о. Александар Шмеман - За ѓаволот и егзорцизмот (1)

Example User · 11 months ago

    4 minutes, 27 seconds


 

http://mistagogia.mk/wp-content/uploads/2014/07/rsz_an-evil-presence.jpg

Современиот човек, дури и православниот, многу е зачуден што обредот на Крштението започнува со зборови, упатени кон ѓаволот. Во неговиот религиозен светоглед нема место за ѓаволот: тој поим, според неговото мислење, припаѓа на темното Средновековие и е карактеристично за ниското интелектуално ниво. Затоа многу луѓе, вклучувајќи овде и свештеници, сметаат дека изгонувањето на нечисти духови едноставно може да биде пропуштено како непотребен и несоодветен акт на нашата просветена и „современа“ религија. Што се однесува до неправославните, тие одат дури уште понатаму: тие тврдат дека е неопходно „демитологизирање“ на самиот Нов завет, негово ослободување од застарениот светоглед, од „демонологијата“ која само ја затемнува неговата вистинска, вечна смисла.

Ние нема да си поставиме за цел пред себе да го изложиме, дури и површно, православното учење за ѓаволот. Фактички, Црквата никогаш и не го формулирала него систематски, во форма на јасно и одредено учење. Сепак, за нас има големо значење тоа што Црквата секогаш имала опит, којшто го потврдува постоењето на демонските сили, т.е. едноставно речено, секогаш сме имале знаење за сатаната. Ако тоа непосредно знаење не нашло свој израз во јасно и систематско учење, самиот тој факт се објаснува, ако не со невозможноста, тогаш со тешкотијата, рационално да се дефинира ирационалното. А демонското или, општо речено, злото и претставува реалност на ирационален план. Некои философи и богослови, обидувајќи се да го објаснат, а со тоа и „рационализираат“ опитот и постоењето на злото, него го определувале како отсуство на добро. На пример, тие го споредувале со темнината која не е ништо друго, туку отсуство на светлина, којашто се расејува со појавување на светлина. Оваа теорија сукцесивно се прифаќала од деистите и хуманистите од сите нијанси, и до денес претставува неодделив дел од современиот светоглед. Притоа лекот против злото обично го наоѓаат во просветата и образованието. На пример, доволно е само да им се објасни на тинејџерите механизмот на сексот, да се отстрани „тајната“ и забраната, за тие да го употребуваат него рационално, т.е. добро. Доволно е само да се зголеми бројот на училиштата, за човекот, кој по својата природа е добар, да живее и да се однесува рационално – добро.

Сепак, ваквото поимање на злото е туѓо на духот на Библијата и опитот на Црквата. Напротив, злото не е само отсуство. Тоа е, всушност, присуство: присуство на нешто темно, ирационално, но сосема реално, иако изворот на тоа присуство можеби не е веднаш јасен и осознатлив. Така, омразата не е едноставно отсуство на љубов; тоа е присуство на особена темна сила, која во суштина може да биде извонредно активна, умна и дури креативна. И, безусловно, таа не е резултат на недостаток на знаење. Ние можеме да знаеме и да мразиме. Некои луѓе колку повеќе Го запознавале Христа, ја гледале Неговата светлина и благодат, толку повеќе Го мразеле. Осетот на злото како ирационална сила, која владее со нас и нè раководи, е во согласност со опитот на Црквата и познато на секој кој се обидел, макар многу малку, „да се подобри“ себеси, да се спротивстави на својата гревовна природа, да води подуховен живот.

Значи, нашата прва потврда се состои во фактот дека демонската реалност постои: постои зло како темна сила, како присуство, а не само отсуство. Но, можеме да одиме понатаму. Исто како што не може да има љубов без оној кој љуби, без личност која љуби, така не може да има и омраза без оној кој мрази. И ако возвишената тајна на доброто се содржи во личноста, така и возвишената тајна на злото исто така треба да има личносен карактер. Носител на темната ирационална сила на злото треба да биде (некоја) личност или (некои) личности. Треба да постои личносен свет на оние коишто избрале омраза кон Бога, кои избрале да бидат против. Кои се тие личности? Кога, како и зошто го избрале патот против Бога? На овие прашања Црквата не дава определени одговори. Колку е подлабока реалноста, толку е потешко таа да биде претставена со помош на формули и потврди. И затоа одговорот се крие во символи и образи, коишто говорат за бунтот против Бога на дел од ангелите, исполнети со гордост, во од Него создадениот духовен свет. Притоа, изворот на злото не е во нивното незнаење и несовршенство, туку, напротив, во нивното знаење и совршенство, коишто го овозможиле искушението на гордоста. Кој и да е тој, сатаната припаѓа кон најпрвите и најдобри Божји созданија. Тој бил доволно совршен, мудар и силен, може дури и да се каже доволно божествен, да Го познава Бога и да не Му се потчини – да Го познава и сепак да направи избор против Него, да посака слобода од Него. Но, бидејќи таквата слобода не е возможна во љубовта и светлината, кои секогаш водат кон Бога и кон доброволно потчинување Нему, таа неизбежно се остварува преку негирањето, омразата и бунтот.

Секако, овие оскудни зборови сосема не соодветствуваат на онаа страшна тајна, која тие се обидуваат да ја изразат. Бидејќи ние ништо не знаеме за таа првична катастрофа во духовниот свет – за омразата кон Бога, породена од гордоста, и за појавата на туѓата и зла реалност, која не била создадена од Бога, не била предизвикана од Неговата волја. Или, поточно, ние знаеме за тоа само благодарение на нашиот внатрешен опит на злото, на нашиот сопствен контакт со таа реалност. Тој опит секогаш се доживува како пад, како отказ од нешто вредно и совршено, како предавство на неговата суштина – како пад што има крајно противприроден карактер и којшто, сепак, станал неодделив дел од нашата природа. И кога ние го набљудуваме злото во себе и надвор од себе во светот, колку неверојатно евтини и површни ни се чинат сите рационални објаснувања, сите обиди да се објасни злото со одредени теории. Ако и можеме нешто да дознаеме за злото од нашиот духовен опит, тогаш тоа е следново: не треба да се објаснува злото, туку да му се спротивставуваме и да се бориме со него. Така постапил Господ со злото. Он не почнал да го објаснува. Господ Го пратил Својот Единороден Син, за да биде распнат од сите сили на злото и со самото тоа да ги победи нив со Својата љубов, вера и послушност.

Тој пат сме должни и ние да го следиме.

(продолжува)

отец Александар Шмеман

Г.Г.

Извор: http://mistagogia.mk/za-gjavolot-i-egzorcizmot-2/

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/katihizis/17917-za-gjavolot-i-egzorcizmot

Share:

Example User

Placeat id pariatur et eos et nostrum. Voluptas cupiditate non sunt. Iusto impedit dolorum eaque deleniti molestiae numquam praesentium. Voluptas eligendi nulla quo ipsa dicta maiores accusamus. Voluptate impedit et voluptas id magni. Magnam vero autem autem accusantium nesciunt. Sunt ad quas atque aut dolorum. Voluptatibus similique quidem culpa cumque quia officiis nisi.

All author posts

Related Posts

Image Description
11 months ago

ФАРИСЕЈСКАТА СТРУКТУРА НА ПСИХИЧКИОТ КОНФЛИКТ

Основната структура на психичкиот конфликт е фарисејска. Главните карактеристики на фарисејската структура се првенствено две: надворешно однесување и внатрешно психодинамично дејство.Надворешно фарисејско однесување. Фарисејската структура на менталниот конфликт е изразена во следните специфични ел...

Image Description
11 months ago

Еве, таквите семејства се благословени и среќни! (Совети од старец Харалампиј)

ЗА МОЛИТВАТА Блаженопочинатиот Старец сметаше дека некои работи се неопходни, како предуслов, за напредување на монасите. Првата е послушание, а другата доследно исполнување на духовните обврски, т.е. востановеното ќелијно правило, осамена молитва и редовно учество во заедничките богослужби. Бидејќи...

Image Description
1 month ago

Светата Тајна Причест – најдобриот лек

  Светата Тајна Причест – најдобриот лек        Храмот е најдобра и најизлечива болница, а оној кој ве советува, па макар бил тоа и српскиот патријарх или кој било владика, дека може само пет луѓе да бидат во храмот, тој или нема вера или служи некоја друга служба. Господ Христос е најдобриот...