“ (Лука 18, 14).

На овој начин браќа и сестри и ние треба да се однесуваме во заедницата, во Црквата. Господ јасно и прецизно ни го покажа начинот на кој треба да се молиме и да живееме. Да го гледаме и подражаваме нашиот Бог Исус Христос во Неговиот живот, во Неговото смирение, затоа што Тој лично нè поучува. Она што е најважно, што ни го покажа Господ, е Неговата безграничната љубов. Следствено, подражавајќи го Христос, и ние ќе постанеме слични со Него. Гледајќи го нашиот труд во смирението, кротоста и неосудувањето, ќе ни помага Господ во нашиот живот, за трудољубиво да се стремиме кон смирението, кротоста и добротата. Преку добродетелниот живот ќе го покажеме  својот став кон животот.

Бидете благословени.

Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-na-mitarot-i-farisejot/

Share:

Example Super-Admin User

Aut dolor fugit impedit incidunt. Unde repellat commodi illum voluptas. Quisquam consequatur autem quae ipsam. Corporis voluptate aspernatur minus omnis. Maiores aut fugit mollitia eaque. Praesentium facere alias dicta delectus et rerum. Dolorem animi cum cumque accusantium vel autem. Eos iste reprehenderit et odit eius voluptas modi. Sequi dolorum dolorem inventore saepe quibusdam. Impedit in est repudiandae consequatur fugit fugit. Dolorem et illum neque aut sint et.

All author posts

Related Posts

Image Description
5 months ago

ТИЕ ПРОМЕНИ, ЧЕДО МОЕ, СЕ СЛУЧУВААТ НА СЕКОЈ ОД НАС

 ТИЕ ПРОМЕНИ, ЧЕДО МОЕ, СЕ СЛУЧУВААТ НА СЕКОЈ ОД НАСТриесет и четврто писмоДенеска,чедо мое,после долго време го добив твоето писмо.Во тој период,бев премногу нажалостен,зошто не се чувствуваше добро, а јас те искарав.Поради тоа во своето срце чувствував жалост и болка.Денеска најпосле се израдував,...

Image Description
2 months ago

Недела 25. по Педесетница

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски Материјалното богатство е земна категорија, категорија која е важна за телесниот, земниот свет. Но, дали е таа категорија навистина важна? Поразително е многу важна за човекот, во висината на степенот на човечкиот живот кој треба да се манифести...

Image Description
8 months ago

Научете да се покаете

 Научете да се покаетеМногумина од нас воопшто не знаат да се покајат и за да се оправдаат велат: „Не знам да се покајам!“ Зар не ги знаеш Господовите заповеди? Повеќето луѓе знаат! Кој знае подобро од самата личност за неговите работи, мисли, чувства? Треба само да се концентрирате, да погледнете н...