Во продолжение ја пренесуваме проповедта на Митрополитот на Сенаки и Чхороцку Шио (Симеон) Муџири од Грузиската православна црква, изречена во Патријаршискиот храм „Света Троица“, во Тбилиси, на 22 декември 2024 година, во дваесет и шестата недела по Педесетница.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Денес во Евангелието прочитавме дека еднаш на Господ Исус Христос му пристапиле десет лепрозни мажи. Тие застанале оддалеку и извикале: „Исусе Учителе, помилуј нè!“ (Лк. 17, 13). Како што знаете, на лепрозните им било забрането да живеат во општеството и дури да се приближуваат до луѓето. Таква страшна судбина имале. Тие ги губеле семејствата, ги губеле блиските и биле на работ на целосна безнадежност и очај. Овие десет лепрозни додека имале здравје и живееле нормален живот, не верувале во Исус Христос. Околу нив имало многу книжници, фарисеи, кои го одрекувале тоа дека Христос е од Бога, дека Тој со Божја сила прави сè; Го прогонувале и Му се потсмевале, како што помните. Затоа не е чудно што и тие потпаднале под нивно влијание; но кога ги снашла несреќа – тешка болест, тие се сетиле на сè што слушнале за Исус Христос, за Неговите чуда, можеби и со свои очи виделе и ете, нивниот однос целосно се променил.
Општо, во животот често е така и најчесто, кога човек живее во релативна благосостојба, помалку мисли на Бог, на неопходноста од Божјата милост, но кога ќе го снајде несреќа или некое тешко страдање, човекот се смирува, му се отвора сосем друг поглед и со поинакво око гледа на многу нешта.
И на овие лепрозни така им се случило. Ним, освен Божјата милост, не им останала никаква друга надеж, затоа доаѓаат кај Спасителот и бараат помилување. Господ ги благословил од далеку и им заповедал да одат кај свештениците, бидејќи во случај на исцеление на лепрозен, свештеникот требало да го потврди ова, за потоа овој исцелен да го пуштат во градот или селото, односно во населено место. И тие заминале и набргу виделе дека сите десетмина се исцелиле, но од нив само еден се вратил кај Христос да Му заблагодари. Тој дошол кај Господ, клекнал пред Него, гласно Го прославил Бога и Му заблагодарил. Господ му рекол: „Стани и оди си, твојата вера те спаси“ (Лк. 17, 19).
Кога размислуваме за оваа епизода од Евангелието, си велиме себеси: не, јас да бев на нивно место, не би постапил така, на местото на овие девет неблагодарни задолжително би отишол кај Господ и би Му принел благодарност. Но навистина ли е така, драги браќа и сестри? Навистина ли повеќе личиме на овој еден благодарен и не личиме на деветте неблагодарни? Нели Исус Христос за нас направил многу повеќе отколку за овие лепрозни? Нели и нас нè исцели Тој со Своите страдања? Нели претрпе Тој плукање, тепање, крст и смрт за нас, за нашето спасение? За да ја внесе во нашата природа и на секој од нас да му даде таа потенцијална сила, со која можеме да се спасиме од страшното зло?! Ете, тоа беше главниот подвиг на Господ на оваа земја.
И покрај ова, во секојдневниот живот ние сепак ретко мислиме на ова, помалку се сеќаваме на ова и ретко го темелиме нашиот живот на благодарност кон Христос за сè што направил за нас; според тоа, почесто личиме на оние девет неблагодарни, отколку на овој еден благодарен. А во ова време токму со овој еден е вистинската правда, вистинската вистина и токму со овој еден, до нозете на Спасителот можеме да живееме вистински живот, со благодарност. Ете, тоа е нашата обврска на благодарност и патот на нашето спасение. Амин.
Извор: https://sazu.ge/posts/post/1938
Source: https://liturgija.mk/aktuelno/pravoslavni/propoved-vo-26-nedela-po-pedesetnica/