Денес, по повод одбележувањето 153 година од раѓањето на великиот македонски револуционер Гоце Делчев, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со свештенослужители на Скопската епархија, отслужи Панихида пред Гоцевиот гроб, во дворот на храмот ,,Вознесение Христово”, крај Скопското кале.
На молитвеното застапништво за овој велик син на Македонија, Архиепископот ја произнесе следнава беседа:
Слободата – единствена Гоцева желба
Возљубени чеда и почитувачи на Гоце,
Возљубени во Господа,
Дојдовме да му се поклониме и молитвено да го чествуваме 153-от роденден на Гоце, на апостолот и идеологот на македонската револуционерна борба; се собравме да го одбележиме денот на раѓањето на личноста којашто ни е светол пример дека и тогаш кога како народ ни е најтешко, треба да постапуваме според зборовите од Светото Писмо: биди цврст и храбар, не плаши се и не се ужасувај, зашто Господ, твојот Бог, е заедно со тебе, каде и да одиш[1]. Па, Гоцевиот пример и целиот негов живот, иако краток, е вистинско исполнување на таа библиска порака. Затоа, неговиот роденден и понатаму ќе биде прославуван и неговиот спомен ќе биде чуван и ќе живее меѓу македонскиот народ, а, што е и најважно, неговата памјат ќе биде вечна во вечноживиот Бог!
А одбележувањето на Гоцевиот роденден е прилика да си спомнеме и за неговите родољубиви родители Никола и Султана Делчеви, и за сиот нивен пород, односно за Гоцевите браќа и сестри: Мицо, Милан, Христо, Руша, Цоца, Тина, Лика и Елена. За родителите на Гоце си спомнуваме со особена благодарност, затоа што своите деца ги воспитале да бидат честити христијани и храбри Македонци. За нивните рожби, пак, се сеќаваме затоа што некои од нив, задомувајќи дом, и самите им го пренеле богољубието и родољубието и на своите деца; а, пак, Мицо и Милан, со братот Гоце, се жртвувале за слободата на Македонија.
Затоа животот на Делчеви ни е прекрасен показател дека христијанското семејство не се има себеси за самоцел, туку дека за своја цел го има создавањето на силни и себеоддајни личности, кои со љубов и со одговорност им служат на своите ближни, на својата вера и на својот народ, давајќи принос во обидот светот да стане подобро место за живеење.
Растејќи во таков дом, Гоце, како што сведочи еден негов соученик и соборец, уште од детството бил: „кроток, милослив, набожен, жалостив спрема другите, молчалив, скромен“[2], но истовремено и амбициозен, упорен и неплашлив, и имал една и единствена желба, којашто мајка му Султана радосно и често им ја кажувала на Гоцевите другари, а таа негова желба била – да ја ослободи Македонија![3] Затоа, впрочем, тој се запишал во военото училиште во Софија. Па кога Иван Хаџи Николов дошол таму за да бара личност која би застанала на чело на револуционерната организација, речено му е: „Има само едно лице со кое ќе можеш сериозно да зборуваш по македонското прашање. Тоа е питомецот Гоце Делчев!“[4]
Имено, слободољубивиот Гоце знаел дека барањето на некаква лична среќа во земја на сенародна несреќа е недостоинствено дело. Затоа станал член на Организацијата и нејзе и на нејзината борба ѝ ја посветил својата младост. Тој бил потполно свесен дека револуционерното делување може да значи недочекување на старост, но вроденото кај него и од детството од родителите пренесувано чувство на одговорност и должност за општото добро, направило Гоце поинаку и да не може! Тој, едноставно, не можел животот да го посвети на ништо друго, освен, како што вели светиот апостол Павле: на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба[5], а тоа е да стане водач и идеолог на македонската револуционерна борба! Затоа нашиот народ и испеал: „ …нашол се нашол, изнашол, млад Гоце Делчев војвода, чумата да ја истера, чумата од Македонија[6].
Откако се зачленил во Внатрешната македонска револуционерна организација, Гоце тргнал да оди по цела Македонија, храбрејќи го народот и ширејќи го словото за слободата. Притоа својата надеж тој ја полагал, пред сѐ, на Бога, во Кого што секогаш имал непоколеблива вера. Така, меѓу другото, Гоце, за помош во борбата против порободителите ја посетил и Света Гора!, а додека бил учител во штипско Ново Село, тој со особена радост ги дочекувал најголемите христијански празници. Така, на пример, на Божик уште во раните утрински часови низ Ново Село, предводејќи ги своите ученици во поворка, и со ѕвонци и клопотарци радосно го возгласувал Христовото раѓање![7]
Но, на 4 мај 1903-тата година, на одвај наполнети триесетина години, Гоце го положил својот живот за Македонија и заминал во местото во кое почиваат праведниците. Тоа се случило две години откако загинал брат му Милан, а неполни два месеци по него, во борба со аскерот, загинал и брат му Мицо.
Возљубени, Гоце поживеал 31 година, но, еве и 122 години по неговиот последен роденден, ние, неговите потомци, продолжуваме да го одбележуваме 4 февруари, и должни сме тоа да продолжиме да го правиме, како што сме должни и борбата Гоцева и на неговите браќа, сестри и борци за Македонија – да ни биде и наша борба; неговата непокорност пред силните на денот – да ни биде пример за наше достоинствено стоење и однесување пред секого; неговиот идеал светот да биде поле за културен натпревар меѓу народите – да ни биде потстрек на секое поколение Македонци да му создаваме услови за учество во тој благороден натпревар!
Ќе потсетам, Гоце велел: „делото на ослободувањето на еден народ, е, пред сѐ, негово сопствено дело, дело на неговите сопствени раце“, а тој со својот живот – тоа и го покажал! Но ако ослободувањето на еден народ е негово дело, тогаш и неговото останување слободен треба да е негово дело и треба да е негова должност.
Затоа, оддавајќи му почит на Гоце, да го следиме во неговата љубов кон родот, кон Татковината и кон нивната слобода, и да ја имаме неговата непоколеблива настојчивост за правда, зашто само така ќе се покажеме негови достојни чеда и негови вистински следбеници! Амин!
Нека му е вечен споменот!
[1] Ис. Н. 1, 9.
[2] Гоце Делчев I – VI, том III, Култура, Скопје 1972, 22.
[3] Истото, 37.
[4] Истото, 39.
[5] Фил 4, 8.
[6] Од „Црна се чума зададе“.
[7] Гоце Делчев I – VI, том III, 60.









Извор: https://mpc-spe.mk/arhiepiskop/aktivnosti/153-godin%d0%b8-od-raganjeto-na-goce-delcev-2025/
Source: https://liturgija.mk/aktuelno/mpc/panihida-po-povod-153-godini-od-ragjanjeto-na-goce-delchev/