СТРАШНИОТ СУД НАД БОГА

Example User · 3 years ago

    13 minutes, 31 seconds


 katakomba.jpg

СТРАШНИОТ СУД НАД БОГА

Архимандрит Јустин (Поповиќ)
(беседа на Велики Петок изнесена во Сремски Карловци 1926 година)

 Никогаш во човекот Го немало Бога помалку, драги браќа, отколку денес; никогаш Го немало помалку, отколку денес! Денес ѓаволот се овоплотил во човекот да го “разовоплоти” Богочовекот. Денес целото зло се вселило во телото на човекот, за да го истера Бога од таму. Денес целиот пекол се преселил на земјата. Дали некој се сеќава, дека земјата некогаш беше рај? Денешното паѓање на човекот е неизмерно поголемо од (првото) некогашното (Адамовото). Тогаш човекот отпаднал од Бога, а денес (човекот) го распнал Бога, го убил Бога. Човеку, како ти е името, ако не ѓавол?! Но, што зборувам јас? Тоа е навреда за ѓаволот. Ѓаволот никогаш не бил така зол, така искусно злобен, како човекот. Господ Христос и во пеколот слегол, но таму не го распнале. А ние Го распнавме! Зар луѓето не се по лоши од ѓаволите? Зар земјата не е попеколна и од пеколот. Од пеколот не го протераа Христос, а луѓето денес Го протераа од земјата, го протераа од телото, од душата, од својот град ...

 Во зеницата на мојата душа, браќа мои, како змија се всели една злобна помисла, и постојано ме измачува (ме прашува:) дали некогаш човекот бил добар, штом можел да го распне Христос? Ти веруваш во човекот, се фалиш со него, оптимист си? Ох, види го човекот, види го човештвото од зенитот на Велики петок, види како човекот го убива Богочовекот, и кажи ми: зар и сега си сеуште оптимист? Не се ли срамиш од тоа што си човек? Не гледаш ли дека човекот е полош и од ѓаволот?

 Заборавете ги сите денови пред, и сите денови после Велики Петок. Разгледајте го човекот во границите на Велики Петок - не е ли тој зеница на секое зло, хиподром на сите искушенија, собиралиште на сите гадотии? Зарем денес полудила земјата во човекот? Зарем денес човекот убивајќи го Богочовекот, докажал  дека тој е навистина лудоста на земјата?

 Ни Страшниот суд, браќа мои, не ќе биде пострашен од Велики Петок. Не, без сомнение, тој ќе биде помалку страшен, зашто тогаш Бог ќе го суди човекот, а денес човекот Го суди Бога. Денес е Страшниот суд за Бога! Човештвото Му суди! Денес човекот Го отценува Бога, Го проценува со триесет сребреници. Христос - за триесет сребреници!!! Дали тоа е последната цена? Зарем Јуда е нашата последна реч за Христа?
Денес човештвото Го осудило Бога на смрт - тоа е најголемиот бунт во историјата на небото и земјата; тоа е најголемиот грев во историјата на небото и земјата. И паднатите ангели не неправиле такво нешто. Денес се извршил Страшниот суд над Бога. Светот никогаш не видел по невино Осуден и побезумен судија. Исмејан е Бог пострашно, отколку кога и да било. “Сесместливиот ад” денес се вселил во човекот и Го исмеал Бога и сѐ што е Божјо. Денес е исмејан Оној, Кој никогаш не се смеел. Се зборувало дека Господ Исус никогаш не се смеел, но често Го гледале да плаче. Денес е понижен, Оној Кој дојде нас да нѐ прослави; денес Го мачат, Оној, Кој дојде нас да нѐ избави од маките. На смрт се предава денес, Оној, Кој ни донесе Вечен Живот. Човеку, има ли крај твоето безумие? Има ли дно твоето паѓање?

 Крстот, најсрамниот дар Му Го подаривме на Оној, Кој ни подари вечна слава. Прокажанику, Тој те очисти од лепрата, зар затоа ли му подаруваш крст? Слепецу, Тој ти ги отвори очите, зар за да гледаш, та да направиш крст и да Го распнеш на него? Мртовецу, Тој те воскресна од гробот - зар Него да го положиш во својот гроб? Со благи вести ја заслади Слаткиот Исус горчливата тајна на нашиот живот, браќа! За која од нив му даваме таква горчина? 
“Народе мој, што ви направив? Не ја исполнив ли Јудеја со чуда? Не воскреснав ли мртовец со еден збор? Не исцелив ли секаква болест и тага ...? Што ми дадовте? За исцеленијата - рани, за животот - Ме убивте и Ме распнавте на дрво”  ...

 Велики петок, браќа, е нашиот срам, и нашиот пораз. Во Јуда Искариот имало по малку од секоја наша душа, од душата на секој од нас. Да не беше така ќе бевме безгрешни. Преку Јуда сите паднавме, сите го продадовме Христа, сите го предадовме Христа, и го примивме ѓаволот, и го прегрнавме сатаната. Да, сатаната. Зашто во светото Евангелие е кажано: “И после залакот, сатаната влезе во него” (во Јуда) (Јован.13:27). После кој залак? После залакот што Христос му го даде! После Причеста! После Христос!!! Ах, има ли поголемо предавство, по голем ужас?


 Среброљубие, ти Го предаде Христа! Среброљубие, ти и денес Го предаваш. Јуда кој бил ученик Христов, кој три години бил со Него, кој присуствувал на сите Христови чуда, кој со името Христово очистувал прокажени, исцелувал болни, воскреснувал мртовци, изгонувал нечисти духови, истиот тој Јуда - среброљубието го направи предавник и Христоубиец; како тогаш тебе и мене да не нѐ направи предавнци и Христоубијци, мене, кој три години не сум го гледал Бога во тело, кој не сум ниту прокажани очистувал, ниту болни сум исцелувал, ниту мртви сум воскреснал со името Христово? Јуда долго бил со Оној, Кој немал каде глава да подсклони, со Оној, Кој и на дело и со зборови учел, дека не треба да се носи ниту сребро, ниту злато. А јас? А ти? Ако не умееш да се радуваш во сиромаштија, брате, ако не можеш да си среќен во сиромаштија, значи ти си кандидат - Јуда. Не прашувај: “Да не сум јас Господи?” Зашто несомнено ќе ги слушнеш зборовите: “Да, ти рече”. Мечтаеш ли за богатство, гори ли во тебе желбата за пари, знај дека во тебе зачнува Јуда. Брате и пријателу, за цел живот запомни: среброљубието Го распнало Христос, среброљубието го убило Бога. Среброљубието, од ученик Христов направило непријател, убиец на Христа. Но не само тоа: тоа го убило и Јуда.

Среброљубието го има тоа проклето својство - не само да го направи човекот Христоубиец, но и самоубиец. Во почетокот, тоа Го убива Бога во душата на човекот, и откако ќе Го убие Бог во човекот, тоа на крајот го убива и самиот човек.
 Смртта е страшна тајна, брате, но најстрашно е кога луѓето Го предаваат Бога на смрт, и сакаат да Го убијат, целосно да Го уништат, Тој да биде мртов, мртов - без остаток. Денес е ден, кога луѓето се страшни за Бога, зашто Го мачат Бога како што никој никогаш не Го мачел; зашто тие плукаат по Бога, како што никој никогаш не плукнал; тие Го бијат Бога, како што никој никогаш не Го биел. Нека замолчи с# што се нарекува човек! “Да молчи секоја плот човечка” ! Нека никој да не се фали што е човек, никој да не го фали човештвото, зашто ете: човештвото не Го трпи Бог крај себе, тоа го убива Бога. Дали е за фалење тоа човештво? Нека никој не се фали со хуманизмот! Ах, та тоа е сѐ, едноставно - сатанизам, сатанизам, сатанизам ...

 Денес, не бесовите, не ѕверовите, не чакалите, но луѓето исплетија венец од трнја на главата Христова. Со венец од трнје е крунисан Оној, Кој човекот го овенчал со безсмртност. Венец од трнје плети човештвото околу главата на Оној Кој исплетил венец од ѕвезди околу земјата! Венец од трнје за Христос плетам и јас, и ти, пријателу, ако сум среброљубец, ако сум блудник, ако сум прељубодеец, ако сум богохулник, ако сум клеветник, ако сум “оговарач”, ако сум пијаница, ако сум немилостив, ако сум гневлив, ако имам грешни мисли, ако имам нечисти чуства, ако немам вера, ако немам љубов. Секој мој грев, секој наш грев е трн, што ние го плетиме во проклетиот венец, венец што безумното човештво непрестајно го плете околу главата на Господ Исус Христос.

 Во измачувањето на Бога, човекот е понемилосрден и од ѓаволот. Не верувате ли? Чујте што кажал еден очевидец:  “Тогаш Го плукаа по лицето” (Мат. 26:67) - по Неговото лице, по Неговото чудно и прекрасно лице... Господи, зошто устата не им се покри со лепра и не се покри со рани? Зар не за да не научиш на трпение и кротост...? Го плукаа она прекрасно, она благо Лице, Кое е по вредно од сите созданија, од сите блаженства. Што зборувам? Да, подрагоцено од сите блаженства, зашто во Тоа кротко Лице е соединето вечно блаженство, севидна вечна радост... Го плукнаа она свето Лице, пред Кое морето се смируваше и умилкуваше; она Лице, Кое ги умиротворуваше смутените души и даваше покој на сите. И вие се фалите со човекот? Ох, соберете си ги знамињата, вие молци и ништожници! Никој, никој не треба да се срами повеќе од себе си, како човекот - никој од бесовите, никој од ѕверовите, никој од животните... Луѓето го плукаат Бога, - има ли нешто по ужасно од тоа? Луѓето Го бијат Бога, - има ли нешто по бесовско од тоа? Браќа, ако нема пекол, треба да се измисли за луѓето, - да се измисли само за луѓето... 

 Него, Творецот и Спасителот, Го плукаат и бијат, а Тој кротко и тивко трпи сѐ. Имаш ли нешто да кажеш ти, кој за секоја навреда, со навреда враќаш? Кој на секое зло, со зло враќаш? Кој колнеш кога те колнат, и мразиш кога те мразат? Врајќајќи на злото со зло, ти го плукаш Господа Христа; ги мразиш оние што те мразат?! - ти Го биеш и мачиш Христа; врајќајќи на навреда со навреда, ти Го срамиш Христа, бидејќи Тој не правел така.
 “И Пилат Го предаде на распнување кроткиот Господ” (Јован 19:16). А луѓето Го водат од митарство до митарство, од мака до мака, од навреда до навреда... И исмеаниот Бог Го распнуваат; Го приковуваат на Крст. Зар клинци забивте во рацете Христови - рацете, кој исцелија толку болни, кој очистија толку прокажани, кој воскраснаа толку мртовци? Зар да ја замолкнам устата што зборува, како што човекот никогаш не зборувал? Јаире, каде си?! Лазаре, каде си?! Наинска вдовицо, каде си, каде си, да го заштитиш твојот и мој Бог?! Дали Го распнавте Него - надеж на безнадежните, утеха на неутешените, око на слепците, уво на глувите, воскресение на мртвите? Зар забивте клинци во тие свети нозе, кој носеа мир, кој благовестеа; кој по морето, како по суво одеа, кој брзаа кон сите болни, кон мртвиот Лазар, кон “гадаринскиот” бесоопседнат?
 Распнат е Бог! Задоволни ли сте, богоборци?! Среќни ли сте, богоубијци?! Што мислите за Христа на крстот? Измамник е; немоќен ли; соблазна ли е:  “Ако си Син Божји, слези од крстот! Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себе Си! Ако си Син Божји, слези од крстот!” (Мат. 27 : 40; Марк. 15 : 29 - 30).

 Што мисли Господ на крстот, за луѓето пред крстот? Она, што само Бог на љубовта и Бог на кротоста може да мисли: “Оче! Прости им, не знаат што прават” (Лука 23:34). Навистина не знаат што прават со овоплотениот Бог. Зар на Господ Му било полесно во тело или на крстот? Потешко, ви кажувам, отколку кога јас во секоја пора би имал по еден бес. Зашто бескрајно поголема е разликата помеѓу Бога и човекот, отколку човекот и ѓаволот; помеѓу смртта и Бога, отколку помеѓу смртта и човекот. Спасителот ја чуствувал таа мака: Неговата чиста, безгрешна природа се кренала против смртта, и Тој на прагот на смртта се загрижил и почнал да тагува: “Смртно е нажалена Мојата душа” (Мат. 26, 37-38).

 Кога и Бог скрби, кога и Бог тагува поради смртта, тогаш кажете ми: Има ли за човекот нешто пострашно од смртта? Има ли нешто по неприродно од смртта? Нешто поодвратно од смртта? Смртта е тешка за Бога, а камо ли за човекот. Од сѐ, за човекот најтешка е смртта, зашто представува најголема одалеченост на човекот од Бога. Човекот во Христос го почуствувал тоа и со болка исповедал: “Боже мој, Боже мој! Зошто си ме оставил?” (Мат.27:46). Тој плач излегува од Единородниот Син Божји, Кој е Едносуштен на Оца, едно со Отецот. Не е ли тоа најголемиот доказ дека смртта е сила што не оттурнува од Бога; не оддалечува од Бога; не разединува со Бога?
 Го распнавме Бога? Човеку, што сакаш повеќе? Да не беше благоразумниот разбојник, за тебе не би имало оправдание. Да не беше тој, земјата за секогаш би останала пекол. Кога сите ученици се соблзнале во Христа, разбојникот Го исповедал како Христос и Цар: “Спомни си за мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Твое” (Лука 23:42). Разбојникот е нашата надеж, зашто поверувал во Христос како во Бог, тогаш кога сите ја изгубиле верата во Него; зашто поверувал во Исус како во Господ, тогаш кога Исус бил поруган, исмејан, измачен…, кога бил во најсрамна положба, кога, како секој човек страдал и се мачел ужасно.
 Но додека луѓето го плукале Бога, додека го распнувале, тогаш целата природа негодувала против тоа: “А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час; А Исус повторно извика со висок глас, го испушти духот. И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела; од горниот крај до долниот; и земјата се потрес; и карпи паднаа; и гробовите се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа; (Мат. 27:45, 50-52).
 Кога луѓето завршиле со својата комедија, кога замолкнале; тогаш проговорила вселената, проговориле камењата и се покажале поосетливи од луѓето, (поосетливи) за болките Христови. И сонцето проговорило: Од срам ја повлекло својата светлина од нашата страшна планета. Светлината се срамела од тоа на што луѓето се радувале. Мртвите во гробовите го слушнале лелекот Христов и се пробудиле и излегле од гробовите, додека живите луѓе стоеле под Крстот и во телата ги носеле мртвите души. “Денес се раздели црковната завеса за изобличување на безакониците, и сонцето ги скри своите зраци, гледајќи го Господа распнат” .
 “Всја сострадаху создавшему всја”. Сите сочуствуваа со Создателот на сите . Да, сѐ и сешто го почуствувало распнувањето на Христос, сѐ и сешто, освен човекот, освен луѓето. Целата твар, дури и на крстот во Христа познала Бог и Го исповедала Христос како Бог. И на крстот, Христос покажал дека е Бог. Како? Како? Со одговорот што му го дал на разбојникот. И уште како? Со помрачувањето на сонцето, и земјотресението. И уште како? Со молитвата за своите непријатели: “Оче, прости им, зашто не знат што прават” (Лука 23:34).

 Навистина, луѓето не знаат што прават со Христос. Од злобно незнаење, луѓето Го распнаа Христос; од незнаење Го распнуваат и денес. Ако Господ на славата го познаа, немаше да Го распнат (1 Кор. 2:8). Со кротост и смирение Господ дошол во светот. Зар нема поголемо смирение и поголема кротост од тоа Бог да стане Човек, да се облече во трулежно, ограничено, во ништожно човечко тело? Со кротост и смирение Господ излегол од светот, излегол, кротко молејќи се за своите мачители. Луѓето не Го познаваат Христос, затоа Го гонат; тие не знаат какво смирение, колкава љубов, колкава кротост пројавува Бог, кога допушта луѓето да Му судат, да Го плукаат, да Го мачат и убијат.

 Страшно е учеството Христово на земјата и денес, браќа. Секој мој грев, за Него е Велики Петок. Четири мои гревови - и веќе Го распнав Господа Христа. Секој твој грев, брате, за Него е поголема мака, отколку за тебе и за мене. Правиш грев, - ти Го распнуваш! Секоја нечиста мисла, секое похотливо чуство, крешти и вика: “Распни Го! Распни Го”! Не е ли целиот наш живот на земјата непрекинат Велики Петок за Господа Христа? Секој мој грев е клинец што го забивам во раката на кроткиот Господ; секоја моја страст е трн, а сите мои страсти се трнов венец што го плетам на главата Христова. Нашето ругање по Христос денес е пострашно и од она на Евреите. Евреите можеле помалку да веруваат во Христос, зашто Тој сеуште не воскреснал. А ние, пред кои Христос цели дваесет века сведочи дека воскреснал - се исмејуваме со Воскреснатиот Христос, Го плукаме Воскреснатиот Христос, Го распнуваме од ново Христос - и тоа Воскреснатиот Христос. Зар не го распнува Воскреснатиот Христос, свештеникот кој со својот живот ја отргнува од Христос паствата своја? Зар не Го мачи, зар не се исмејува над Воскреснатиот Христос, професорот, наставникот и учителот, кој со своето богоборно учење, Го прогонува Бога од душите на своите ученици? Зар не Го срамоти Христа; зар не плука на Воскреснатиот Христос секој христијанин кој по име се нарекува христијанин?
 А види…?!, Ние постојано Го гониме Воскреснатиот Христос… Како? Како го гониме ние Христос - ќе рече некој, кога Тој не е со нас во тело? Кога не го гледаме Неговото тело? Ох, ние го гониме Христос, браќа мои, кога Го гониме Неговиот дух, кога го гониме Неговото учење, кога ги гониме Неговите светии, кога ја гониме Неговата Црква. Ние го гониме Христос, кога просјакот го гониме, зашто Тој е Тој (Христос), Кој што во лицето на просјакот проси. Ние Го гониме Христос кога не го облекуваме голиот, зашто во неговото лице, Христос е лишен од облека. Ние Го гониме Христос кога на гладниот не му даваме храна, зашто во лицето на гладниот, гладува Христос. Ние Го гониме Христос, кога не го посетуваме болниот, зашто во неговото лице, боледува Христос. Во секој страдалник, страда Христос, во секој тажен, тагува Господ Христос. Од бескрајно човекољубие Тој непрестајно се овоплотува во телото на сите гладни, сите болни, сите жедни, сите тажни, сите несреќни, сите презрени, сите осамени, сите понижени, сите навредени, сите голи, сите прогонети. Тој непрестајно зема на Себе човечко тело; страда со нив, се мачи со нив; се мачи во него, тагува во него. Од неизмерното човекољубие, Тој постојано се изедначува Себе Си со нив: “Вистина ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле” (Мат. 25:40); Доколку не сте го направиле тоа на едено од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле” (Мат. 25:45); Христос се овоплотува во секој христијанин. Слушни што кажува: “Савле, Савле, зошто Ме гониш“(Дела 9:4); Зашто гонејќи ги оние што веруваат во Мене, Мене Ме гониш; плукајќи ги оние што веруваат во Мене, Мене Ме плукаш; мачејќи ги оние што веруваат во Мене, Мене Ме мачиш. “И така, пишува апостол Павле, - грешејќи против браќата и ранувајќи ја нивната слаба совест, вие грешите против Христа” (1 Кор. 8:12).

 Не само Господ Христос, браќа, но и за секој христоносец, животот на земјата е незалезлив Велики Петок. Колку повеќе во себе си Го имаш Христос, толку повеќе те гонат. Ако си Христов, сметај се себеси за: “измет на светот” (1 Кор. 4:13), кој секој го гази, како што Христос го газеле. Кога те проколнуваат,  - благословувај! Кога те бијат, - проштевај! Кога те мразат, љуби! Со трпение победувај ги мачителите, како што Господ ги победи! За злото, враќај со добро - бори се како што Господ Исус Христос се бореше; против гордоста бори се со смирение, против грубоста - со кротост; против омразата - со љубов; против навредите - со прошка; против клеветата - бори се со молитва. Тоа е патот кон победата, пат, кој еднаш за секогаш го поминал Господ Исус Христос и преку страдањата тој пат води кон воскресение. Ние сме на тој пат, на единствениот пат кој завршува со воскресение, ако: ги благословуваме оние што не колнат, ако им правиме добро на оние што не мразат, ако ги љубиме своите непријатели, ако не се гневиме кога не навредуваат, ако се молиме кога не хулат, ако со молитва поднесуваме кога плукаат на нас. Ние со сигурност сме на патот кој завршува со торжествена победа над смртта, ако и тогаш кога нас не распнат, по примерот на Христа, се молиме за своите мачители: “ОЧЕ ПРОСТИ ИМ ЗАШТО НЕ ЗНААТ ШТО ПРАВАТ!” АМИН!!!


Превод: Ристески Борис Гоце

Preminportal.com.mk

Source: https://preminportal.com.mk/duhovnost/katihizis/6089-strashniot-sud-nad-boga

Share:

Example User

All author posts

Related Posts

Image Description
3 years ago

′′ Светлината влегува низ пукнатините на нашата душа..."

  ′′ Светлината влегува низ пукнатините на нашата душа..." ,, На сите жалосни радост “( Писмо до лице кое боледува од психичка болест )Ми пишуваш дека си имал стравови и панични напади, а подоцна како средновечна личност веќе имаш депресија. Истовремено велиш дека копнеeш за духовен живот, дек...

Image Description
2 years ago

Св.Атанасиј Велики - Житие и дела

  св. Атанасиј Велики, с. Журче Во издание на  библиотеката „НЕБЕСНИ ЦВЕТОВИ“ при манастирот на св. Атанасиј Велики, с. Журче излезе  од печат  нова книга:  Св.Атанасиј Велики -  Житие и дела Оваа книга, како и останатите од издавачката дејност на манастирот,&nbs...

Image Description
2 years ago

A залуден е сиот наш ум каде што е потребно видение…! (Омилии)

Светските статистики точно знаат колку милијарди луѓе живеат на Земјата денес. Од тие милијарди живи луѓе ниту еден не знае да каже што ќе се случи co светот на крајот од времето и што ќе стане co нас по смртта. И сите оние милијарди и милијарди човечки суштества кои живееја на Земјата пред нас исто...