Почитувани верници, браќа и сестри.
Светата Божја Црква се подготвува да го започне благословениот велигденски пост. И еве веќе трета недела, како светата Православна Црква, се насочува кон овој пост, со подготвителните недели, со целиот богослужбен поредок. Секако дека треба повторно да зборуваме, за значењето на постот и за потребата од постот. Ние, православните христијани, треба постојано да постиме. Постот за православните христијани е основно учење и делање во нашата вера. Но, секако дека треба да појасниме, што точно значи постот.
Постот е духовно-телесен подвиг, а подвигот е трудољубие, кое го исполнуваме постојано во нашиот живот. Трудољубието е нашата основна форма преку која се изразуваме како верници. Кога велиме дека сакаме да ја изразиме својата вера, ние тоа го правиме во нашата трудољубивост. Таа трудољубивост подразбира добродетелност, преку која ние го изразуваме личното поимање на верата. Добродетелите се фундаменталните карактеристики на верникот, преку кои тој ја изразува својата вера кон Господа. Разните добродетели во себе го содржат единствениот и прекрасен збор, преку кого ние верниците треба да се презентираме во заедницата, а тоа е зборот: добро.
Ние верниците веруваме во добриот Бог, па нашиот живот ќе биде исполнет со секакви добродетели, кои во суштина знаете дека тоа се прекрасните и различни добри дела. Бог е Добар и Прекрасен, та и Неговите вечни синови, се единствено добри и прекрасни. Впрочем, сите добри дела ќе бидат нашето единствено однесување во животот. Следствено се подразбира дека постот е концепт на префинетост во личносниот однос на човекот кон целокупниот живот и кон Бога. Постот е исклучителен сублимиран квалитет на човечката личност и нејзиниот личносен идентитет пред Господа. Онтолошкиот аспект на човечкото битие, се согледува во православното учење, преку личното изразување на словесното битие, во фундаменталните концепти и општи поимања кон животот и кон изворот на своето постоење, кон Творецот.
Верникот треба постојано да пости. Постот се огледува не само во воздржувањето од блажната храна, туку, постот е постојаното воздржување од лошите дела и постапки, воздржување од гревот. Гревот е нашиот пад; гревот е нашата деструкција; гревот е нашето разнебитување. А гревот како промашување на целта, ќе нè одведе во смрт. Духовната смрт се случува кога отсуствува Бог во душата на човечкото битие. Кога разумното битие се оддалечува од својот Творец, тогаш човекот, деструктивно се разнебитува во бесмисленост.
Постот е нашиот фундаментален постулат на својот личносен однос кон животот. Господ го поставува постот како правило во Рајот, кога им забранува на Адам и Ева, да не јадат од плодот на едно конкретно дрво. Затоа што постот се исполнува единствено преку својата лична слобода. Доколку сакаме, ќе се воздржуваме, а ќе се воздржуваме од сè она што ни е заповедано. А воздржувањето го остваруваме слободно со нашата лична волја, за да го исполниме благословот. Господ посакува, ние лично и слободно, да ја докажеме својата доверба кон Него. А довербата се докажува единствено преку сопствените дела. Делата се личниот доказ за нашата љубов кон Господа, затоа што Тој нè возљубил и нè создал поради Својата бесконечната Љубов. Затоа ние треба постојано, бескрајно, безмерно, да бидеме благодарни на нашиот Господ и Творец, а таа благодарност ја остваруваме преку желбата да постиме, и со тоа ја докажуваме својата верност кон Творецот.
Господ вели: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (Битие 2, 16-17).
Светата Православна Црква определила неколку постови во годината кои ние верниците, ги прифаќаме и се трудиме да ги исполнуваме. Светите отци на Светата Црква, во вековите, одржале низа на локални, помесни и вселенски собори. Во овие соборувања, светите наши отци, собрани во заедницата на Телото Христово, сплотени во Светиот Дух, исполнети со благодатта Божја, ги донеле постите како законска форма во светата Црква. Затоа ние православните верници, должни сме да ги исполнуваме правилата на светата Црква, кои се донесени во светата заедница, која е исполнета и инспирирана од Божјата Благодат и сила. Секако, претходно објаснивме, дека ние, чедата Божји, освен што постиме од блажна храна во определените периоди и поединечни денови во текот на годината, ние постојано се воздржуваме од секакво лошо дело, преку целиот свој живот. Воздржувањето е нашето основно и трезвено однесување. Човекот во својот онтолошки фундамент е Божјо создадено битие, кое постојано треба да пости, а тоа значи да се воздржува, за да ја докаже својата слобода на прав начин, да го насочи својот живот кон вистинската цел, а тоа е Бог.
Во денешното свето Евангелие, прочитавме за страшниот Божји суд. Исус Христос ја кажува оваа вистина за конечната иднина на човештвото. Во ова Евангелие се говори за конечниот Божји суд над создадената творба. Богочовекот Исус Христос ќе дојде повторно на земјата за да ги суди сите луѓе. Но следниот и последниот пат, Исус нема да дојде тивко и незабележливо. Нема да дојде сам и без потврда. Туку ќе дојде блескаво со Својата Божја слава, со Својата Божја моќ, ќе дојде така што сите ќе Го видат веднаш, сите ќе Го препознаат, Неговото доаѓање ќе биде страшно, неочекувано и величествено. Ќе биде опкружен со Своите ангели, со Своите пророци, светители, праведници, покрај Својата Мајка Богородица Марија, опкружен со Своите апостоли. Ќе седне на Своето судиско место, ќе седне на престолот на славата Своја. Вечниот, праведен и безгрешен суд, Му припаѓа само на Синот Божји. Светот е создаден во Синот Божји, во Логосот Божји, и само за Него, па така само Тој е единствениот совршен Судија, Кој ја има вистинската привилегија и право, да го оствари конечниот суд кон сите и за сè.
Вечната Божја моќ и слава, ќе ги собере сите луѓе пред Него да Го видат својот Творец, и сите создадени луѓе од почетокот на светот до крајниот момент на светот, ќе ги видат своите прародители, Адам и Ева, како стојат покрај Него. Сите народи ќе бидат собрани пред Него, и нема да има народ кој ќе биде поштеден или по различен од сите други. Затоа што сме сите чеда на Адам и Ева, и сите сме создадени од Бога како еднакви луѓе.
Овојпат Богочовекот Исус Христос ќе ги одвои луѓето навистина по нивните разлики. Едните ќе бидат одвоени како овци и поставени од Неговата десна страна, а другите пак луѓе, ќе бидат одвоени како кози, кои ќе бидат поставени од Неговата лева страна. Сите луѓе ќе бидат селектирани само во два типа, едните добри и праведни, кои се како овците незлобиви, кротки, мирни, благородни, чувствителни, емпатични, полни со воздржание, добродетелни и трудољубиви, полни со вера; а другите претставени како кози, лоши, расипани, злобни, егоисти, себељупци, полни со омраза, без милосни, без сочувство, без вера, без љубов, убијци, сатанисти, сите оние кои го уништуваат животот на сè околу себе.
Сите луѓе кои живееле во светот, кои починале, во тој момент, ќе бидат воскреснати повторно со своите тела, за да го добијат конечниот совршен Божји суд. Живите кои не се упокоиле, а го дочекале овој суден ден, ќе бидат заедно со сите воскреснати луѓе пред Царот. Сите пак луѓе во тој момент ќе добијат нова преобразена, вечна тела. Христос воскресна со ново преобразено тело на новата материјата; од смртна материја, постана вечно жива материја, па така сите луѓе ќе добијат преобразена телесна материја. Воскреснатите ќе воскреснат со новите тела, и на живите ќе се преобразат телата; а сите заедно ќе добијат нови материјални тела со своите лични души, та на тој начин, ќе бидат спремени за конечната вечност која ќе ја оформи Господ Саваот по Својата вечна идеа на целокупниот домострој на спасението и вечноста.
Тогаш Царот ќе проговори и ќе започне страшниот суд. Сите ќе бидат избезумени од страв поради Божјата моќ, но и поради трезвеноста дека овој суд е праведен, неподмитлив, совршен, вечен и бескраен. Сите ќе треперат од исчекувањето за да го добијат своето заслужено место. Господ е полн со добрина, полн со човекољубие, полн со милост, но во исто време и бескрајно праведен, Кој ќе суди со Својата бесконечна совршеност.
„Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот; зашто гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене“ (Матеј 25, 34-35-36).
Луѓето од десната страна се благословените икони Божји, кои го репрезентирале својот Господ во светот. Тие со својот трудољубив и богоугоден живот, се удостоиле да го наследат Царството Божјо. Господ ќе ги провозгласи пред сите и ќе ги награди со Својот вечен и прекрасен дар, тие кои постојано ја покажуваа и докажуваа љубовта во светот. Тие кои живееја по законот на љубовта, тие ќе бидат спасени и благословени. Господ ќе им каже дека биле добри и милостиви, дека биле полни со чувствителност и биле емпатични кон Него.
Но, праведниците, во своето трепетно изненадување, со својата скромност и смирение, ќе Го прашаат својот Господ, кога навистина Го виделе и сето она што Тој го наброил, навистина Му Го направиле? Тие не се сеќаваат во својата меморија, дека навистина Му сториле нешто добро на Господ. Тие никогаш навистина не Го виделе во својот живот, та затоа и зачудено Го прашуваат својот судија, кога нешто добро Му направиле? Поради своето смирение со кое што се красат добрите и праведни луѓе, тие никогаш не ги паметат своите дела. Тие ги забораваат добрите дела и сето добро кое го чинат, го чинат поради вистинската љубов која ги краси во нивните души. А љубовта не се гордее, ниту пак се превознесува.
Царот ќе им одговори на праведниците, дека доколку правеле добро на било кој човек кој имал потреба од помош, од утеха, од милост, од доброта, од сочувство, тогаш тоа на Него Му го направиле. Кога му помогнале на страдалник, маченик, бедник, на оној кој пати, кој е болен, тогаш тие покажувале искрена добрина. За таквите добри луѓе е наменето Царството Божјо. И тоа е суштината на нашата вера, кога се поистоветуваме со Божјото добро, кое нè инспирира и нè облагородува.
А Царот ќе им се обрати и на луѓето од левата Негова страна и ќе им рече, дека биле кон Него немилосрдни, расипани, злобни, лицемерни, егоисти, безмилосни; та ќе ги проколне и осуди на вечен оган, кој е подготвен за ѓаволот. Но тие дрски и безобразни како и секогаш, арогантни и злобни, ќе Го прашаат Господа оспорувајќи ја Неговата пресуда, кога биле такви кон Него како што ги опишува Судијата? Но Господ и на нив ќе им го каже истото, дека доколку ништо добро не правеле кон другите луѓе, тогаш ни на Него ништо добро не Му сториле.
Како заклучок, браќа и сестри, треба да ја сфатиме суштината на верата. Верата мора да биде исполнета со секаква добрина не кон себе, туку кон другите. Господ ја покажува постојано Својата добрина и ние сме должни да го живееме животот изразувајќи ја добрината. Господ ни вели дека меѓусебно треба да се љубиме, за да го наследиме рајот. Господ е изворот на совршенството и доколку вистински се доближуваме кон Господ, ние се приближуваме кон совршенството и ја впиваме совршеноста. Па така напоени со совршеноста, ние ја зрачиме истата во светот. Со што ќе бидеме исполнети и напоени во себе, тоа ќе го изразуваме околу себе.
Браќа и сестри, нека ни е благословен денешниот ден и уште денеска да започнеме да го живееме животот како прави чеда Божји.
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/nedela-na-strashniot-sud/