„Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое
со страстите свои и похотите“ (Гал. 5, 24)
Распадливата и минливата убавина од овој свет ги привлекува кон себе луѓето кои жеднеат за неа, па тие, заради малку сласт, се колебаат во своите чувства и во својот ум, па не само што го презираат ветениот небесен живот, туку се одвраќаат и од самиот Творец на вистинскиот живот, прифаќајќи ја на тој начин лутата и бесконечна смрт. Спротивно од нив, има луѓе, кои, подобно на преподобниот отец наш Наум, Охридскиот Чудотворец, поттикнати од вечните небесни богатства, живеат овде на земјава со неизмерна желба за нив и ги наситуваат своите срца со божествена и неискажлива сласт, па тие, не само што го презираат временското и минливото, туку ни својот живот не го штедат, сакајќи за Христа да ја положат својата душа, а смртта за Христа ја претпочитаат пред сите земни страсти и задоволства.
Читајќи го денешното апостолско четиво, јасно ги слушнавме зборовите на апостолот Павле: „Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите“ (Гал. 5: 24). Овие зборови јасно ни сведочат, дека денешниот европски човек се наоѓа на една огромна раскрсница, на едно реално распетие. Можеме ли да направиме споредба за што денес се распнува човекот? Дали, по примерот на преподобниот Наум Охридски, го распнува телото свое заедно со своите гревови заради Христа, или, пак, се распнува заради земните лажни идеали, кои ни ги нуди денешната повампирена Европа и Новиот светски поредок. Иако од времето на преподобниот Наум до денес има поминато многу временски интервал, сепак, идеите за кои тој се подвизувал во свое време се секогаш актуелни. И денес има луѓе кои безрезервно го следат неговиот пример и живеат на начин со кој се распнуваат себеси заради Христа Бога, но, многу повеќе денес ги има оние кои се распнуваат на илјадници разни начини, а сè со цел да си угодат себе си и на својата суета.
Денешниот европски човек е роб на творбите и не е повеќе господар над нив. Денешниот човек секојдневно се поклонува пред творбите, пред идеалите кои тој сам ги направи. Во својот поход против сè што е натприродно, човекот го замени својот идеал на служење на Бога, оној идеал кој го имал преподобниот Наум Охридски. Денешниот човек го замени небото, ја замени душата, ја замени бесмртноста, вечноста, го замени самиот Бог. Се труди со сите сили себеси да се прогласи за бог, зашто на оваа помрачена планета човекот и не може да издржи без некаков бог, па макар тој да биде и лажен. Таква е денешната кобна иронија на нашиот современ човек, за разлика од вечната смисла на животот, која ја имал преподобниот Наум.
Што ќе остане од човекот кога од неговото тело ќе се извади душата? Само труп и ништо повеќе. А, што остана од денешната Европа, кога од нејзиното тело го извадија Бога? Повторно труп. Каков е оној човек кој ја негира душата во себе и во светот околу себе? Ништо друго, освен униформирана глина и мртовечки ковчег кој оди. Резултатот е поразувачки: заљубен во творбите, европскиот човек, на крајот, и сам постанува творба. Личноста е уништена. Останува само човек-творба. Веќе не постои цел, интегрален човек, туку само делови од човек, музејски остатоци од човек, телесна лушпа од човек, од која е избркан духот. Можеби лушпата е дотерана и измазнета, но сепак е само лушпа. Денешните европски идеали, кои се спротивни на Христовите, го обездушија човекот и го механизираа. Европа и нејзините идеали денес постанаа некаква чудна машина која ги проголтува луѓето и ги преработува во обични луѓе.
Но, да се запрашаме, какви се идеалите на човекот кој е подобен во својот живот на идеалите на преподобниот Наум Охридски? Какви се идеалите на оној, кој сака да го распне телото свое со страстите свои и похотите? Тие идеали почиваат на личноста на Богочовекот Христос. Бог постана човек за да го издигне човекот до Бога. Тоа е почетокот и крајот, помеѓу кои се движи православниот човек. Негова парола е: Богочовекот во сè да биде прв, да биде сè во сè. Животот на преподобниот Наум Охридски, кој треба да ни служи за наш пример, е доказ дека во таквиот живот се докажува најтесното единство на Бога со човекот. Во таквиот живот ниту Бог се потценува на сметка на човекот, ниту човекот на сметка на Бога.
Преподобниот Наум Охридски и неговиот живот претставуваат уште еден доказ – човекот е величествен единствено кога е со Бога. Без Бога, човекот не е ништо друго, освен неколку килограми кал измешана со крв. Што претставуваат луѓето без Бога, ако не – гроб до гроб? Денешниот европски човек, спротивно на свети Наум, ги осудил на смрт и Бог и душата. Зарем со тоа не се осудил и самиот на смрт, по која, според него нема воскресение? Да го објавиме искрено и непристрасно билансот на денешната европска философија, наука, политика, цивилизација и сите едногласно ќе заклучиме дека во денешниот човек тие го убиле Бога и бесмртноста на душата. Но, ако сериозно погледнеме во трагиката на човечката историја, ќе мораме да видиме дека богоубиството секогаш завршува со самоубиство. Да се потсетиме само на Јуда. Тој е неизменливиот судбински закон кој владее со оваа губава планета. Зградата на европскиот човек, ѕидана без Христа, мора да се разурне, за разлика од онаа зграда, која ја ѕидал свети Наум, Чудотворецот, која за темел Го имала Христа. А, како резултат на денешното богоотстапништво, мораме да ги видиме и плодовите од тоа: настана сеопшта збрка, денес човек човека не го разбира, душа со душа не се разбира, народ со народ не се разбира. Се дигна човекот против човекот, царство против царство, народ против народ, а наскоро можеби и континенти против континенти. Европскиот демонизиран човек се наоѓа во една неизлечива вртоглавица. На врвот на својата вавилонска кула го поведе „натчовекот“, и со тоа сакаше да ја заврши својата градба, но „натчовекот“, кој е под врвот, се избезуми и се урна од кулата, а и кулата заедно со него. Зарем дојде време кога ќе констатираме дека небото веќе е пусто, бидејќи го нема Бога на Него, пуста е и земјата, бидејќи веќе нема бесмртна душа на неа! Денешна Европа постана обична гробница и ништо повеќе.
Светот е нешто кое треба да се совлада. Ќе се запрашаме: како? Само со горниот свет. Духот на нашето време, исто така, е нешто кое треба да се совлада. И пак ќе се запрашаме: како? Со Христовиот Дух. И човекот е нешто кое треба да се совлада. Како? Само со Богочовекот Христос. Христовите луѓе, оние, подобни на преподобниот Наум Охридски, од Бога се и го победуваат светот, бидејќи поголем е Оној, Кој е во нив, отколку оној, кој е во светот. Современите христијани се уплашени од духот на нашето време: од атеизмот и анархизмот, од војните и револуциите – и се плашат да се борат со него, зашто го изгубиле чувството дека Христос, Кој е во нив, е поголем од духот на злото кој е во светот. Но, крајно време е православните христијани да се облечат со Божјото оружје, за да можат да се одржат против лукавствата од овој свет. Неопходно е целата своја душа и целото свое тело да го поттикнат на вечно разбудена ревност и бдеење, потпомогнати со силата на молитвата и постот. Време е своите бедра да ги опашеме со вистината и да се облечеме во оклопот на правдата, да ги облечеме своите нозе во Евангелието на мирот и да го земеме штитот на верата, да го земеме шлемот на спасението и духовниот меч – Божјото слово, и да се молиме на Бога непрестајно, стражарејќи со секакво трпение. Впрочем, таква борба воделе Господ Христос и апостолите, мачениците и подвижниците. Таква борба водел и денешниот славеник, преподобниот отец наш Наум Охридски, и во таа борба излегол како апсолутен победник. Зашто оној, кој се бори со ваква стратегија, никогаш не знае за пораз. Преподобниот Наум Охридски го следел богочовечкиот Христов пат и успеал да го победи духот од овој свет. Сè што е привремено, тој го претвори во вечно, сè човечко во богочовечко, и душата, и телото и своите сетила тој ги претвори во бесмртни, нераспадливи и вечни. Преподобниот Наум постојано живееше во духот на Вечноста, а никогаш според духот на времето, па затоа ни остави и нам еден аманет: да живееме секогаш со Богочовекот, никогаш според човекот; да живееме секогаш во духот на Вечноста, а никогаш според духот на времето.
Протојереј Златко Ангелески
The post Преподобен Наум Охридски appeared first on Литургија.мк.
Source: https://liturgija.mk/pouka/propovedi/prepodoben-naum-ohridski/