Свети Василиј Велики

Свети Василиј Велики, дело на зограф Александар Иванов
Свети Василиј Велики, дело на зограф Александар Иванов

Внимавај на себе, свештенику, и на оние кои ќе ги учиш, и гледај на службата која си примил да ја исполнуваш; бидејќи не ти е доверена земска служба, туку небесна; не човечка, туку ангелска.

Погрижи се себеси да се претставиш пред Господа како непосрамен работник, кој правилно управува со словото на Вистината (1. Тим. 3, 15). Никогаш немој да дојдеш на Собрание (=Литургија) имајќи непријателство кон некого, да не го изгониш (Духот) Утешител во денот на Собранието (=Литургијата). Не суди, не карај се воопшто, туку оттргни се престојувајќи во Црквата, моли се и читај до часот кога треба да го извршиш Божественото Тајноводство (=светата Евхаристија), и така застани во умиление [и чисто срце] пред Светиот Жртвеник, не гледајќи лево и десно, туку со страв и трепет стоејќи пред Небесниот Цар. Немој заради угодување на луѓето да ги брзаш молитвите, или да ги скратиш, ниту молејќи се да гледаш на лицето на луѓето (Лука 20, 21), туку гледај само на Царот што стои пред Тебе и Силите (небесни) кои стојат наоколу. Направи се достоен себеси за Свештените Канони; немој да сослужуваш со оние на кои канонот им забранил (=кои се под забрана). Гледај пред Кого стоиш, како свештенодејствуваш, и на кои ќе им предадеш (Причест). Гледај да не ја забораваш Владичната (=Христова) заповед и онаа на светите Апостоли: „Светињата, вели, не ја давајте на кучињата, и не си го фрлајте бисерот пред свињите“; „Пазете се од кучињата“, итн. (Мат. 7, 6; Филип. 3, 2). Гледај, пак, немој од страв да отстапуваш пред човек, уплашувајќи се од човек – на свој пад. Не предавај го Синот Божји во рацете на недостојни. Гледај, немој да се засрамиш од славните на земјата, ни од оној кој носи круна немој да се исплашиш во оној час, кога ќе застанеш да (Му) служиш (на Господа). Гледај како ќе им дадеш на оние кои сакаат (Божествениот) Дар да (го) земат во домовите[1]; јас немам нешто (=учество) во тоа, ти ќе видиш! – На достојните, пак, за Божествена Причест дај им бесплатно, како што си добил и ти. На оние на кои Божествените Канони не им дозволуваат (Причест), немој да им даваш, бидејќи се сметани за незнабошци, и ако не се повратат, тешко [и ним и] на оние кои им даваат. Гледај, јас немам нешто (пристрасно), ти ќе видиш! Гледај, пак, глушец или нешто друго да не се допре до Божествените Тајни, ниту од немар твој да се навлажнат (=сплескаат), или да се изгорат, или да се употребат од несвештени и недостојни.

[Гледај како ќе ги употребиш Светињите по завршувањето на Божествената Литургија; немој од брзање да (ти) падне честичка; гледај да не остане вино во Светиот Путир па да се извалка (или зар`ѓа), туку кога обете ќе ги средиш, тогаш замини. Гледај, ако остане од Светите Дарови, не е дозволено со нив да се причестат (=да ги употребат други) освен само свештениците; а ако не, тогаш има доволно мудри деца (paidja s9frona), доведи ги и нив да се причестат, и нека останат постејќи до 11 часот. Гледај муви да не паднат во Светиот Путир, или да не слетаат на Артосот; гледај ништо друго да не се допре до Божествените Тајни].

Ова и слично на ова запазувај, и ќе се спасиш себеси и оние кои те слушаат.

Извадок од книгата „Свештени канони на Светата Православна Црква“.

[1] Во Египет го имале овој обичај, како што сведочи свети Василиј (Писмо 93 )